Меѓусебно љубовно сведоштво
Колку е само воодушевувачки односот меѓу Христос и Јован Крстител? Толку е љубовен што човек не може, а да не го пропрати со солзи секојпат кога чита за тоа…
…Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати при Исус, говорејќи: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?“ И кога дојдоа при Него, тие Му рекоа: „Јован Крстител нè прати при Тебе, велејќи: ’Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?‘“
И кога се исполни времето, Јован ги испраќа своите ученици при Христос, не дека не знае Кој точно Е Тој, туку од љубов кон Него и кон нив, сака и тие да Го запознаат Спасителот на светот; да се исполни истоштителната љубов: „Он треба да расте, а јас да се смалувам!“ (Јован 3, 30).
Во тој час Он исцели мнозина од болести, и од рани, и од зли духови, и на мнозина слепи им подари вид.
Богочовекот Христос одговара со дела. Оти на зборот може да му се спротивставиме со збор, но не и на делото; не и на сведоштвото Очево за Својот Син и на сведоштвото на Синот за Својот Отец, во Светиот Дух: „Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам“ (Јован 17, 4).
И им одговори Исус и рече: „Одете и кажете му на Јован што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието; и блажен e оној кој не ќе се соблазни поради Мене“.
Овие зборови се наменети само за нас, кои сме духовно слепи, а сосема се излишни за Јован или за неговите ученици.
А кога си отидоа учениците Јованови, Он почна да му зборува на народот за Јован: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее на ветар? Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што се облекуваат убаво и живеат богато, по царски палати се. Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк. Овој е, за кого што е напишано: ’Ете, Јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе‘. Оти ви велам: меѓу родените од жени нема ниеден поголем пророк од Јован Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него“.
Воодушевува и носи големо умиление љубовта и сведоштвото Христово за Јован. Не ги изговара овие зборови пред Јовановите ученици, како што правиме ние кога сакаме да им се додвориме на луѓето, туку пред Своите ученици и пред народот дојден при Него, како што прават големите отци на Црквата – сигурни во својот авторитет во Бог, кои се величаат меѓу себе, за спасение на своите духовни чеда, а во слава Божја. Камо да беше така и меѓу нас…
И сите луѓе што слушаа, па и митниците, Му благодареа на Бог дека се беа крстиле со крштевањето Јованово; а фарисеите и закониците го отфрлија советот Божји за нив, и не се крстија со него (Лука 7, 17–30).
Грешните луѓе барем знаат дека се недостојни за сите дарови Божји кои секојдневно ги добиваат и природно се смируваат. И христијаните што правилно се подвизуваат, благодатно го спознаваат своето несовршенство и својата соборна одговорност за злото во светот и Му благодарат на Бог за милоста и воскресната утеха на Неговиот Крст што го носат.
Фарисеите – тие што пазат на религиозната форма, а не и на суштината на верата – што е сострадалната љубов, како и закониците кои слепо се држат до словото на Законот до самото отфрлање на Духот Кој го оживотворува словото, не може а да не ја отфрлат промислата Божја за себе. И не можат, а да не го осудат својот ближен.
Господи, прости ми, што се обидов за оваа меѓусебна љубов немушто да пишувам, но срцето не ми додржа.
Митрополит Струмички Наум
(03.11.2021 22:47)