// Google analytics code

Месопусна недела – Отец Гаврил Галев

~+~

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Кога Свети Василиј Велики, еден од најмудрите во своето време, па и до ден денес во историјата на човештвото и на Христијанството, го прашале која е најголемата мудрост, кој самиот бил филозоф и мудар човек, одговорил едноставно: “Cеќавањето на смртта”!

Човек ќе се праша, најчесто очекува од таков човек, филозоф, мудрец и научник, да одговори нешто софистицирано, да добие некој мудар одговор, а тој само кратко вели: “Сеќавањето на смртта.”

Меѓутоа, ако подзастанеме и размислиме малку потрезвено и подлабоко, ќе видиме дека навистина тоа е најголемата мудрост. Затоа што нема поголема мудрост од таа да застанеме од десната страна на Бога Отца, на Синот и Светиот Дух во царството Божјо и таму да се насладуваме од вечните блага што Бог ни ги подготвил за нас. А најголемата лудост пак, најголемата глупост, е да бидеме поставени од Неговата лева страна во Неговото отсуство и вечно страдание. 

Cеќавањето на смртта е едно од најдобрите средства зa да живееме свето и трезвено. Кога ќе мислиме дека секој ден може да ни биде последен, ќе внимаваме како живееме и што правиме во текот на денот. Кога следниот ден ќе се разбудиме, ќе му благодариме на Бога. Најчесто грешиме и ги правиме гревовите затоа што забораваме на смртта, како што и сеќавањето на смртта не спречува да го направиме гревот, кој што, заради нашата слабост и наговор на ѓаволот ни се нуди.

Всушност рајот и пеколот, е присуство и отсуството на Бога. Самите знаеме дека, и во овој живот, кога сме со Бога, и да се најдеме во најмачна, најтешка ситуација, ние сепак сме мирни и спокојни. И обратно, кога не сме со Бога, ѝ да се најдеме во најблажена заедница, и најубаво место, ќе најдеме причина, некој црвец, да не јаде и да страдаме. Тоа е поуката од ова Евангелие, дека едно е сигурно, а тоа е дека за тие што се родиле, сигурно ќе умрат и ќе се претстават пред Бога, и за своите дела ќе одговараат пред Него. 

А кои се нашите дела, ако не нашиот однос кон нашите ближни. Нашиот ближен е секој еден човек. Дури и оној најмалиот, најслабиот и најнеугледниот, ѝ тој е образ Божји и наш ближен. И не само тоа, секој наш ближен е наш христос, затоа што Христос се поистоветува со секој еден од нив. Во него треба да го гледаме и да го препознаваме Христос и како ќе се однесуваме кон тој човек, (кој и да е), ние така всушност се однесуваме кон самиот Христос, и Нему така му правиме.

Бог не ги дели луѓето по ниедна основа. За Него, сите се исти. Бог не ги дели луѓето по националност или пол, или пак по убавина, богатство, слава, ученост итн, меѓутоа Тој  прави само една поделба, а тоа e на добри и лоши, односно кој човек како живеел во овој живот. Па и во оваа поделба, поточно е дека ние самите се делиме според тоа како што живееме. Слесдвено, така и ќе одговараме на страшниот суд. 

Бог за нас го подготвил царството божјо уште од почетокот. Меѓутоа, не секој ќе го наследи царството, туку само оној кој што живеел праведен живот во овој свет. Сите оние кои што не оделе по патот Божји и не ги извршувале делата Негови, тие за жал ќе бидат во вечниот оган, каде што е подготвено за сатаната и неговите ангели. И затоа Господ ги одделува овците од козите, односно добрите луѓе од лошите. Оние кои што биле смирени, кротки, милостиви, добри, од оние кои што биле пркосни, горди, лоши, кои растурале повеќе од колку што граделе итн. На првите Бог им ја дава Неговата благодат, а другите остануваат обезблагодаттени и сурови.

Како што гледате, оние добрите, што се од десната страна не ги препознавале своите добри дела, “кога Господи ти направивме?” затоа што, тие се што прават, прават во слава Божја. Со смирение, со чиста љубов, со чиста намера, не превознесувајќи се, не мислејќи за себе високо, не мислејќи за себе дека кој знае што прават и заслужуваат да бидат од десната страна, итн. Значиедноставно тоа е љубов. Тоа е љубовта која ме задолжува да правам добро, и едноставно, најслободно сакам да му направам добро на другиот.

Затоа ѝ благодата Божја нив ги чува да не се возгордеат. На некој начин од нив и ги крие нивните добри дела за да не ги загубат. А пак од другата страна, гледате дека осудените, пак, не ги ни препознават своите лошите дела. Зошто? Затоа што секогаш за себе имаат високо мислење, суетни се и егоцентрични. Цел свет се врти околу нив, заслужуваат почестти и другите им се должни да им служат. И гледатe која е разликата меѓу добрите и лошите, смирените и гордите? Смирените не си ги препознаваат добрите дела, гордите пак не си ги препознаваат своите лоши дела.

Меѓутоа, делата сведочат, а не тоа што ние мислиме за себе. Односно кога ќе дојдат пред вистината, пред Исуса Христа, тогаш таму нема поткуп, таму нема оправдание, таму нема заобиколување или пристрасна вистина, туку едноставно таму е Божјата вистина и Божјиот закон, и се однесува на тоа: “ако Mене сте ми го направиле, односно ако Mене не сте ми го направиле, тогаш или ќе заслужиме или ќе бидеме изгонети.

И да знаете дека Господ не случајно го употребува тој израз: “на еден од овие најмали”. Лесно е да му правиме добрина на оној што нас ни прави добро, лесно е да ги почитуваме родителите, лесно е да го почитуваме оној кој нас не’ почитува, итн. Меѓутоа потешко е да ги почитуваме оние кои што на некој начин, на некого сме му оставиле лош впечаток, (тоа ѝ не морa да е така) туку настанува проблемот кој што е во нас, во нашата проекција. 

И затоа Господ се споредува со таквите најмали. Некој кој што нас, такаречено ни пречи во животот, тој утре ќе застане на влезот во царството небесно, и кога ќе дојдеме да бидеме испитани ќе ни го постави прашањето “ме љубиш ли?” и според нашиот одговор, според нашата состојба, дали тој го примаме или не го примаме ќе влеземе или нема да влеземе. Односно ќе застанеме од десната страна или од левата страна, односно во царството небесно или во пеколот, односно вечниот живот на вечната радост и веселие или во вечните маки затоа што ние едноставно не можеме да го смислиме лицето негово, не можеме да го смислиме неговото присуство, и затоа самите себе ќе се изгониме во вечниот оган, тоа е всушност e и пеколот, не-љубовта. 

За тамо каде што ќе треба да ги сакаме сите, едноставно не сме спремни. Затоа треба да се подготвуваме да љубиме, треба да се подготвуваме да служиме, а не да ни служат. Треба да се подготвуваме да простуваме, а не да бараме да ни простуваат, треба да се научиме да даваме а не да земаме …

И на крајот, поблажено е да го слушнeме зборот: “дојдете благословени од мојот Отец, отколку зборот: “Одете од мене проклети во вечниот оган.” 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

19 / 02 / 2023 


About The Author