// Google analytics code

Нашиот личносен однос со Бог е гледање на лицето Негово

~+~

Главната поента од ова прочитано Евангелско четиво не е чудото дека Господ одел по водата затоа што ништо не е чудно за Оној Кој што создал се од ни од што, туку нашиот личносен однос кон Него, т.е гледањето на лицето Божјо. Исто така слободата во љубовта, љубовта во слободата која што Бог ни ја дава.

Отпосле чудото со умножувањето на петте леба и двете риби, Господ Исус Христос ги испратил апостолите на коработ, а тој останал уште малку време со луѓето. Откако тие се оддалечиле од брегот, тогаш и Тој тргнал по нив одејки по водата. Кога се приближил до бродот каде што биле Апостолите, Апостол Петар побарал да дојде при Него, Исус го повикал и тој пошол по водата гледајки го лицето Божјо.Треба да запамтиме, се додека Петaр гледал во лицето Божјо, тој одел цврсто по водата. Во првиот момент кога се посомневал, во првиот момент кога одговорил на надворешните искушенија – ветровите, тој го свртил својот поглед од Бога, почнал да пропаѓа и паѓа во водата(искушенијата). Тоа значи дека се во нашиот живот, треба да правиме пред лицето Божјо и во се да бидеме исправни пред Бога и да го гледаме Христос пред нас. А се она кое што го попречува тој пат и се она што не’ попречува да го гледаме лицето Божјо, едноставно треба да го отстрануваме. Тоа се тие надворешни нешта што доаѓат од страна. Тоа се нашите помисли, тоа се искушенијата од страна, тоа се предизвиците во животот во кои што ние повторно и повторно треба да го гледаме прво Христос и понатака преку Него да ги решаваме сите нив.

Ние, за жал, сеуште грешиме и на дело со видливи гревови, a тоа ни покажува колку само сме далеку од Бога и од гледањето на лицето Божјо. Грешиме и со зборови исто така. Се навредуваме, се повредуваме, озборуваме, судиме, говориме глупости, невистини и непотребни работи. Но треба да внимаваме и на помислите, затоа што и секоја грешна помисла е грев и повторно свртување на нашиот поглед од лицето Божјо. Ветрот во настанот ги претставува, не само надворешните искушенија, туку и помислите, а сето тоа е негледање на лицето Божјо.

Се започнува од помислата. Кога на некоја надворешната демонска помисла ќе и обрнеме внимание таа веќе влегла во нас и зазела простор. И повторно, ако не ја отфрлиме таа зазема уште поголем простор и прераснува во чуство и енергија и понатака се додека таа не се оствари на дело. Единствен начин на кој што ние можеме да се зачуваме е да ја игнорирамe и само да го гледаме лицето Божјо, односно да имаме постојана, непрестајна Исусова молитва и дела според Бога. Треба да се трудиме, да ја кажуваме молитвата во секое време на секој час, и да се сеќаваме на Бог, а тоа е, повторно ќе речеме, да го гледаме лицето Божјо. На тој начин да ги отфрламе сите помисли. Особено оние помисли кои што ни доаѓаат како соблазни, како и оние кои што ни доаѓаат како “добри” предлози кои што подоцна ќе се покаже дека се лоши. Исто така и тие се обиди на нечестивиот да не отргнат од гледањето на лицето Божјо, однoсно, од Бога.

Гледањето на лицето Божјо, во овој „иконичен“ век е гледањето во лицето на духовниот Отец. Во него го спознаваме Бог и затоа со него се консултираме и исповедаме за секоја наша помиcла и за се она што ни се случува во духовниот живот. Затоа треба и да го слушаме во се. Во спрoтивно е одење по разбрануваното море на искушенијата и наше пропаѓање. Ние не сакаме да се исповедаме, затоа што не сакаме да го слушаме. А не сакаме да го слушаме затоа што сакаме да си ја исполнуваме својата волја(своите страсти), се сакаме себеси повеќе од се и се ставаме себе си на центарот, на местото на Бог. И сето тоа е негледање на лицето Божјо, и свртување настрана, и наше пропаѓање.

Исто така, и преку лицето на другиот ние го гледаме лицето Божјо. Бог се истоветува co секој човек, а тоа e, преку секој еден човек ние да го гледаме лицето Божјо. Нашиот однос према нашиот ближен е всушност нашиот однос према Христос, кој и да е тоа. Било тоа да е наш пријател, било да е непријател, било да е роднина или некој туѓинец, било да е некој угледен или неугледен човек, било да е грешник или праведник, во секого треба да го гледаме лицето Божјо.

И гледате во евангелскиот настан, само откако повторно Петар се свртил кон Бога, го погледнал лицето Негово, Бог веднаш му испратил помош. Ја подал Неговата рака за да го спаси. Колку тој и да викал по овој или оној човек, да се жалел за оваa или за онаa ситуација, да се оправдувал или што да е нешто друго, немало ништо да му помогне и се повеќе и повеќе ќе пропаѓал. Но тој го направил вистинското, се покајал и повторно погледнал кон Бога.

Во овој момент се покажува втората наша мисла која ја потенциравме на почетокот, љубовта во слобода и слобода во љубов. Прво Петар погледнал во лицето Божјо и тогаш Господ ја дава Неговата рака. Бог ништо не прави против нашата слобода и против нашата волја. Тој бара соработка со нас, ако ние сакаме. Во истиот момент кога ние го бараме Бога и Бог е со нас. Во тој момент кога не го бараме, Бог не е со нас и тоа е љубовта Божја и слободата што ни ја дава. Преку нашата слобода, тој ни ја покажува љубовта, зашто нема љубов ако некој ни ја скратува слободата. Страшното за нас е кога не сме со Бога и кога Бог не е со нас, знаеме кој е и знаеме со кој сме, а кај него нема толеранција. Демонот ни ја узурпира слободта зашто нема тронка љубов во него.

И затоа треба се во нашиот живот да се трудиме да бидеме со Бога. Да го споредуваме нашиот живот и корегираме нашиот живот според Божјиот живот. Нашата волја, според Божјата волја. Нашите мисли, според Неговите мисли. Нашите зборви, според Неговите зборови и Нашите дела, според Неговите. Така да го контролираме нашиот живот дали е исправен или не исправен. Не да се споредуваме со некој друг, а најчесто имаме тенденции да се споредуваме со лошите примери и сакаме со тоа да се оправдаме за нашите лоши дела. Нас не не итересира дали овој направил така или онаа не направила така, туку едноставно само како Христос направил. Како Христос одговорил во дадена ситуација, на даденото искушение, така и ние во дадениот момент треба да постапуваме.

На крајот, повторно ќе речаме, се она што не одделува од лицето Божјо и застанува како препрека помеѓу нас и Бога, па не можеме да го видиме Бога, сето тое е искушение и сето тоа е од демонот, сето тоа е на наша штета и треба да го отстраниме.

Нека Господ Исус Христос ни помага во тоа, ни ја даде Неговата благочестива рака на нас маловерните и ние да влеземе со Него во коработ овде на земјата, која што е Црквата и царството небесно кое што е вечноста, кое што ни следи.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

06 / 08 / 2023


About The Author