Митрополит Тимотеј: Рождество на Пресвета Богородица
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска сета вселена ја прославува појавата на најсовршеното Божјо создание во светот. Со голема радост како земната, така и небесната Црква ја прославуваат неневесната невеста. За неа ликуваат и торжествуваат и ангелските чинови, воспевајќи ја со зборовите: „Радувај се благодатна!“ Која е оваа Царица небесна, која е прва по Бога и после Бога? Со нејзините совршенства ја надминува и пламената љубов на архистратизите Господови. Со чистотата и непорочноста, таа го надминува духовниот свет, а со силата и моќта е помала само од Седржителот. Света Богородица се раѓа во овој грешен свет, но нејзиниот подвиг и покорност ја издигнува до најголемите висини, надминувајќи ги пречките на во овој гревовен свет.
Прекрасни биле првите луѓе Адам и Ева, насладувајќи се со чест и радост во рајската градина. Но, сѐ се изменило со нивното гревопаѓање. Се измениле и самите тие, а и светот околу нив. Поради нивната гордост и непослушност, прародителите биле протерани од рајот и со мака и пот го заработувале својот суров опстанок. Историјата на паднатиот човечки род претставува слика на која може да се видат неправди, лукавства, лаги, насилства, нечистотии и запустувања. Може да се рече дека такво создание какво што е човекот е непотребно и недостојно за совршениот Создател и многупати заслужувало да биде уништено. Но, патиштата Божји се неисцрпни и непознати на човечката мисла. Во овој светски хаос и свет кој лежи во зло, Седржителот сеел семиња, давајќи им благопријатна роса и создавајќи таква убавина, на која и ангелските сили се чуделе. Со посебна љубов, Господ ја подготвувал почвата за објавување на многусенчестото дрво под кое многумина ќе се засолнуваат. Господ го подготвувал патот за онаа која ќе биде достојна девствена мајка на Синот Човечки и Синот Божји.
Преку целиот долг период кога светот престојувал во грев, Бог промислувал и подготвувал и поткрепувал една нитка на праведни и свети луѓе. Во секое поколение на тој начин ја сочувувал духовната ризница. Круна на оваа нитка биле смирените Јоаким и Ана кои преживувале најголем презир заради нивната неплодност, но во тоа истрајале покорувајќи се на волјата Божја. Колку интересен момент е оној во кој архангелот ѝ јавил на праведната Ана дека во стари години ќе добие дете. Таа покорно воскликнала: „Жив е Господ мојот Бог“. Таа дала ветување дека ако добие пород, ќе го даде во служба на Господа. Во овие зборови како да се слушаат зборовите на покорност кои подоцна пред архангелот ќе ги каже нејзината ќерка: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои“ (Лк. 1, 38). Така, во светот помрачен од гревот засветила пресветата Дева Марија – новата Ева, преку која Господ предвидел дека ќе се скрши главата на древната змија, односно на ѓаволот.
Првата Ева, прамајката на човечкиот род е создание кое е излеано од рацете на самиот Создател. Додека сè уште била неосквернета од грев, таа била неизмерно убаво суштество и по тело и по душа. Но, колкаво задоволство почувствувал злобниот непријател Божји, кога успеал да ја прелаже Ева и да ја насочи против Бога, а потоа да ѝ се потсмева и неа и на целиот човечки род, кој потекнал од неа. Така, човештвото станало игралиште за гревот, тонејќи во злото и потопувајќи го со себе сиот свет. Но, гордиот кнез на темнината не видел каков пораз и срам за него подготвил семоќниот Бог. Седржителот сега му подготвил ново посрамување на нечестивиот, бидејќи од родот човечки Господ ја вознел на небото Царицата небесна, токму на местото на паднатата Деница.
И ние денеска, прославувајќи го нејзиното рождество, да не заборавиме дека света Богородица со нејзините подвизи и послушност на волјата Божја ги надминува сите небесни ангелски сили. Нејзината сила и моќ е неопходно потребна на сиот човечки род. Таа има сила и можност да се застапува за нас и да ги принесува сите наши молби и прозби кои ги упатуваме кон севишниот Бог. Да се помолиме таа да се застапи за исполнување на нашите молби, и тоа на оние кои вистински ни се потребни и не водат кон спасение. Пресвета Богородице помагај ни.
Амин.
Митрополит Тимотеј
21 – 09 – 2020