// Google analytics code

ЛУЃЕТО СЕ ПОДГОТВЕНИ ДА ПРОМЕНАТ СЕ, ОСВЕН СЕБЕ – Митрополит Струмички Наум

12650604_1027758943937364_853453969_n (2)~+~

Луѓето имаат проблеми. Просто, нема човек без проблеми.

Некои проблеми се акутни, актуелни. Некои проблеми се хронични, траат повеќе време. Некои се решаваат, некои изгледаат нерешливи. А има и такви кои само делумно се решаваат.

Едни проблеми ќе се решат, па други ќе дојдат. И во време кога мислиме дека некаков голем проблем сме решиле и дека е време на мир и спокој, сепак, сенка од некој друг проблем веќе се надвиснала над нас.

Општопознат е принципот дека од нашиот внатрешен однос кон проблемот што се појавува однадвор во многу зависи дали ние ќе го сочуваме нашиот мир и спокојство. А од тоа, пак, зависат многу други работи: нашето општо здравје, правилниот одговор на проблемот, траењето на проблемот, решавањето на проблемот и многу други работи поврзани со нас и нашите ближни – од потесен или поширок круг.

Јасно ни е на сите дека човековиот внатрешен однос кон проблемот што се појавува однадвор е клучен.

Вообичаено, препознатливи ни се два вида однесување: прв, луѓето се обидуваат да ги променат само надворешните околности; и втор, луѓето се обидуваат најпрво да се променат себеси.

Најчест е првиот начин на однесување, и тоа е главно погрешен пристап. И, вообичаено, пред луѓето да дојдат и да се посоветуваат со духовниот отец, тие веќе ги пробале сите можни начини да го решат проблемот: тие консултирале стручни лица (не дека не треба), посетиле некој биоенергетичар, биле кај гатачи и бајачи и направиле некоја „бела“ магија за да ја истераат „црната“, и што ти ли не, само да се извлечат од проблемот, односно несреќата што ги снашла. Сепак, ништо од ова не може целосно да им го реши проблемот; а можат да претрпат и поголема штета.

Очигледна е тенденцијата и подготвеноста на луѓето, повеќе, да сменат нешто надворешно, отколку да се променат себеси. Тоа им се чини дека е најбрзиот и најлесниот начин да се соочат со проблемот, додека, тогаш или другпат, не сфатат дека всушност тоа е најтешкиот пат; и тоа пат кој никаде не води.

Луѓето забораваат дека нема ништо случајно во нашиот живот и дека сѐ ни се случува по Божја Промисла, како и дека тоа што ни се случува, ни се случува ние самите и, пред сѐ, внатрешно, духовно да се промениме и да го поправиме нашиот однос со Бог. Не постои друга причина за тоа што ни се случува освен, и само, претходно наведената.

Добро би било духовниот отец да процени дали допуштеното е само опомена или е веќе самоказнување. Едно е да знаеме дали има надеж нешто и надворешно да се промени – на пример, во случај на болест, друго е да знаеме дека нема.

А зошто самоказнување? Затоа што Бог никогаш не нѐ казнува, туку само допушта да ни се случи нешто, кога ние веќе со некој грев отпаѓаме од благодатната заедница со Него, што само нѐ освестува дека се наоѓаме во областа на заедница со демоните и на смртта. Затоа велиме дека, на пример, и болеста е дар. Инаку, сѐ е опомена од аспект на вечноста.

Како и да е, решението е само едно: пред сѐ, внатрешна, духовна промена на мислите и чувствата во согласност со Божјата волја, следена и од надворешна телесна промена, на дело и со збор, во исполнување на Божјите заповеди во нашиот живот.

Сето ова го имам опишано како главен метод на христијанското лечење на душата и го нареков „Метод на пет контролни точки“. Да се потсетиме:

⁠1. Cекој проблем, од мал до голем, го прифаќаме како дар Божји,
⁠2. Му благодариме на Бог за него,
⁠3. За проблемот не обвинуваме никого освен себеси,
⁠4. Hе покажуваме никому како се чувствуваме и,
⁠5. Jа продолжуваме молитвата – со цел градење заедница со Бог, а не молење помош за прекин на проблемот. (за подетално објаснување, прочитајте: Митрополит Струмички Наум, „Премин од душевност во духовност“, стр. 59–67).

Не треба да заборавиме дека со Бог треба да градиме однос на давање, а не на барање. Ние сме главно себични, а себичноста не носи внатрешни промени – како основ на севкупна преобразба на човекот. Односот на давање на (кон) Бог е единствен однос што ни обезбедува внатрешна духовна промена.

Бог ни има сѐ дадено – и постоење и живот; и толку многу постојано ни дава, што сѐ околу нас е дар Божји, и просто е неописливо. Само ние сме духовно слепи. Вообичаено, очите ни се отвораат – на ниво на душевност, кога ќе се соочиме со смртта. Давањето ни ги отвора и духовните очи; со други зборови тоа ни дарува – просветлување на умот. А колку ние Нему Му даваме се мери со времето поминато во молитва. Тоа е, и самите знаете, речиси ништо.

Кратко речено: освестете дека сѐ што ви се случува, ви се случува за да се промените себеси, не нешто друго и не некој друг. А се менуваме себеси за да го восогласиме нашиот живот со Христовиот живот и да излеземе од ропството на гревот, демонот и смртта. Затоа, не губете време променувајќи некој друг или нешто друго – затоа што проблемите може само да се усложнат, туку променете се самите себе.

Помошта на духовниот отец, барем на почетокот, е неопходна. А вистински духовен живот – што преобразува, постои само во Црквата.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

(19.09.2020 15:36)


About The Author