// Google analytics code

Месопусна недела – Отец Гаврил Галев

~+~

Oваа подготвителна Недела за големиот пост и воскресението Христово, e наречена месопусна, затоа што според типикот се отпушта месото од секојдевната исхрана. Овој ден е последен вo кој што се јаде месо, од утре, односно во следната седмица, во Среда и Петок не се пости, ама и месо воопшто не се јаде. За да од следната недела и сирењето и јајцата ги изоставиме и почнуваме со големиот строг пост. 

Во оваа недела е предвидено да се чита Евангелието за страшниот Христов суд, односно Неговото славно второ доаѓање. Неговото прво доаѓање беше како смирен човек, како смирен слуга кој што не се разликуваше од нас во ништо, затоа и луѓето не можеа да го познаат па и го распнаа. Меѓутоа, Тој пак од Неговата преголема милост и љубов преку тоа не ослободи од нашите гревови, распнувајќи го нашиот грев на крстот, а со Неговата крв ги изми нашите гревови и повторно ни го отвори рајот.

Гревот, кој што е всушност промашување на целта, што го направија нашите прародители, го одведоа целиот род човечки во погрешна насока и го однесоа во пропаст и најстрашното од се, во смрт и пекол.

Кога Свети Василиј Велики, еден од најмудрите во своето време, па и до ден денес во историјата на човештвото и на Христијанството, го прашале која е најголемата мудрост, кој самиот бил филозоф и мудар човек, одговорил едноставно: “Cеќавањето на смртта”!

Човек ќе се праша, најчесто очекува од таков човек, филозоф, мудрец и научник, да одговори нешто софистицирано, да добие некој мудар одговор, а тој само кратко вели: “Сеќавањето на смртта.”

Меѓутоа, ако подзастанеме и размислиме малку потрезвено и подлабоко, ќе видиме дека навистина тоа е најголемата мудрост. Затоа што нема поголема мудрост од таа да застанеме од десната страна на Бога Отца, на Синот и Светиот Дух во царството Божјо и таму да се насладуваме од вечните блага кoи што Бог ги подготвил за нас. А најголемата лудост пак, најголемата глупост, е да бидеме поставени од Неговата лева страна во Неговото отсуство и вечно страдание. 

Cеќавањето на смртта е едно од најдобрите средства зa да живееме свето и трезвено. Кога ќе мислиме дека секој ден може да ни биде последен, ќе внимаваме како живееме и што правиме во текот на денот. Кога следниот ден ќе се разбудиме, ќе му благодариме на Бога. Најчесто грешиме и ги правиме гревовите затоа што забораваме на смртта, како што и сеќавањето на смртта не спречува да го направиме гревот, кој што, заради нашата слабост и наговор на ѓаволот ни се нуди.

Всушност рајот и пеколот, е присуство и отсуството на Бога. Самите знаеме дека, и во овој живот, кога сме со Бога, и да се најдеме во најмачна, најтешка ситуација, ние сепак сме мирни и спокојни. И обратно, кога не сме со Бога, ѝ да се најдеме во најблажена заедница, и најубаво место, ќе најдеме причина, некој црвец, да не јаде и да страдаме. Тоа е поуката од ова Евангелие, дека едно е сигурно, а тоа е дека за тие што се родиле, сигурно ќе умрат и ќе се претстават пред Бога, и за своите дела ќе одговараат пред Него. 

А кои се нашите дела, ако не нашиот однос кон нашите ближни. Нашиот ближен е секој еден човек. Дури и оној најмалиот, најслабиот и најнеугледниот, ѝ тој е образ Божји и наш ближен. И не само тоа, секој наш ближен е наш христос, затоа што Христос се поистоветува со секој еден од нив. Во него треба да го гледаме и да го препознаваме Христос и како ќе се однесуваме кон тој човек, (кој и да е), ние така всушност се однесуваме кон самиот Христос, и Нему така му правиме.

Бог не ги дели луѓето по ниедна основа. За Него, сите се исти. Бог не ги дели луѓето по националност или пол, или пак по убавина, богатство, слава, ученост итн, меѓутоа Тој  прави само една поделба, а тоа e на добри и лоши, односно кој човек како живеел во овој живот. Па и во оваа поделба, поточно е дека ние самите се делиме според тоа како што живееме. Слествено, така и ќе одговараме на страшниот суд. 

Бог за нас го подготвил царството божјо уште од почетокот. Меѓутоа, не секој ќе го наследи царството, туку само оној кој што живеел праведен живот во овој свет. Сите оние кои што не оделе по патот Божји и не ги извршувале делата Негови, тие за жал ќе бидат во вечниот оган, каде што е подготвено за сатаната и неговите паднати ангели. И затоа Господ ги одделува овците од козите, односно добрите луѓе од лошите. Оние кои што биле смирени, кротки, милостиви, добри, од оние кои што биле пркосни, горди, лоши, кои растурале повеќе од колку што граделе итн. На првите Бог им ја дава Неговата благодат, а другите остануваат обезблагодаттени и сурови.

Како што гледате, оние добрите, што се од десната страна не ги препознавале своите добри дела, “кога Господи ти направивме?” затоа што, тие се што прават, прават во слава Божја. Со смирение, со чиста љубов, со чиста намера, не превознесувајќи се, не мислејќи за себе високо, не мислејќи за себе дека кој знае што прават и заслужуваат да бидат од десната страна, итн. Значиедноставно тоа е чиста љубов. Тоа е љубовта која ме задолжува да правам добро, и едноставно, најслободно сакам да му направам добро на другиот.

Затоа ѝ благодата Божја нив ги чува да не се возгордеат. На некој начин од нив и ги крие нивните добри дела за да не ги загубат. А пак од другата страна, гледате дека осудените, пак, не ги ни препознават своите лошите дела. Зошто? Затоа што секогаш за себе имаат високо мислење, суетни се и егоцентрични. Се замислуваат дека цел свет се врти околу нив, заслужуваат почести и другите им се должни да им служат. И гледатe која е разликата меѓу добрите и лошите, смирените и гордите? Смирените не си ги препознаваат добрите дела, гордите пак не си ги препознаваат своите лоши дела. 

На страшниот суд кој што ни следува, ќе ни суди вистината. Бог е срцезналец. Бог се’ знае уште пред да настане светот и пред да настанеме ние. Ни ги знае нашите најскриени тајни во нашето срце, грешни или добри. А бидејќи ние сме субјективни и се сакаме самите себеси, секогаш наоѓаме начин да се самооправдаме за своите недела, за своите гревови. Меѓутоа ќе се судиме со вистината, ќе се судиме со царот на вистината, ќе се судиме со Самата Вистина. 

Делата сведочат за секого, а не тоа што ние мислиме за себе. Kога ќе се дојде пред вистината, пред Исуса Христа, тогаш таму нема поткуп, таму нема оправдание, таму нема заобиколување или пристрасна вистина, туку едноставно таму е Божјата вистина и Божјиот закон, и се’ се однесува на тоа: “ако Mене сте ми го направиле, односно ако Mене не сте ми го направиле, тогаш или ќе заслужиме или ќе бидеме изгонети.

И да знаете дека Господ не случајно го употребува тој израз: “на еден од овие најмали”. Зашто лесно е да му правиме добрина на оној што нас ни прави добро, лесно е да ги почитуваме родителите, лесно е да го почитуваме оној кој нас не’ почитува, итн. Меѓутоа потешко е да ги почитуваме оние кои што на некој начин, на некого сме му оставиле лош впечаток.

И затоа Господ се споредува со таквите најмали. Некој кој што нас, такаречено ни пречи во животот, тој утре ќе застане на влезот во царството небесно, и кога ќе дојдеме да бидеме испитувани, истиот тој, неговиот лик, ќе ни го постави прашањето: “ме љубиш ли?” и според нашиот одговор, според нашата состојба на срцето, дали тој го примаме или не го примаме, ќе влеземе или нема да влеземе во царството Божјо. Односно, ќе застанеме од десната страна или од левата страна, во царството небесно или во пеколот, во вечниот живот на вечната радост и веселие или во вечните маки. Затоа што ние не можеме да го смислиме лицето негово, не можеме да го смислиме неговото присуство, затоа и самите себе ќе се изгониме во вечниот оган, тоа е всушност e и пеколот, во местото на не-љубовта. 

За тамо каде што ќе треба да ги сакаме сите, едноставно не сме спремни. Затоа треба да се подготвуваме да љубиме, треба да се подготвуваме да служиме, а не да ни служат. Треба да се подготвуваме да простуваме, а не да бараме да ни простуваат, треба да се научиме да даваме, а не да земаме…

И на крајот, поблажено е да го слушнeме зборот: “дојдете благословени од мојот Отец, отколку зборот: “Одете од мене проклети во вечниот оган.”

 И да не се плашиме од Бог, но да се плашиме од гревот во нас. Бог е многумилостив и сака сите дa дојдат до спознание на Вистината и да се спасат. Оној кој заради нас дојде и се распна, не може да не нѐ љуби, и овие Негови зборови “одете од мене проклети”, треба да ги сватиме исто како прашањето кон, одрчениот од Бог, Петар: „ме љубиш ли?”Како последна можност за покајание и спасение.

Бог е Љубов. Ние и не можеме да замислиме колкава е Неговата љубов. Неговата правда, ја надминува нашата, според паднататa наша природа, правда. Кога, во катедралата на Успение на Пресвета Богородица, свети Андреј Рубљов требало да ја живописува композиција на „Страшниот суд“, тој го нацртал Христос на славатa и застрашувачката сцена ја претворил во светол празник на триумфот на Божествената слава.

Преставата дека Бог е некој праведен судија кој намуретно стои над нас и чека да не осуди, пани го удри мечот и ни ја пресече главата е сосема погрешна и воопшто не е Православна. Таквата претстава произлегува од нашиот погрешен однос и престава кон Бога. Во зависност како го гледаме и каков однос создаваме со Него, робски, наменички или синовски, таков и го претставуваме.

Ако некој татко има некој лош син, дали нема да му даде рака и во последниот момент да се обиде да го спаси или ќе биде “праведен” па ќе се „ослободи“ од него со тоа што ќе го казни и фрли во пропаст? Од денот на воскресението Христово, Божјата рака е секогаш подадена кон нас како што е преставено на иконата. Проблемот е во нашата навикнатост, зависност и заробеност од гревот, и не ќе сакаме или потчно, не ќе можеме да се ослободиме од него.

И како што реков, значи треба да се подготвуваме постојано за нашата смрт, не знаеме кога таа ќе се случи. Повторно ќе речам, вчера бевме на гробишта, таму имаше луѓе од секоја возраст, како што се вели меѓу народот, секаде има ред меѓутоа таму некои трчаат побрзо, некои порано, не знаеме кога ќе не дочека тој ден кога всушност ќе нема утре, кога ќе нема ден. Несреќите демнат насекаде, може едно мало отровно пајаче да не касне, може недвидливо вирусче, микронче кое што ќе го поремети нашиот организам, и ете сите ние кои што сме се надевале на долговечен живот, се’ може да исчезне во еден миг.

Затоа Свети Василиj вели дека сеќавањето на смртта е најголема добродетел, најголема мудрост, а тоа е подготвувањето за овој суд со Христос, со вистината, кај што нема лага и измама, а тоа значи да живееме постојано во добродетелен живот.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

10 / 03 / 2024


About The Author