Последна надеж за спасение – Митрополит Струмички Наум
Она нѐ научи Кој Е смислата на нашиот живот.
Она нѐ научи Кој Е вистинска љубов.
Она нѐ научи Кој Е апсолутна слобода.
Она нѐ научи Кој Е одрекување од овој свет.
Она нѐ научи Кој Е небесно смирение.
Она нѐ научи Кој Е непрелестно кружно движење на умот во Бог, односно благодатна умно-срдечна молитва.
Она нѐ научи Кој Е совршена заедница со Бог. Она е новиот, личносен однос со Бог.
Она е совршен сад на Божјото Предание.
Она дозволи да се воплоти Единородниот Син Божји во Неа – од Светиот Дух.
Она Го роди нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос.
Она пострада, а и сега страда, под Крстот Христов, како никој од човечкиот род – кога било.
Она, од сите нас, прва воскресна.
Она е граница меѓу несоздаденото и создаденото.
Преку Неа го добиваме секој дар Божји.
Секој наш дар на Бог, Он преку Неа го добива.
Она е Црквородица.
Она е нашата Мајка, а ние сме Нејзини деца – по благодат.
Она е нашата последна надеж за спасение.
Она не е божица! Она е нешто попрекрасно и позначајно за нас – Она е Богородица!
А јас, ништиот, како да ти објаснам поподробно за Неа, драг читателе, кога тие зборови ги нема.
Подобро да го оставиме свети Григориј Палама да ни говори за Марија и за Нејзиниот живот и молитвен подвиг: „Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување… оддалеченост од светот, заборав на сѐ земно и стремење кон божествените откровенија, избор на ’подобриот дел‘. Открива дека ако умот не се расејува кон земните работи, би можел да се оддаде на подобро и повозвишено дејствување, што значи да се сврти кон самиот себе: единственото дејствување преку кое тој би можел да се соедини со Бог“.
Пресветата Дева, престојувајќи во храмот, „со внимание и во непрестајна божествена молитва, целата Своја стана… и воспостави нов и неискажлив пат кон Небото, кој јас ќе го наречам ’молчание на умот‘. И, предавајќи го Својот ум на ова молчание, ја наткрили сета твар, и подобро од Мојсеј ја виде славата Божја, и беше посветена во божествената благодат, која никако не е подложна на силата на чувствата, туку претставува прекрасно и свештено созерцание – својствено за непорочните души и умови.
Бидејќи причесна на ова (бого)созерцание, Пречистата – како што пеат црковните химни – стана светлоносен облак на навистина Живата вода, зора на таинствениот ден и огнена кочија на Логосот. (…) Токму затоа – не знаејќи за маж – Таа и ја стекна благодатта да Го роди Богочовекот Христос“.
Верувам дека сега во потполност го сфативте она што го реков во една моја беседа: учењето за умно-срдечната молитва не е едноставно еден дел од севкупното Свето Предание, тоа е самата срж на Светото Предание на Православната Црква. Без умно-срдечната молитва нема ни Предание.
Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум
(27.08.2017 09:42)