// Google analytics code

МИТРОПОЛИТ ЕВРОПСКИ ПИМЕН: ОД БЛИЖНИОТ НИ ДОАЃА ЖИВОТОТ И СМРТТА

~+~

1Од ближниот ни доаѓа и животот и смртта, ќе рече великиот авва Антониј од пустината, а мудриот ќе разбере што сакал да каже аввата затоа што ќе се сети на заповедта од Бога дека треба да го љубиме ближниот како себеси. А љубовта подразбира милост и жртва кон ближниот. Да му подадеме рака кога му е најтешко, да го нахраниме кога е гладен, да го напоиме кога е жеден, кога е болен или во затвор да го посетиме, да се молиме постојано за него… А ако сме избрани од Бога да бидеме пастири словесни и чекор повеќе треба, да си ја положиме душата своја за чедата свои, подобно на добриот пастир од Евангелието.

И така преку љубовта и милоста кон ближниот ќе избереме живот вечен или пак преку омразата кон истиот ќе избереме вечна смрт.

3Ако го избереме животот треба да се трудиме да бидеме семилостиви кон сите и кон сé. Семилостиви како оној кој го носел тоа име, како светиот Пантелејмон. Човекот кој ги лекувал и исцелувал ближните без надомест и без земна награда поради дарот и љубовта што ја имал од и кон Бога. Бесплатно го дарувал она што бесплатно го добил од Дародавецот. И кој не можеле гонителите ни со меч да го погубат додека не ја завршил со Амин својата молитва кон Бога за спасение на неговата душа, за спасение и исцеление на душите и телата на своите ближни, но и за покајание на оние под чиј меч ја предал својата душа во прегратките на Семилостивиот наш Бог. И кој преку ближните го добил животот вечен.

А крвта негова се пролеа како семе за раѓање нови Христијани на сегде и низ сите векови.

5И никна негов храм токму тука од вредната и света рака на семилостивиот епископ и пастир Климент, нашиот чудотворец. Храм за собирање на заедничка молитва на верниот народ и станување на сите едно во Телото и Крвта Христова. Но и место каде освен верата, ќе се учат и буквите, словата преку кои ќе се слови за Словото.Место каде светиот Климент душата си ја полагал за овците свои. Место во кое и својот гроб со свои раце ќе го ископа за да му ја даде засекогаш светоста на ова место кое гордо се издига над Охрид и езерото. Место кое ќе биде светило на врв планина. Место во кое својот земен живот го завршил Климент Великиот, но не ја завршил и својата мисија. Бидејќи неговата мисија ќе трае низ сите векови до стигнувањето во Царството небесно на сите нас кои преку него молиме прошка за нашите гревови, исцеление на нашите души и тела и спасение од Бога Света Троица. И ќе трае мисијата додека стигне и последното негово чедо пред престолот на Бога, та Климент светиот да може да изговори пред Христа: еве ме мене и децата што ми ги даде Бог.

Да, таква е неговата мисија низ вековиве минати и вековите што следат.

И ако ме прашате каква е нашата мисија, јас би рекол ништо поинаква од светиклиментовата.

Но, знам дека времето во кое живееме нé плаши и расколебува во нашата можност за следење на неговиот подвиг?

Но, не е ли тоа маловерие?

Зарем мислиме дека грижата на Бога кон нас ослабнала? Зарем се сомневаме во молитвеното застапништо на Свети Климента и Свети Пантелејмон? Зар исчезнале ближните преку кои можеме да загинеме или да се спасиме?

Не, се ни е дадено, само прашање е колку го користиме даденото?

За жал и денес во 21 век дадени ни се сиромашните за да ги нахраниме, а тие да севпомолат за нас, дадени ни се и богатите за да се молиме за нив кога ни помогнале, дадени ни се и отпаднатите од верата и Бога за преку нашата поука и молитва за нив се преобратат и спасат, дадено ни е и здравјето за да го чуваме, та чувајќи го нашето од оваа опака чума на 21 век да го чуваме и на ближните. Дадено ни е и молитвеното застапништво на свети Климента, дадена ни е и благодатта од Бога за сé ова да го спроведеме во нашите животи.

И ако сé ова го правиме и ако ни најмалку не се сомневаме дека овој подвиг можеме да го спроведеме во нашите животи без разлика на времето и местото во кое што живееме, ве уверувам дека ќе ни биде дадено и место во Царството Небесно десно од престолот на нашиот Бог Света Троица, а рамо до рамо со оној кој ќе нé претставува како свои чеда пред Бога, со свети Климента.

За многу години и за многу заеднички радости да е денов денешен мили мои!

Свети Клименте моли го Христа Бога за нас!

Амин, така да биде!

Митрополит Европски Пимен

09 – 08 – 2020

Охрид, Република Македонија

 


About The Author