// Google analytics code

Направете го вашиот живот поедноставен затоа што едноставноста одмора – Старец Пајсиј Светогорец

elder_paisios_the_athonite10_mediumАко луѓето се оддалечуваат од природниот, едноставен начин на живот, стремејќи се кон удобностите, така ја зголемуваат напнатоста и не наоѓаат мир. „Пријатниот живот“, поминат во духот на овој свет и неговата среќа, раѓа светска напнатост. Надворешното образование, кое ја растројува човечката душа, секојдневно води стотици луѓе на психоанализа кај психијатар. (Душевните болници се во пораст, психијатрите завршуваат разни специјализации, но повеќето од нив не веруваат во Бога, ниту го прифаќаат постоењето на душата. Како тогаш ќе можат таквите луѓе да му помогнат некому, кога и самите тие се преполни со напнатост?)
Кога човекот ќе ја сфати подлабоко смислата на животот, напнатоста отстапува. Кога ќе видиме човек, кој и покрај тоа што има сѐ, напнат, загрижен и тажен, знаеме дека му недостига Бог. На крајот на краиштата, богатството само по себе ги мачи луѓето, бидејќи материјалните работи не ја исполнуваат душата – тоа е двојна мака. Сласта која со себе ја носи едноставноста, луѓето сѐ уште не ја вкусиле.

 
Наместо да ги поедноставувате работите, за да не губите време, вие вложувате во „многувременото“, сакате сѐ да биде совршено и се измачувате со тоа. Би требало да барате совршенство во духовните работи. Не ги трошете своите сили на надворешната убавина. Разубавете ја својата душа!
Убавите и привлечни работи не ги успокојуваат луѓето, затоа што сето тоа еден ден ќе се претвори во прав. Душата вреди повеќе од целиот свет.
Христос ќе нѐ праша како духовно сме му помогнале на светот и какво духовно дело сме направиле, а не какви ѕидови сме изѕидале. Нив нема ни да ги спомне. Не велам дека не треба да се гради, но тоа треба да се прави како што треба, зашто прво треба да биде духовното дело, а по него сѐ останато.
Луѓето кои се светски настроени, велат: „Блазе на оние што живеат во палати и имаат удобност“. Но вистински се блажени оние што успеале да го поедностават животот, да се ослободат од стапицата на светскиот напредок и така да се спасат од ужасната напнатост на нашето време. Ако човекот не го направи животот едноставен, многу ќе се мачи.
Сега на сите ви нагласувам, и на монасите и на мирјаните, едноставноста е многу важна. Многу од тоа што го прават луѓето не е неопходно, затоа и ги јаде напнатоста. И повеќето разводи потекнуваат од премногуте обврски, од кои може да те заболи глава. Двајцата работат, и таткото и мајката. Децата остануваат сами во домот. Заморот, нервозата, мали проблеми, големи расправии, и автоматски настапува разводот.
На денешниот човек потполно му е туѓа радоста на монашкиот живот. Не размислува дека треба од нешто да се одрече, дека треба малку да се помачи. Мисли само за тоа како другиот е успешен и направил две висококатници, третиот научил пет јазици, а тој ништо. Ќе купи подобар автомобил, но повторно ќе биде незадоволен, затоа што некој друг ќе има уште подобар. На таквата мака ѝ нема крај!
Неблагодарноста и алчноста се големи зла! Човекот е обземен со материјалните работи и секогаш е обземен со грижи и напнатост…
Подлабоко размислувајте за смислата на животот. „Најнапред барајте го небесното Царство.“ Оттаму потекнува едноставноста и правилното поставување на сѐ.
 

 


About The Author