// Google analytics code

Митрополит Наум: КРСТОТ ХРИСТОВ Е ЛИЧНОСЕН ОДНОС – 3 дел

14th~+~

3 дел

ОДНОСОТ СО БОГ НЕ Е ЕДНОСТРАН ОДНОС

Прифаќањето и благодарењето на Бог за тоа што ни се случува, не значи и помирување со некаква „судбина“, дека „така ни било пишано“, дека така ни било „од Бога дадено“, и дека ние не можеме ништо од тоа што ни се случува да промениме.

Прифаќањето и благодарноста кон Бог за нашите страдања не е пасивен едностран однос, туку основен почеток на еден нов однос со Бог, кој самиот по себе во суштина на подобро ги менува работите – не само како однос кон самите нив, туку и во реалниот живот.

Изгледа антиномично (како да противречи едно на друго, но не е), како и сѐ друго во односот со Бог и во животот во Него
– во ист момент ни се случува и Крст и Воскресение,
и радост и тага, и давање на Бог и добивање Негово,
и богооставеност и вонредна благодат итн.

Прифаќањето, како подвиг, е најпотребно на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите.
Нема прифаќање ако нашиот ум не го ставиме во процес на исцеление преку послушанието кон духовниот отец.
И нема прифаќање ако начинот на нашиот живот не го восогласиме со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме, како и со местото што го имаме во Црквата.

Нема ли прифаќање со благодарност, нашиот однос со Бог е погрешен и немаме постојана животна радост. Што е најлошо, погрешно поставениот однос не може да се развива во вистински правец.

Веќе на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, се стекнуваме со одредена слобода пред Бог.

Тогаш не само што нашите главни планови често ќе се совпаѓаат и со Божјите планови, иако не секогаш во она време што ние го очекуваме (за ова веќе сме говореле),
туку веќе го добиваме дарот Божји сами, во своето срце – во областа на Царството Небесно, да го подготвиме она што ќе сакаме да ни се случи.

Ви говорам за благодатниот подвиг на аскетската умно-срдечна молитва.
На степенот на просветлување веќе ги гледаме плодовите од правилно поставениот однос со Бог – кој правилно го поставивме на степенот на очистување на срцето од страстите.

На третиот степен од духовниот развој – обожение или боговподобување, чедата Божји се стекнуваат со голема лична слобода пред Бог, така што понекогаш се случува и Божјите планови да ги променат; како што сме читале и во Житијата на нашите светители.

Нашиот однос со Бог е жив однос, нешто прифаќаме со благодарност, со друго недвојбено се согласуваме, за трето љубовно се бунтуваме и бараме да се промени – сѐ зависи од тоа колку е изграден нашиот однос со Него; и обратно.

Нема боголикост и богоподобност на човекот,
нема вистинска слобода и љубов во односот помеѓу човекот и Бог,
нема вистински однос помеѓу човекот и Бог ако човекот нема можност да ја промени и Божјата волја.

Нема човек и нема Бог – нема Богочовек.
Толку.

Митрополит Струмички Наум

(20.03.2015 11:53)


About The Author