Митрополит Струмички Наум: Неправедно богатство
Деца, го слушнавте денешното евангелие: „И Јас ви велам: создадете си пријатели со неправедно богатство, па кога осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта“ (види: Лука 16, 1–10).
Кој е тој несправедлив настојник; со какво неправедно богатство управува и располага; и зошто Господ го пофалил?
Секој еден од нас е несправедлив настојник. Ако сега не ти е јасно – читај понатаму.
Неправедно богатство е сѐ она што Бог ни го дарувал и надвор од Црквата, а уште повеќе сѐ она внатре во Неа. Самото наше постоење и целиот наш живот е дар Божји, а камоли благодатната можност што во Црквата ја добиваме за благобитие и за вечно благобитие. Со сите овие природни и благодатни дарови ние слободно управуваме и располагаме.
Господ го пофалил несправедливиот настојник затоа што, на крајот од управувањето, му текнало дека не со свое богатство располага, туку со туѓо, и така полесно можел да се истргува со должниците; оти туѓото со кое располагаш ти доаѓа како некој вишок.
Така и сите ние (а посебно оние што се поставени на високи позиции во која било област од животот на општеството), ако простуваме и ако покажуваме милост, со конкретна помош, кон оние кои душевно и телесно страдаат, само од нашиот вишок – од сѐ она, духовно и материјално, со кое Бог нѐ дарувал, ќе бидеме пофалени од Господарот на нашите животи, односно откако крајно ќе осиромашиме од живот, ќе бидеме примени во вечните живеалишта.
Е, сега, ако се вложиме себеси со целото свое срце, со целиот свој разум, со целата своја душа и со сите свои сили во Божјото дело и ако согориме во тоа давање, за спасение на човекот и светот, тогаш нашиот Небесен Отец за друго ќе нѐ смета и со други зборови ќе ни се обрати, односно не како на настојници, туку како на законски наследници и сопственици.
Што ли тогаш човек, и како, да каже за Богородица и Секогашдева Марија? На несправедливиот слуга, вообичаено, на крајот од животот му текнува дека сѐ е суета и ништавило пред неизбежната и неискажлива средба со Живиот Бог, а малата Марија на почетокот од својот живот согоре во Светињата на Светињите, во копнеж за лична средба со Оној Кој што Е – Вечносуштниот, за на сите нас да ни засветли вечно, како Светилник на несоздадената светлина, кој нѐ води и спасува низ бурното море на овој живот, кон сигурното пристаниште на Очевите прегратки, преку Христос во Светиот Дух.
Пресвета Богородице, спаси нас!
Митрополит Струмички Наум
(03.12.2020 )
http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7353