// Google analytics code

Млакоста Пилатова ќе нѐ убие – Митрополит Европски Пимен

Pimen.intervju3Црквата треба да е совест на општеството и на секоја власт што го води, да искритикува очигледни злоупотреби, а не да бидеме доживувани како приврзок на секоја власт, како декор при поставување темели или при сечење црвени ленти.

Македонскиот човек и верник е исправен пред многу искушенија во секојдневната борба за голо преживување, стресот, неизвесноста. Што би им порачале спроти празникот Божиќ?
– Не е човекот создаден само за голо преживување на земјата, за победување на стресот и неизвесностите. Тој е создаден за да биде совршен како што е совршен нашиот Отец небесен. Создаден е да се бори против ропството на гревот, за што се роди и самиот Христос, за да нѐ ослободи од тоа ропство и да нѐ воведе во живот вечен. Во таа борба човекот не смее да биде млак и да се задоволува со корка леб само за себе, кога гледа дека друг му ја зема и таа корка. Господ вели дека доаѓа да донесе не само мир, туку и меч на земјата (Матеј 10,34), но не буквално меч со кој би го убиле братот, туку меч како симбол на револуционерен дух за остварување на основните човекови права и зачувување на верата во Бога. Тоа е наше давање на Бога, наша саможртва, а не барање жртва. Христијански е да го завртиме и другиот образ кога некој нѐ удира по десниот, но, исто така, христијански е и со каква мера ни мерат, со таква и да мериме. Да го бараме Царството Божјо и неговата правда, т.е. совршенство и живот вечен, а сѐ друго ќе ни се придодаде. Правилната духовна борба не предизвикува стрес.

Кое е значењето на постот и молитвата во градењето на верата и духовноста?
– Христијанскиот пост има две компоненти: телесна и духовна. Телесната компонента ѝ помага на духовната и со тоа треба да го „измори“ телото за преку тоа да се изморат и страстите, кои го влечат телото кон страст, похота и грев. Со контрола врз страстите, полесно се практикува духовниот пост, што ни ја зајакнува молитвата. Духовниот пост поцврсто ни ги зајакнува верата и духовноста, но сепак еден без друг не можат или, како што вели еден наш светител, постот и молитвата се двете крила што го вознесуваат човекот кон Бога. Во случај на болест телесниот пост се решава, бидејќи самата болест го постигнува ефектот на телесен пост.

Сѐ уште се кршат копјата за унифицирањето на датумот на големите христијански празници. Од практични причини дел православни држави го направија тоа со Божиќ. Каков е ставот на Синодот по ова прашање?
– Секоја година во овој период се актуализира ова прашање. Ќе повторам дека прашањето на календарот не е догматско прашање и може да се промени. Но, од друга страна, од искуството на другите помесни цркви што го промениле знаеме дека е неминовен раскол помеѓу самиот клир и меѓу верниот народ, па затоа сметаме дека не ни е време да се изложиме на уште едно меѓусебно делење.
За годинашниот празник „Св. Никола“ на верниците им предложивте, наместо да носат масло, крпи и чорапи в црква, да донесат по една кадифена играчка, а играчките предновогодишно да им се подарат на децата во детските домови и специјалните училишта. Какви беа реакциите и ефектите од оваа идеја?
– И самиот бев пријатно изненаден од прифатеноста на идејата, но и од самиот одѕив. Не можам да кажам конкретна бројка на собрани играчки, бидејќи секоја епархија собраните играчки ги подели онаму каде што сметаше дека ќе донесат најмногу радост. Сепак, станува збор неколку стотици, можеби илјада подарени играчки. Она што особено ме радува е што луѓето бараат оваа идеја да прерасне во традиција на дарување, а секое дарување треба да произлезе од нашето срце и наменето во слава на Бога за оние што имаат потреба од внимание и љубов.

Црквата долго време како да ги имаше заборавено и децата со попреченост. Се сменија ли работите во меѓувреме? Се обидувате ли да стигнете некако и до нив и да им дадете утеха и надеж на овие семејства?
– Не би рекол дека црквата сосема ги имаше заборавено овие деца и нивните семејства. Јас сум сведок на чести заемни посети со овие деца. Доаѓале во манастирот, сме оделе и ние кај нив, но немало можност сето тоа да се објави за народот да ги види таа заемна комуникација и љубов. Сега, кога секој од нас има свој медиум преку социјалните мрежи, многу полесно се организираат акции, се дава личен пример за учество и во тоа преку нас Христово човекољубие. Сепак, тоа е меч со две сечила, бидејќи едни ќе те пофалат и ќе го следат твојот пример, а други ќе те осудат дека се фалиш со својата хуманост, која според Христа треба да е тајна.

Сегашната власт вложи многу во обновата на старите и во изградбата на нови црковни објекти. Дали ова е вистинскиот начин да се стигне до верниците и тие да се омасоват?
– Се согласувам дека за време на оваа власт се изградија многу нови храмови, но не се согласувам дека е вложено во обнова на старите храмови, бидејќи археолошката заштита беше насочена главно кон античките претхристијански локалитети, каде што не спаѓаат христијанските храмови од среден век. Градењето на многу нови цркви може да е начин на приближување кон народот, само ако тие се градат според духовните и пастирски потреби на одредена парохија, а не како урбано декоративно оплеменување на просторот, или како украси на крстоносци, или за опонирање на некои нехристијански верски објекти. Целта е литургиски да се собереме и да изгради Бог од нас тело Христово, а не да имаме само објекти што парохијата ќе ја прават расцепкана.

Невообичаено сте отворен и директен кога станува збор за работите што се случуваат во актуелниот политички и општествен живот, што не е типично за црковните великодостојници. Се менува ли полека и имиџот на православниот свештеник?
– Токму тоа и ме води кон отвореноста и директноста, потребата да се разбие одамна изградениот стереотип за свештенството. Според тој стереотип, испаѓа дека ние сме една самозадоволна институционализирана клирикална каста, која плашејќи се да не го изгуби комодитетот, живее надвор од секојдневието. Црквата треба да е совест на општеството, па и на секоја власт што го води општеството, да искритикува очигледни злоупотреби, а не да бидеме доживувани како приврзок на секоја власт, како декор при поставувањето темели или при сечење црвени ленти. Поблажено е да се дава отколку да се зема, а давањето не е само материјално, туку пред сѐ е духовно, наше давање на Бога, на ближниот, на народот.

Го преживеавте нападот и на премиерот, кој јавно ве искритикува дека не сте личеле на владика, но и покрај тоа сѐ уште сте еден од најсаканите владици, особено меѓу младите. Како обично се справувате со ваквите напади?
– Секое зло за добро е обично и боготокриено. Критиката за „мојата желба за визибилност“ одекна како добар маркетинг кај народот. Одолеав на ваквите напади со тоа што секој од нас христијаните го има на ум тоа дека на Христа, кој е совршен Бог и совршен човек, му најдоа „мана“ и го распнаа, па колку полесно би се справиле со нас како луѓе што имаат свои слабости. Утехата ни е во зборовите Христови: ако мене ме гонеа и вас ќе ве гонат, но и не забораваме дека ние не го избравме Христа, туку тој нѐ избра нас за да принесуваме плод на љубов, по која треба да бидеме препознаени.

Сѐ повеќе свештеници се активни и на социјалните мрежи. Дали е ова добар начин да му се доближат на обичниот човек?
– Секако дека социјалните мрежи (оти сакале или не поголемиот дел од луѓето се таму) се добра можност за приближување кон обичниот и честопати незаинтересиран човек за духовен живот. Лично сметам дека за човек да се отвори кон свештено лице за контакт и совет, треба свештеникот да го препознае како еден од нас, еден од обичните луѓе. Ако свештеникот преку социјалните мрежи ги споделува своето секојдневие, своите ставови и знаење на ненаметлив начин, многу лесно многумина ќе го препознаат како свој пријател и ќе се обратат за совет од него кога ќе почувствуваат потреба за тоа. Поинаку, само во крајна нужда народот се обраќа кон првиот свештеник на кој ќе наиде.

Граѓаните и натаму негодуваат за животот на висока нога на црковните великодостојници. Како да се надмине овој јаз и повторно луѓето да ги најдат својата вера и своето огледало во духовниците?
– Овој јаз, за жал, никогаш не ќе може да се надмине целосно. Секогаш ќе има луѓе што својата одбојност и мрзеливост да дојдат во црква ќе ја оправдуваат преку својата експертска економска процена на нашиот возен парк или преку нашиот хедонизам. А и некако е полесно да зборуваат за нас отколку за себе, некако повеќе „пали“ да се зборува за попот, кој никогаш нема да те обвини за претрпена душевна болка, оти се подразбира дека тоа треба да му е подвиг. Тоа секако не нѐ оправдува и нас да не преземеме чекори кон потенцирањето на нашата скромност. Споменав дека императив треба да ни биде стремењето кон обичноста, пред сѐ да се ползуваме од слободата Христова за да бидеме огледало на народот и да укажуваме на она што е полезно и потребно.

Во неколку наврати реагиравте за сечата на дрвјата во Скопје. Градот годинава бележи незапаметена загаденост што одзема човечки животи, а сечата продолжува. Како овие прашања да станат приоритет кај сите институции?
– Чудно е тоа што многу помалку реагираме на причините отколку на последиците. Не реагираме за сечата, не реагираме за набавката на автобуси наместо трамваи, не реагираме на претераната централизација на Скопје, па секој од нас од провинција, да мора да доаѓа со свое возило тука, и за најмала потреба. Не реагираме на непоставувањето филтри поради заканите дека „подобро“ би престанале со работа одредени фабрики отколку да вложат во филтри, не реагираме на енормно високите цени на парното и дрвото за огрев и со тоа отвораме можност за алтернативно греење на секој отпад што ќе го најдеме на градилиште, па искрено речено не реагираме достојно ни на загадувањето. Не реагираме ни лично ни институционално, а ова нереагирање ни се одразува на личното здравје и живот. Ако тоа не е доволна мотивација за личен бунт за почист воздух, не гледам како некоја институција би се мотивирала да ја подигне барем свеста ако веќе не презема конкретни чекори. Млакоста Пилатова ќе нѐ убие.

Руските научници неодамна го докажаа благотворното влијание на молитвата за целокупното здравје на човекот – физичко и ментално. Дали науката и религијата полека ги приближуваат своите ставови по некои прашања?
– Денешните научни методи потврдуваат многу работи. Тоа значи приближување на ставовите по некои прашања што радува, но од друга страна и треба да загрижува. Треба да загрижува тоа што живееме во времиња кога ни треба научна потврда на верата. Ако верата се потврди и научно, таа во истиот момент станува знаење. А знаењето не е она што нѐ води кон вечниот живот, туку верата.
Ќе повторам, сепак е убаво да бидеме и сите ние дел од оваа радост.

Божиќ е еден од најголемите христијански празници. Во текот на празнувањата честопати забораваме на изворното значење и длабокохуманата порака на овој празник. Ќе нѐ потсетите ли на неа?
– Пак и пак се потсетуваме на нашиот Спасител непрестајно низ молитва кога го изговараме неговото име, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ. Соборно тоа го правиме преку литургијата кога се причестуваме со неговото тело и крв, кога изворно учествуваме во секој празник, па и во овој посветен на раѓањето на Богомладенецот што го озари светот со својата светлина. Пеејќи ги овие стихови од тропарот на празникот, исповедаме дека Христос е истовремено светлина и живот на светот, исполнување на секое знаење и избавител на целокупното постоење. Како што велите, тој се покажува и како симбол или знак и секој што ја исполнува волјата на небесниот отец е Христов брат, сестра и мајка. Кога гледаме дека и Христос се поистоветува со секој човек – гладниот, жедниот, необлечениот, странецот, болниот и затвореникот, ја разбираме и православната антропологија или според вас, длабоката хуманост, а тоа е раѓањето и присуството на Исус Христос во срцата на оние што веруваат во Бога и постапуваат со и според Христа кон секого и сѐ.

 

Извор: http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1416185056&id=16&prilog=0&setIzdanie=23654#.Vo17Z5sIw88.facebook


About The Author