Митрополит Наум: Послушанието е премин од противприроден во природен начин на живот
Светото Евангелие не им се обраќа само на децата Божји, туку и на оние со робовски и наемнички менталитет, како и на неверниците, само за да се спасат што е можно повеќе луѓе; а може на некои и ќе им текне дека најсоодветен одговор на љубовта Божја е да се стане дете Божјо. Затоа во него може да се прочитаат и поуки како денешната.
Гледаме дека богатиот нема име, а сиромавиот има – Лазар, односно гледаме дека првиот нема личносен однос со Бог, а вториот има. Гледаме дека преку себичните уживања од овој свет се стигнува до пеколот, а дека преку трпењето на страдањата со благодарност се стигнува до Рајот. Гледаме дека пеколот е место на големо и осамено страдање, а дека Рајот е место на голема утеха и заедница. И гледаме дека нема премин од пеколот кон рајот, и обратно. Додуша, ни разговор нема – ни во самиот пекол, ама ова е доволна педагошка порака, како материјал за размислување и мотивација за неверните, робовите и за наемниците.
Што е битно за оние што сакаат да станат деца Божји од денешното евангелско четиво? (види: Лука 16, 19–31). Објаснувањето на овој дел: „Авраам му рече: ’Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат‘“ (Лука 16, 31).
Чујте го објаснувањето: Како прво, добивањето статус на дете Божјо не е магиски чин, туку тоа е процес на растење и созревање. Овој заклучок произлегува од завршниот разговор помеѓу Авраам и богатиот. Богатиот му вели на Авраам: „ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат“ (Лука 16, 30). А Авраам му одговара: „и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“. Сведоци сме дека и Самиот Богочовек Воскресна, па ретко кој во тоа вистински верува.
Второ, самиот Авраам ни го открива восиновувањето како процес на растење и созревање преку послушание – дека треба да се слушаат Мојсеј и Пророците: штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат. Што конкретно значи тоа да се слушаат Пророците? И кои се тие Пророци денес?
Денешните Пророци се нашите духовни отци во Црквата, кои слободно и љубовно ги одбираме за преку нив да ја чуеме Божјата волја, кои и кога поради своите човечки слабости би дале и погрешен совет, Бог – поради нашата доверба во Него преку нив – сѐ на крајот ќе исправи во наша духовна полза.
Послушанието е подвиг на ставање на умот во процес на исцеление, без што никој не може да го очисти своето срце – и да Го види Бог. Послушанието е премин од противприроден во природен начин на живот. Послушанието е восогласување на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот раст на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата и во општествениот живот. Послушанието е процес на исцеление од невроза и од растројство на личноста, и превенција од религиозна невроза и од религиозно растројство на личноста.
Послушанието е активирање на примарната функција на умот – соединување на нашата создадена енергија со несоздадената Божја енергија преку молитвата, како и пренасочување на неговата секундарна функција кон исполнување на Божјите заповеди. Послушанието е прием на вистинското Предание на Светите Отци. Послушанието е останување во рамките на соборноста на Православната Црква – без оглед на тоа кој што си мисли. Послушанието е процес на Божествено преобразување, растење и созревање до достоинството на дете Божјо. Послушанието е сѐ во Црквата Божја. Послушанието е возможно само во Црквата Божја.
Господи Исусе Христе, преку Богородица, дај ни што повистинско послушание и помилуј!
Митрополит Струмички Наум
(04.11.2017 )