// Google analytics code

Митрополит Струмички Наум: Вознесение или превознесување?

Ascension-Icon~+~

Господовите празници се убава можност да се потсетиме на некои клучни настани кои го овозможуваат нашиот духовен живот во Православната Црква.

Ако Синот Божји не се симнеше на земјата меѓу нас, воплотувајќи се од Светиот Дух и Дева Марија (со Нејзина слободна и љубовна согласност), и ако не станеше Човек, и ние не ќе можевме во Малиот Вход од Светата Литургија на Црквата да се вознесеме и да застанеме пред престолот Божји.

Ако Он не се крстеше, и ние не ќе можевме да умреме за гревот и да бидеме живи за Бог во Него.

Ако Он не ја проповедаше Својата Блага Вест за Царството Божјо, и ние не ќе можевме на Светата Литургија на Црквата да го читаме и проповедаме Неговиот Нов Завет.

Ако Он не се жртвуваше на Крстот за нас и наше спасение, и ние не ќе можевме во Големиот Вход од Светата Литургија да се принесеме самите себе и целиот наш живот на светиот престол Божји преку Даровите што ги принесуваме на него.

Ако Он не воскреснеше и ние не ќе можевме да го откриеме Царството Небесно внатре во нас, во нашето духовно срце, ниту ќе можевме да го доживееме преобразувањето на нашите души и тела, уште во овој живот.

Ако Он не се вознесеше и не седнеше оддесно на Отецот, и Светиот Дух не ќе се симнеше на Апостолите, а преку нив и преку Светите отци и на нас до денес – во Црквата, ниту пак, Второто Христово Пришествие и Страшниот Суд ќе беа веќе – и уште не.

А ако, пак, Светиот Дух не се симнеше на нас, никакво значење немаше да има за нас сето она што Богочовекот Христос го направи за нашето спасение.

Досега говорев за нашиот соборен живот во Црквата, во нејзината Света Литургија. Но, што во пракса би значело – почеток на нашето лично вознесение? И нормално, не треба да чекаме да дојдат големите празници па да се потсетиме на покајанието; секој ден имаме доволно општествени и лични причини за покајание (преумување), ако сакаме да ги видиме.

Познато е дека првичната цел на нашиот православен духовен живот е да преминеме од противприроден начин на живот во природен, а токму тоа (и ништо друго) е почетокот и на нашето лично вознесување во Христос. Со други зборови, штом го ставиме нашиот ум, преку послушание, во процес на исцеление од страста на гордоста – со цел да достигнеме негово просветлување и сеопшто лично обожение, истовремено почнува и нашето вознесение.

Без овој премин (вознес) – од противприроден во природен начин на живот, не е возможно ниту нашето свесно учество во Малиот вход (во Светата Литургија) на Црквата – како вознесение пред престолот Божји, ниту личното вознесение кон обожение, ниту вистинско славење и сведоштво на Христовото Вознесение.

Главна карактеристика на почетокот на нашето вознесение, во смисла на спомнатото преминување од противприроден во природен начин на живот, е восогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓаме. Тоа, исто така, значи и восогласување на начинот на нашиот живот со местото и улогата што ги имаме во Црквата, како и во општеството.

Проблемот е што најчесто современите, т.н. православни христијани не го следат патот предаден од Светите отци и, денес, кај многумина од нив, наместо знаците на вознесението, ние ги гледаме знаците на превознесувањето, на прелеста. Посебно тоа го гледаме кај оние што имаат некакви позиции во Црквата. За жал, последните десетина години, со појавата на социјалните мрежи, истата појава често се забележува и кај оние кои немаат никаква ерархиска позиција во Црквата.

Карактеристично за сите нив е душевното самораководство – тие го немаат дарот на умно-срдечната молитва, а истовремено немаат ни свој духовен отец.

Штом видиме дека некој со влегувањето во Црквата го носи со себе и стариот човек, односно не го отфрла и стариот човек – преку восогласувањето на начинот на својот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓа – во послушание, со сигурност можеме да тврдиме дека кај него, наместо лично-соборно вознесение, се случува процес на индивидуално превознесување.

Восогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓаме, на почетокот на нашиот духовен развој, се состои токму во ставањето на умот во процес на исцеление преку послушанието кон духовниот отец – сѐ до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва. Но, и при овој подвиг треба да бидеме внимателни.

Постојат две главни искривувања (прелест) при подвигот на послушанието кон духовниот отец. Првото искривување е едно полумагиско послушание во она што нам ни одговара, а другото искривување е душевно и идолопоклоничко поврзување со духовниот отец – во комбинација со неговото незнаење духовното чедо да го раководи правилно. Јасно е дека духовниот отец не треба да го насочува духовното чедо кон себе, туку кон љубов и послушание на Епископот на локалната Црква и кон Богочовекот Исус Христос.

Првиот случај е најчест и се препознава во општата млакост и по падни-стани живеењето на современите христијани, а другиот случај е доста поопасен и се препознава во секташкото однесување.

Оние што душевно се приврзуваат кон духовниот отец, а не само кон неговото слово – како што е правилно, го превидуваат Епископот како центар на единството на Црквата, го величаат својот „духовник“ како безгрешен, ги омаловажуваат другите духовни отци и нивните духовни чеда, и накратко: ги пројавуваат сите карактеристики на псевдоелитизам, затвореност и исклучивост за другите – коишто не се согласуваат со нивниот начин на однос со „духовникот“ и неговата „вера“, или со неговото политичко поистоветување (модерно е да се спомне) – што е трагично.

Време е да одлучиме: ќе се вознесуваме, преку правилно послушание, во Богочовекот Христос, или ќе се превознесуваме, од прелест во прелест, заедно со демонот?

Патот на смирението е Вознесение. Патот на гордоста е превознесување: „Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот“ (Иса. 14, 13–14). Господ да нѐ чува од таква и од секаква прелест…

Да не заборавиме: да ги помагаме страдалниците, тие се, од Бог, поставената лествица за наше брзо лично вознесение или пречка за истото – зависи од нашиот однос кон нив.

 

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

(01.06.2022 15:58)

 

 


About The Author