// Google analytics code

Молитва призив на Светиот Дух – свети Симеон Нов Богослов

Дојди, Светлино вистинска.

Дојди, Животу Вечен.

Дојди, тајно сокриена.

Дојди, ризницо безимена.

Дојди, неизречен.

Дојди, Лице недостапно.

Дојди, непрестајно радување.

Дојди, светлино невечерна.

Дојди, вистинска надеждо на сите што сакаат да се спасат.

Дојди, подигнување на легнатите.

Дојди, воскресение на мртвите.

Дојди, семоќен сесоздателу, кој преобразуваш и изменуваш сè само со волјата.

Дојди, невидлив, потполно непристапен и недопирлив.

Дојди, Ти Кој секогаш пребиваш неподвижен и во секој миг се придвижуваш и доаѓаш кон нас, кои лежиме во адот,

Ти, Кој пребиваш над сите небеса.

Дојди, име препосакувано и постојано провозгласувано; да се каже пак, што точно си Ти, каков си и од каков род, за нас е потполно невозможно.

Дојди, радост вечна.

Дојди, венецу невенлив.

Дојди, порфиро на великиот Бог и Цар наш.

Дојди, појасу кристаловиден и украсен со драгоцени камења.

Дојди, подножје непристапно.

Дојди, царска багреницо и навистина самосилна десницо.

Дојди Ти, Когошто го засака и сака мојата несреќна душа.

Дојди, сам кај самиот, бидејќи јас сум сам, како што гледаш.

Дојди, Ти Кој ме оддели мене од сите и ме направи самотник на земјата.

Дојди, Ти Кој самиот стана желба во мене и ми направи и јас да Те посакам Тебе, совршено непристапниот.

Дојди, дишење и животу мој.

Дојди, утехо на мојата понижена душа.

Дојди, радост и славо и бескрајно блаженство мое.

Ти благодарам, што Ти, Кој си Бог над сите, стана еден дух со мене неслиено, неменливо, неизменливо, и Самиот стана за мене сè во сè: храна неискажана, потполно дарум дарувана, која постојано се излева во устата на мојата душа и која обилно тече во изворот на моето срце, облека што блеска и ги гори демоните, очистување, кое ме измива со непрестајни и свети солзи, коишто Твоето присуство му ги дава на оној, кај кого Ти доаѓаш.

Ти благодарам, што Ти стана за мене ден невечерен и сонце незаодно – Ти, Кој немаш каде да се скриеш, и Кој сè одеднаш исполнуваш со Твојата слава. Та Ти никогаш од никого не си се криел, туку ние, не сакајќи да доаѓаме кон Тебе, самите се криеме од Тебе. Па и каде да се сокриеш Ти, Кој никаде немаш место за успокојување? Или зошто би се сокрил Ти, Кој од никого не се одвраќаш крајно, од никого не се гнасиш?

И така, всели се во мене сега, Владико, и живеј и пребивај во мене, Твојот слуга, Благи, неразделно и неразлучно до смртта, та и јас при мојот исход и по мојот исход во Тебе да бидам, Благи, и да соцарствувам со Тебе – Бога, Кој е над сите.

Остани, Владико, и не ме оставај сам, та моите непријатели, кои секогаш сакаат да ја проголтаат мојата душа, кога ќе дојдат и ќе Те најдат Тебе како пребиваш во мене, потполно да избегаат и да не се зацврстат против мене, кога ќе Те видат Тебе, посилниот од сите, кој се успокојува внатре, во домот на мојата смирена душа.

О, Владико, како си спомна Ти на мене, кога јас бев во светот, и не Те знаев, Самиот Ти ме избра, одделувајќи ме од светот и пред лицето на Твојата слава ме постави, така и сега со Твоето живеење во мене сочувај ме секогаш внатре стоејќи и неподвижен. Та, непрекинато созерцувајќи Те, јас, мртвиот, да живеам и, имајќи Те Тебе, јас, секогаш бедниот, да бидам богат и побогат од сите цареви и, вкусувајќи и пиејќи Те Тебе и во секој час облекувајќи се во Тебе, јас сега и во иднината да се насладувам со неискажливите богатства. Бидејќи Ти си секое богатство и секоја радост, и Тебе Ти прилега слава на Светата и Едносуштна и Животворна Троица, во Отецот и Синот и Светиот Дух почитувана, познавана, поклонувана, на Која ì служат сите верни сега, и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Превод од руски:

Ѓакон Јани Мулев

Ортодоксија и ортопраксија


About The Author