// Google analytics code

Нашиот живот е на небото

130012.b Познато е дека Господ за време на Својот овоземен живот зел со Себе тројца Свои ученици: Петар, Јаков и Јован, се качил со нив на Тавор и таму, преобразувајќи се, се покажал во Својата слава пред нив. За време на молитвата Неговото лице станало светло како Сонцето, а Неговата облека бела како снег. Во славата Му се јавиле Мојсеј и Илија, и на крајот, светол облак ги покрил апостолите, а од него се чул глас:

„Ова е Мојот возљубен Син, Кој е според Мојата волја: Него послушате Го“.

Со Своето Преображение Господ им покажал на учениците на кој начин сака да дојде во Последниот ден: во слава на Своето Божество и во тело на Својата човекова природа. Ги земал на планината за да им покаже Кој е и Чив Син е. Бидејќи, кога ги прашал: „ За кого Ме мислат луѓето?“, тие Му одговориле: „Едни за Илија, други мислат дека си Еремија или некој од пророците“. Токму поради тоа Тој ги однел на планината и им покажал дека Тој не е Илија, туку неговиот Бог, и дека не е Еремија, туку Оној Кој го осветил во утробата на неговата мајка, и дека Тој не е еден од пророците, туку Господар на пророците и Оној Кој ги праќал на проповед. И уште им покажал дека Тој е Создател на небото и земјата и Господ на живите и мртвите. Затоа што Тој му заповедал на небото и им го покажал на луѓето пророкот Илија, ѝ заповедал на земјата и го поставил Мојсеј. И ги повел на планината учениците за да им покаже дека Тој е Божји Син, роден пред вековите од Отецот и подоцна воплотен преку Дева, Тој Кој се родил на неискажлив начин, и Кој ја зачувал девственоста на Онаа Која Го родила, и дека таму каде што Бог сака, таму се победуваат законите на природата. Ги качил на планината Своите ученици за да им ја покаже Божјата слава и за да ги увери дека Тој е Оној Кој ќе го спаси Израилот, што и посведочил преку пророкот. И им ја покажал Својата слава за да не се соблазнуваат од Него кога ќе ги видат Неговите доброволни страдања, кои сакал да ги претрпи со Својата човечка природа. Луѓето Го виделе како човек и не знаеле дека Тој е Бог. Го знаеле како син на Марија, како човек кој со нив живее во светот. А Тој и нам, на планината, ни покажал дека е Божји Син и Бог. Луѓето виделе дека Тој јадел и пиел, дека работел и одмарал, спиел, се плашел и се потел, што не било својствено за Неговото Божество, туку за Неговата човечка природа. Токму затоа Тој ги качил на планината, за Отецот да Го објави Синот и да им покаже дека Тој навистина е Негов Син и Бог. Ги зел Своите ученици и им го покажал Своето Царство уште пред Својата смрт, и Својата сила и слава пред страдањата, и Својата чест пред Неговото понижување, за кога Тој ќе биде фатен и распнат, тие да сфатат дека не бил распнат поради неопходност, туку од љубов, заради спасение на светот. На учениците им ја покажал славата пред Воскресението, за кога ќе воскресне од мртвите сите да ја разберат славата на Неговото Божество и да знаат дека таа слава Тој не ја здобил со посредство на напор, како некој кој се молел за неа, туку дека таа слава постоела пред вечноста, заедно со Отецот и Светиот Дух, како што Тој и вели, одејќи на доброволното страдање: „Оче, прослави Ме со славата која ја имав од Тебе уште пред да го создадеш светот“. Таа слава на Своето Божество, совршено ја покажал на планината Тавор, бидејќи сведоците, Неговите ученици, го виделе Неговото светло лице налик на молња и Неговата облека бела како снег.

Според тоа, Господ се преобразил пред Своите ученици за да им покаже на кој начин Тој сака да дојде во Последниот ден, за да не се соблазнуваат од Него кога ќе ги видат Неговите доброволни страдања и да се уверат дека Тој навистина е Божји Син и Бог. Но, браќа, зарем Господ, и на апостолите, и на сите нам, со Своето преображение не ни покажал и дека вистинската среќа и нашето блаженство не е тука на земјата, туку на небото, и дека сите сме повикани да бидеме наследници на небесното, а не на земното царство? Се разбира, така е. Затоа што токму на тоа укажуваат и Мојсеј и Илија кога се јавуваат во Неговата слава, а од друга страна, и светиот апостол Павле, кој вели дека нашето понизно тело Господ ќе го преозбрази за да биде сообразно на Неговото славно тело. „Нашиот живот е на небото, нѐ учи тој, од таму го очекуваме и Спасителот Исус Христос, Кој ќе го преобрази нашето понизено тело, така што тоа ќе стане подобно на Неговото славно тело, со силата, преку која Тој може и да потчинува под Себе сè“. А ако е така, тогаш да ја оставиме приврзаноста за земното и за распадливите богатства.

Да се потсетиме дека Божјото Царство не е од овој свет (Јов. 18, 36) и дека треба да мислиме на она што е горе, а не на земјата (Кол. 3, 2). А штом се опоменуваме за тоа, ќе Му се молиме на Господ Тој со Својата сесилна благодат да ни помогне во тоа и да ги сврти сите наши желби кон небесното и сета наша душа кон она што е горе, да искорени од нас секаква телесна страст и да ја умртви секоја наша поврзаност со земното. Да, браќа, навистина, што има на оваа земја? Таа за нас е туѓина, а небото ни е роден крај. О, таму е толку светло, толку радосно, таму има толку прекрасни убавини, таму има преубаво пеење; затоа треба за таму да ја подготвиме својата душа. Амин.

Преподобен Ефрем Сирин


About The Author