// Google analytics code

МАЧЕНИШТВОТО НА СВЕТИТЕ СЛАВНИ ПЕТНАЕСЕТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ пострадани во Тивериопол, сега именуван Струмица – за царувањето на злочестивиот Јулијан Отстапник – напишано од ТЕОФИЛАКТ Светиот Архиепископ Охридски

2-Sv-15-Tiveroposlki-Macenici-ikona~+~

Црквата е царството кое не е од овој свет, кое пребива во светот и го преобразyва. Во неа се прославува Бог кој е дивен во светиите свои. Светиите уште на земјата се преисполниле со Светиот Дух и по нивното упокоение, благодатта на Cветиот Дух продолжува да постои и во нивните тела во гробовите сведочејки за силата Божја и победата над смртта, чекајки го воскресението на мртвите и животот во идниот век.

Светиите се доказ дека Црквата не е од светот и светот не ја познава, но Таа го победува светот, однсно гревот, ѓаволот и смртта. Нашите Cвети Петнаесет Тивериополски Cвештеномаченици ја сведочат оваа вистина. Преку нив се покажало страдањето, исповедуведништвото на Црквата, а истовремено и Нејзината прослава.

Така, сведочејќи за силата и вечноста на Црквата и Христовото име, во градот Тивериопол се собрале поголема група на љубители на доброто.

Преку овие петнаесет всушност се покажува и полнотата на црквата затоа што меѓу нив имало Епископи, Теодор и Тимотеј; Свештеници, тоа биле Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор, заедно со нив биле и Василиј и Тома во ѓаконски чин, а монаси биле Еротеј, Даниил, Харитон и Сократ, кој бил мирјанин, војник по професија. Затоа, празникот на Cветите Петнаесет Тивериополски Cвештеномаченици е црковен празник и празник на Црквата.

Живееле во специфично и уникатно време кога Христијанството преку светиот цар Конастантин конечно се стабилизирало и престанало гонењето на христијаните. Веќе скоро половина век христијаните живеле во мир и спокојство, за разлика од предходните времиња кога секој миг од животот биле изложени на ризик да загинат, зашто секој, без да одговара, можел да ги убие, ако се разберело дека се христијани.

Царот Константин го раководeл народот кон вистинската вера, на која бил повикан од небесата, слично на св. Ап. Павле. Историскиот пресврт се случил во почетокот на IV век. На запад владеел Максентиј, а на исток Константин. Тие двајца, иако полубраќа, биле меѓусебни противници, дури и завоjувале мегусебно. Војската на Константин била многу помала од противничката, но Бог му покажал, во среде бел ден, знамение. На небото се појавил крст изобразен од ѕвезди и букви кои кажуваат, дека со него ќе победи. Тој се покорил на ова видение и го употребил образот на крстно знамение, како што му било наведено и на дело ја разбрал неговата непобедлива сила. Подоцна се поучил во верата и бил огласен во словото на вистината од свети Силвестер Папа Римски. Ги затворил идолските храмови, го изгаснал огнот пред незнабожечките олтари и ја запалил свеќата на вистината. Дозволил да се градат христијански храмови, а и самиот градел, преку целата територија на неговото царство.

Но заколнатиот непријател на нашето спасение, и началозлобната змија, сатаната, не може да се помири со фактoт дека Христос Вистинскиот Бог, слободно се проповеда и слави, посеал зло семе во срцето на римскиот император Флавиј Клавдиј Јулијан (361 – 363) кој бил неблагонаклон кон христијанството, и се свртел кон идолопоклонството.

Јулијан постапил многу лукаво. Од почетокот се престорувал дека е кроток и човекољубив. Ги вратил од затвор сите епископи кои биле изгонети од црквите за верата и повторно им ги предал на Црквите. Откако сфатил дека е доволно утрврден на престолот и се наоѓа во позиција од каде ќе може да започне гонење на христијаните, заповедал да се отворат затворените идолски храмови и да се извршуват гнасните обреди на идолите и во нивна чест да се принесуваат жртви.

Најпрво издал наредба со која почнало обновување на старите незнабожечки храмови и градење на нови, а во исто време и рушење на христијанските светињи. Оние кои би разрушиле идолски храм, или собориле идолски столб, наредил да се подложат на тешки казни и смрт или на неподносливи измачувања. Тогаш за време на неговото двегодишно владеење се случиле невидени злосторства врз христијаните.

На оние кои ќе се одречат од Христос им ветувал големи награди, а на оние пак кои нема да се одречат, им кажал дека им се приготвуваат страшни мачења. Но, колку што имало и гонење, толку повеќе се јавувале и исповедници на Христовото име, кои со својот живот ја запечатувале својата вера, добивајќи нераспадливи венци на слава.

 

Кога ова било разгласено, оние, кои ги имале основите на верата положено врз песок (Мт.7,26) и имајќи срца расколебани и слаби, веднаш се одрекувале од христијанството, за да не бидат изгонети од градот и да се лишат од чиновите, затоа што ја засакале човековата слава повеќе од Божјата. А оние, кои биле утврдени врз тврдиот камен на верата, тие, без да се сoпнат ниту од царот да се исплашат, ниту од многумината што биле околу него, или да се вознемират и да почуствуваат некаков страв, тие пристапувале пред нив и се исправале и застанувајќи мажествено и отфрлајќи секаков страв и трепет се претставиле пред царот и храбро му кажале, со смел ум и мисла: „ние цару, толку сме далеку од тоа, да се одречеме од верата во Христа, што не само чиновите и сопствениот град, туку и главите свои и телата и душите, со задоволство би ти ги принеле на смрт за Владиката. Зашто се научивме да не се плашиме од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат (Мт.10,28), зашто страдањава во нашево време, не се ни споредуваат со славата која ќе се јави на оние, кои Го љубат Господа (Рим.8,18). Кога го слушнал ова царот останал зачуден од цврстината на нивната вера и се воодушевил од начинот на нивното размислување, и од тоа време почнал повеќе да ги почитува мажите коишто и во собранијата ги викал, а и на неговите собори биле учесници. Јулијан се грижел неговата заповед да стигне насекаде. Сепак таа стигнувала некаде побргу, а некаде со задоцнување. Кога стигнала во Никеја, тогашен управник на градот бил Коментарисиј, човек прочуен по својата свирепост и злоба кон христијаните.

Како дволичен и лукав, се сокривал, а на изглед се покажувал ревносен за да изгледа православен. Така тој заповедал да се омрсат со крв од гнасни жртви не само изворите туку и оние предмети кои биле изнесени за продавање.

Но началникот во Никеја во почетокот не знаел дека има таква заповед и ја разгласил низ целиот град: Сите оние, кои се поклонуваат на Распнатиот, да ја сменат верата и да пристапат да принесат жртва на бесмртните богови, инаку да знаат дека ќе бидат предадени на неподносливо и најразлично казнување, кое ја надминуваат човечката сила,

Кога го чуле тоа насобраните, не малку од нив се приклониле кон кажаното и се изјасниле дека ќе станат истомисленици со царот и ќе ги почитуваат сите негови богови. Нив началникот ги удостоил со почести и подароци и веднаш ги направил славни. Но оние кои предпочитале да ја запазат цврсто и неизменливо верата во Христа, со еден глас како со една уста извикале: „Ние не можеме да се одречеме од вистинскиот Бог, Христос, и да принесеме жртви на неми и глуви идоли.

Ние имаме еден Бог кој е над сè, низ сè, и во сè и еден Господ, Исус Христос, вистински Бог, низ Кого сè постанало. Во Него веруваме, Него го исповедаме, Нему му се поклонуваме и служиме со сета своја душа, со сето срце, со чиста совест, со неизменета мисла и помисла, со Отецот и Светиот Дух, во бесконечните векови“.

Кога му го кажале тоа на тиранот, тој исполнет со силен гнев и незадржлива омраза им заповедал на стражарите да им нанесат, едно по друго, ужасни страдања и смрт. Мнозина, пак, тајно избегале во горите и пустините, други пак се распрснале по разни места откако ја презреле својата мила татковина, роднините и пријателите и сиот свој имот, само и само да го стекнат Христа, навистина суштиот Бог и Господ, и Цар на царевите на сите векови.

Така направиле Тимотеј и Комасиј (кој што се именува и Етимасиј), Евсевиј и Теодор, кои неможејќи повеќе да гледаат како идолите се почитуваат, ниту како паднатите и оние кои се одрекле загинуваат, а останатите во верата биваат измачувани, ја напуштиле Никеја и се населиле во Солун. Но откако поживеале во тој град не многу време, каде престојувајќи забележале дека тамошните жители му слугувале на неблагочестивиот цар и дека го обновиле служењето на гнасните идоли и им го вратиле поранешното значење, а верата во Христа ја гонеле и се труделе дури и Името да не Му остане во градот и околните краишта, затоа го оставиле Солун и се преселиле во Тивериопол, (денешна Струмица, Македонија), кој лежи на север од Солун.

Тука откако нашле малку слобода, го посеале семето на словото во нивите на душите, и обработиле за Христа богата нива со изобилно клaсје. Освен словото, тие имале и светол живот.

Тимотеј станал епископ на Тивериополската Црква и со тоа свеќата била поставена на свеќникот (Лк.11,33).

Комасиј порано бил војник, и тоа одличен војник, војничкиот појас и славата тој ги оставил на оние кои се предадени на земјата и откако го зел крстот Христов т.е. оружјето на светлината (Рим.13,12) се замонашил, го проповедал словото на вистината во тивериополските села.

Евсевиј и тој бил причислен во монашкиот чин и го проповедал словото на вистината, но повеќето од слушателите ги привлекувал најмногу со своите дела. Од среброљубието, како од корен на секое зло (1Тим.6,10), се гнасел, и она малку што го имал го раздавал на сиромасите со благост и простодушност и просто кажано, тој бил татко на сираците, помошник на вдовиците (Пс.67,6), благ, кроток, со еден збор – ученик Христов.

Теодор, пак, бил еден од триста и осумнаесетте свети и блажени, богоносни отци собрани во Никеја, кој го дополнил бројот на тие блажени со што бил удостоен со чин и дар на епископ, Тој ја објавил на Тивериополците светлината на благочестивата и православна вера.

Како што вели Светото Писмо дека не може да се скрие град изграден на врв планина (Мт.5,14) така и тие колку и да се труделе да живеат незабележливо, станувале по познати, особено, пак, на љубителите на доброто, кои не можеле да се стрпат, бидејќи многу жедни, да се стекнат cо изворот од каде извирал млаз, сладок и прозрачен, и ги последувале придружувајки им се во нивното братство и го следеле нивниот свет живот.

Тоа биле Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор, сите тие биле презвитери (Пс. 106, 32).

Потоа, Василиј и Тома биле ѓакони, монаси биле Еротеј, Даниил и Харитон. Сократ, пак, во сè одличен војник, сопственик на достатно богатство и слава, кога се истресол како од прав од сè, станал и тој дел од тој добар лик на отците.

И тие, кога се собрале сите заедно, воделе вистински ангелски живот, ден и ноќ поучувајќи се на Божјиот закон (Пс.1, 2) во псалопеења и непрестајна молитва.

Заради нивниот свет живот се стекнале и со чудотворна молитва и откако ги просветлиле сите жители на Тивериол, со светлината на познанието и им ги исцелиле нивните душевни слабости, тие не ги оставиле неисцелени и оние кои страдале од телесни болки и недостатоци. Сѐ што добиле на дар, на дар и го давале на оние кои имале потреба (Мт.10,8), барајќи само една цена, и тоа најскапата – верата во Христа .

За нив се говорело не само во Тивериопол туку дури и во Солун. Затоа Валент и Филип, за кој спомнавме погоре дека пребивале во Солун и уредно ги исполнувале заповедите на Јулијан и слушнале тие за таквото живеење на светите мажи, кои со животот се натпреварувале со невештествените ангели, и дека словото им било силно и надарено со благодат и сила да ги привлекува слушателите. Не останал никој во Тивериопол и околината кој ќе го почитува идолопоклонството.

Кога чуле за тоа тираните најпрвин намислиле да испратат неколку воени заповедници во Тивериопол, диви по нарав и жестоки по мислењето, да им се заканат и за да ги убедат светите мажи да ја исполнат заповедта на царот и да принесат жртвуваат на идолите. Оние кои би го направиле тоа им ветувале големи почести од царот. Тие што нема да се согласат да го направат тоа, да им одредат големи казни и на крајот да им ги отсечат главите со меч. Размислувајќи за ова им се сторило подобро да не испраќаат други луѓе, туку тие сами да одат и да го покажат на дело она што го смислиле.

И веднаш пристигнале во Тивериопол, а штом се расчуло за тоа сите се преплашиле од нивното дивјаштво. Наредиле да им ги донеcaт светите пред нив и за да ги исплашат, па им рекле: “Цело царство се потчинува на царската наредба. Како само вие да се покажувате, наспроти целата екумена, помудри од старите луѓе? Или вие имате поголема сила и мудрост од нашиот цар кој ги надмина мудрите? И уште со други навредливи зборови кон Христос, ги застрашувале да се откажат од Христос и да принесат жртви на лажните богови.

Светите без и најмалку да се двоумат, им рекле: “Требаше о, началници, пред неутрални судии да одговараме на испрашувањата. Зашто така би излегла на јаве вистината. Ама бидејќи вас ве имаме и за судии и за обвинители, јасно ни е, што ќе се случи: лагата ќе ја надвладее вистината. Но ако е и така, нема да замолчиме, зашто се надеваме на Христос, Кој за нас постана премудрост од Бога (1Кор.1,30). И со многу други мудри и смели зборови, јавно ја разобличиле нивната идолопоклоничка заблуда.

На крајот смело исповедале и им порачале: „Ние нема да се откажеме од Хрисос, нашиот бесмртен Бог, дури и еден ден да е животот наш, никој не може да не одвои од љубовта Христова (Рим.8, 35), оти ние преку Него живееме, се движиме и постоиме (Дела.17,28). Он ни е Цар, и кога ќе помислиме на Неговата закана, во ужас стоиме и страв нè опфаќа, зашто Тој рече: “кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен (Мат.10,33), и пред светлите ангели.

Ќе исповедаме така до последниот здив и нема да отстапиме, зашто Него Го признаваме и познаваме за вистински Бог и Господ.“

Зачудени од нивниот одговор го прекинале текот на нивното кажување и рекле: “Што е тоа? Вам ви е дадена волја веднаш да одговарате на зададените прашања и вие се покажувате пред нас како говорници коишто ја покажуваат силата на своето слово во театар, а не како обвинети коишто седат пред судии. Зошто многу зборови? Согласни ли сте да им принесете жртва на боговите или не? Одговарајте!”

– “Никако, рекле мачениците, нема да принесеме жртва на демоните и на нивните идоли, ние, коишто Христос Бог нè избави од ропството на демоните.“

Кога светите дале таков краток и во исто време отсечен одговор, ѕверот на гневот се разгорел во Валент и Филип, и бидејќи немале време да се задржуваат во Тивериопол, зашто државните работи ги терале да побрзаат и да се вратат во Солун, веднаш ги осудиле светиите на смрт, отсекувајќи им ги главите.

Еден од светите, по име Петар, искрено обземен од Божествена ревност, се спротивставил и извикал: “О, престапници, непријатели на вистината, како смеете, откако си ставивте маска на судии и си зададовте изглед на суд, да пролевате невина крв на праведни, во коишто нема ништо достојно за смрт, туку напротив сè е достојно за почести и венци?” Откако ги чуле тие зборови тираните пламнале од гнев и заповедале да го соблечат светецот, да го легнат на земја, да го бијат со стапови, да му ги отсечат рацете и најпосле со меч да го убијат. Кога се извршило сето тоа рацете биле фрлени на кучињата да ги изедат. Но една жена слепа од раѓање , почувствувала дека десната рака на преподобниот Петар случајно и паднала крај нозете,  ја зела. Ја завиткала во шамијата, заминала дома и неколку дена ја чувала раката. И што сè не правела? Ја целивала, ја прегрнувала, и си ја полагала на очите, и во еден миг ѝ се отвориле очите.  Кога ја видела светлината со висок глас ја прославила силата на Христа и на Неговите светии и на секој што Го прославува Бога, Којшто чини, како што е напишано, прекрасни и чудесни знаци (Псалм.71.18), коишто немаат број. Откако изминале неколку дена, жената достојна за светлина, ја зела раката и отишла во Солун. Таа имала намера оваа скапоценост да ја положи на чесно место. Го нашла сечесниот храм на добропобедната маченица Анастасија, и таму ја положила раката.

Таа жена било од денешното село Куклиш кое се наоѓа близу Струмица и на тоа место, каде што паднала раката, е изграден храм во чест на светите петнаеесет, а со посебна чест на св. маченик Петар.

Кога светиите го завршиле својот благочестив живот на дваесет и осми ноември (стар стил), нивните чесни тела многу денови стоеле зафрлени бесчесно, за да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици, без да добијат озаконето за општата природа погребение. Но Божјата седржителна десница на Оној, Кој сè гледа, и осенувањето со сетворечкиот и сесвет Дух, ги запазил недопрени и неповредени. Затоа оние коишто ги гледале се восхитувале на Христа Бога. Но никој не се дрзнувал да пристапи и да ги удостои со погребение, зашто ја имале предвид жестокоста на Валент и Филип. Но откако овие се вратиле повторно во Солун, христијаните, кои се здобиле со малку слобода, се собрале, ги подигнале со почести чесните тела на мачениците, како што прилегало, ги завиткале во чисти плаштаници и, откако ги извршиле сите служби, коишто ги налага законот на христијаните, со свеќи и кадење биле закопани на гробиштата надвор од градот, во „area martyris“, секого во посебен ковчег, на кој било напишано името на секој од нив, каков живот водел и каков чин имал во Христа.

Вака одбележаните гробови биле почитувани и посетувани од месното население, доживувајки најразлични чудотворни исцеленија и доброчинства од светителите. Заради што и веднаш по нивната смрт меѓу месното население, но и пошироко започнле да ги почитуваат како светители.

 

 

Мачениците, бидејќи неограничени по силата на Христос, чинеле чудеса изобилно не само на месните жители, туку веќе ги распространувале надвор од границите. Зашто сите, што биле обеспокојувани од демони и измачувани од други телесни слабости, кога пристапувале до сандаците на светиите веднаш добивале исцеление, така што мнозина, водени од тие чудеса, ја познале вистината, пристапувале кон верата Христова и примале Божествено крштение, и на тој начин ниту во Тивериопол, ниту во околината не останал ниту еден безбожник. Уште и повеќе, со силата на чудата верата се беше распространила и во останатите краишта, така што Тивериопол достигнал да стане како некоја „кула од секаде видлива, која ја раздавала и на другите градови светлината на верата“.

Бидејки најстара практика да се изгради христијански храм е да биде подигнат врз телата на маченици па врз гробовите на свештеномачениците, така и над моштите на овие свети свештеномаченици бил изграден храм. Тоа била прва градежна структура на доцноантичката некропола во Струмица, во ранохристијанскиот период била подигната архитектонска конструкција на трикорабна базилика.

Во шестиот век на балканските подрачја навалил еден варварски народ, наречен Обри (Oμβoι), односно Авари, го опустошиле Тивериопол и многу други градови, и од жителите едни со меч погубиле, други заробиле, а пак, како и другите убави зданија, така и Божјите храмови ги срамниле со земјата. Тогаш и ковчезите на светиите останале затрупани заедно со разурнатиот храм, во кој се наоѓале, така покриени со земјата останале непознати за сите.

По разурнувањето на ранохристијанската базилика во времето на аварската инвазија  на оваа култно место почнале да се изградуваат гробници.

Кога си заминале Аварите, дошле Бугарите. Тие не го знаеле Христовото Име, служеле на скитското безумие, како и на сонцето, на месечината и на другите ѕвезди, а некои пак принесувале жртви на кучиња. Нивното помрачено срце било неразумно, бидејќи тие повеќе се поклонувале на тварта отколку на Творецот. Откако го покориле целиот Илирски крај, древна Македонија до градот Солун, притоа и древна Тракија, околината на Верија, Филипол, и погорните места, ги задржале овие краишта со постојните жители, а пак жителите на секој град ги разменувале, преселувајќи ги од еден град во друг.

Кога на власт дошол кнезот Борис, кој се разликувал од другите жестокосрдечни негови предходници и посакал да склучи договор за мир со Византиското царство, за да поживеат во тивок живот, безметежен, спокоен и мирен во секое благочестие и чесност.

И не само тоа, туку со цело негово срце поверувал во Христос и во 864 година се крстил, кој по крштението се нарекол Михаил. Цар Борис бил благочестив цар и подигнал многу храмови во слава Божја. И така можел од сега човек повторно да види како се умножуваа Црквите и Божјите храмови, кои гореспоменатите Одри и Бугари ги разурнувале.

Во тие времиња се појавиле и овие светии во Тивериопол, јавувајќи се на местото каде што биле положени, и ги гледале како одат ноќно време по бедемот разделувајќи им на сите што потребуваат богати исцеленија. Тие биле од сите прославувани. За тоа слушнал и самиот цар Борис Михаил. Сакајки да им одддаде поголема слава и чест намислил да ги откопа моштите, да се изгради нов храм во Брегалничката епархија и таму да се пренесат светите мошти.

И кога застанале на местото, врз кое се јавувале светиите и откако се помолиле долго и со многу солзи, почнале да копаат и да изнесуваат пластови. По долго време копање, најпосле стигнале до ковчезите на светите. Ковчезите биле покриени со мермерни плочи и потпишани со натпис врз кој било изложено името на секој од светиите, надворешниот изглед, начинот на живот, чинот и цртите на лицето. И тие кога ги дигнале тие мермерни плочи дале да ги однесат во Брегалничката епископија, за повторно со нив да се покријат нивните свети мошти.

Меѓутоа сетоа тоа не му се допаднало на локалниот народ. Тие не сакале да се лишат од непроценливото благо на светите мошти и духовното присуство на светителите. Додека го вршеле тоа и се подготвувале да ги дигнат сандаците, еден од чтеците, што останал сосема без глас, се присоединил кон множеството за да гледа што се случувало, се помолил и проговорил. А народот, кога видел што станало и слушнал како чтецот, кој долго време бил безгласен, по чудото проговорил, и, дека низ светиите се пројавила Божјата сила, се нафрлиле на ковчезите на светиите целивајќи ги, прегрнувајќи ги и не сакајќи да се оддалечат од нив.

По никоја цена не сакале да се откажат од моштите на своите светители, тврдејќи дека тоа било нивно неотуѓиво и вечно богатство, дадено од самиот Бог. Исто така сметајки го тоа за еден вид на предавство, па не се исплашиле да му се спротивстават и на царот.

Ситуацијата ескалирала до степен на изгледна масовна побуна против бугарската власт. Обидот на комитот Таридин, одговорен за чинот на пренесување на моштите, да ги заплаши граѓаните со сериозни санкции поради непочитувањето на наредбите на царот Борис, само дополнително го разгорело гневот на граѓаните.

Нема да го оставиме нашето богатство. Нема да дозволиме да се граба од нашите раце, ниту да се одзема од пазувите на неуништивата и неограблива ризница. Ете, ние сме спремни да бидеме и врзани, и казнети, и на оган предадени, и смрт да претрпиме. И таа наша смрт нема да биде беславна. Или, откако ќе застанеме околу ковчезите, таму телата ќе си ги жртвуваме и душите ќе ги предадеме. Каква млакост би била, да ги оставиме светиите на оние, што сакаат да ги земат. Кое друго посвето место би можеле да го имаме за гроб од ова, кое е покривка на светиите за кои, да се изложиме и сега на опасност.“

Кога сето ова го кажал народот и станувал се повеќе дрзок и движењето се засилило, Болјаринот заедно со епископите одвај успеал да ја смири големата врева во народот. “Што е ова браќа и чеда? Каква е оваа бесмислена дрскост и побуна? Ова е заповед на нашиот богољубив цар и ние сме слуги да ја исполниме заповедта.“ Тогаш болјаринот прибегнал кон секакви средства и ги убедувал, де со благи зборови за да ги смекне, де со строги закани за да ги скроти. Но кога видел дека нема согласност да ги дадат моштите, туку само минувало времето, двете страни не можеле да направат ништо, најпосле се сложиле да земат само три светии од поважните: Тимотеј, Комасиј и Евсевиј, т.е. на тројца от четворицата,кои не биле од Тивериопол, а другите да ги остават во Тивериопол.

Податокот дека тивериополцитe се побуниле и не ги давале моштите, укажува на тоа дека култот веќе бил многу распространет и популарен во струмичкиот крај, а исто така и натоа дека во Струмица постоела хомогена христијанска заедница

Отккао се погодиле, со велико славословие, осветлување, благоухание и песни, тргнале за Брегалница. Кога стигнале и биле на дваесет стадии од градот, ги пресретнал еден човек со искривени нозе. Тој со многу солзи се молел на светиите како на живи. Во тој момент, ковчезите со светиите им се причинале толку тешки на носачите, што не можеле да ги носат понатаму, затоа ги спуштиле на земјата. Човекот се наведнал над нив и додека во умиление се валкал, почуствувал дека нозете му добиваат природна сила и движење. Со благодарствен глас пеел: “прекрасен е Бог во Своите светии, Бог на Израилот“ (Пс.67, 36), “покажи ја Својата чудна милост Господи, спасувајќи ги оние кои се надеваат на Тебе“ (Пс.16,7); и “ја покажа Господ Својата сила на оние, кои се бојат од Него“ (Пс.102,11).

Откако го извршиле свештениците долгото молење, повторно се зафатиле да ги носат ковчезите со светиите, а тие биле лесни као порано. Пристигнале во Брегалница. По извршувањето на сите потребни служби ги поставиле овие божествени ковчези на десната страна од храмот, подигнат во името на светиите, во истиот месец, на дваесет и осмиот ден.

Подоцна, синот на Борис, Симеон ги пренел од Тивериопол во Брегалница светите Сократ и Теодор, обата се спомнати погоре, и ги положил во истиот храм. Од тогаш моштите станале извор на повеќе чуда, кои насекаде разгласувани ги поттикнувале сите да се ползуваат од Божјите дарови. Се смета дека и царот Симеон го искористил влијанието на св. Климент за пренесувањето на останатите моштите од Тивериопол во Брегалница.

Моштите на овие маченици станале извор на разни чуда. Неброени, бележани и незабележани, чудеса се случувале  преку светите мошти на овие петнаесет божествени мажи. Секој што со смирение и силна вера им пристапувал, го добивал она за кое што се молел. Многумина бесомачни биле ослободени од лошите бесовите, на раслабените им се исправале екстремитетите и тие станувале здрави, слепи прогледувале и глуви прoслушувале и на секој му се давало според неговата потреба.

Некој, кој бил долги години измачуван од нечист дух, така што неговите роднини не само што го заклучувале, туку и нозете му ги ставале во окови, а за нивните срца тој бил тешка и неизлечива рана, зашто им причинувало жалост гледајќи го како е измачуван од злиот демон, решиле да го донесат пред светите. Кога го допреле до ковчегот на светиот Евсевиј, се обидел да ја подигне мермерната плоча на ковчегот. Но од ковчегот му се јавил страшен маж, целиот огнен, кој му се заканил на нечистиот дух, а бесомачниот исцелен го прославил Бога и неговиот слуга и по тоа бил големо чудо за сите.

Друг пат, пак, еден раслабен кој не можел никако да се движи, бил подигнат од роднините и бил положен при ковчегот на свети Евсевиј, а само по дишењето се познавало дека не е мртов. И така светителот, јавувајќи му се по ред три ноќи и помазувајќи му го целото тело со свето масло, најпосле му кажал: “Ете стана здрав, оди си дома по Божјата милост“, оној што го оздравил раслабениот уште му рекол: “Стани, земи ја постелата своја и оди си“ (Јн.5,8). И откако станал, пред сите тој поминал здрав и крепок, соблекувајќи ја парализата како лесна облека.

Една жена од Брегалничката епархија имала единец син на возраст од седум години. Тој и бил целата надеж, но бил глув и нем. Ден и ноќ со солзи им се молела на светите Петнаесет да го избават момчето од немоста, а неа од тагата и секако дека тие и ја услишале молитвата, а таа му заблагодарила на Бога за тоа.

Еднаш, пак, една жена која се гордела со богатството, го загубила видот, од нејзините очи течела некаква валкана и смрдлива течност, така што кон злобницата не само туѓинците се гнасеа туку и на нејзиниот маж му изгледаше како гнасен призор. Таа сиот свој живот и богатство го истрошила на лекари и наместо да ја излечат, уште повејќе ја оштетиле и на крајот дошла во Брегалница пред светите мошти на Божјите светии, барајќи да добие милост и по молитвите на светите, била излекувана.

Мошне интересен и впечатлив е случајот со некој човекот кој толку јадел што никако неможел да се насити. Откако се освестил за својата страст се срамувал и побарал Божја помош. Ги обиколил сите места каде што има светители чудотворци, та дури отишол и во Рим при моштите на св. ап. Петaр, Се помолил и на свети Иринеј, кој се прославил со своите чуда во Лион. Најпосле дошол и во Македонија, во храмот на светите Петнаесет Тивериоолски свештеномаченици и кога влегол во манастирот од нив добил исцеление на неговата слабост. Оној кој дотогаш бил ненаситен, оттогаш не престанал да благодари секој ден на Бога и на светиите.

Друг еден, пак, што беше фатен и слеп, и бил целосно излекуван и од парализата и од слепилото. Некој пак друг, дошол од Меглен, со телото цело покриено со лепра и со сакати нозе и се молел со тага во срцето (2Кор.2,4), со смела молитва кон светиите, го избавилe од двете.

И уште многу други случаеви кои сведочат за чудотворноста, силата и  доброчинството на светиите.

Најстарите записи за празнувањето на поменот на св. Петнаесет тивериополски (струмички) свештеномаченици ги наоѓаме во месецословот на глаголското Асеманово евангелие од втората половина на X век, како и во други стари словенски ракописи (Охридски апостол од крајот на XII век, Струмичкиот апостол од XIII век и сл.) сигурно постоел и друг житиен состав, зашто Теофилактовиот настанува во 11-век.

Култот и вредностите на струмичките маченици, кој евидентно траел и се развивал од 4-от до 11-отвек, за да може авторот да го фиксира во својата современост.

Теофилакт Охридски вложувал напори за актуелизирање и популаризација на култот за св. Петнаесет Тивериополски (Струмички) маченици со прилагодување на нивното првобитно словенско житие.

Со Грамотата издадена во 1348 – 1352 година средновековниот српски владетел Стефан Душан ја подарил црквата “Св. Петнаесет” во Струмица како “задужбина” на новооснованиот манастирот “Св. Архангели Михаил и Гаврил” кај Призрен. Се претпоставува дека за време на Османлиското владеење  оваа црква била разурната. Нејзиното градителско анимирање почнало дури во 1921 година, кога се подигнала малата капела.

Кон крајот на IX или во почетокот на X век, е составена и словенскахимнографска творба посветена на тивериополските свештеномаченици. Авторството на оваа словенска Служба му се препишува на св. Климент Охридски. Освен тоа, тогаш се составило и ново житие за струмичкитемаченици, напишано на словенски јазик со глаголско писмо (во кругот на Охридската книжевна школа). За жал, житието е изгубено и денес од него нема останато никакви остатоци или фрагменти.

Според истражувањата на архитектонските објекти, досега на локалитетот покрај базиликата, се откриени и три ремоделирани средновековни цркви

Кон крајот на IX или во почетокот на X век, врз темелите на ранохристијанската базилика и над гробовите на мачениците била подигната петокуполна крстовидна црква со централна ѕидна гробница (под наосот на крстовидната црква) во којашто биле насликани во фреско – техника Петнаесетте Тивериополски (Струмички) маченици. Петокуполната црква припаѓала кон тн. “Цариградски” или “сложен” тип на црква. Нејзината изградба се поврзува со тогаш возобновениот култ (886-893) на св. Петнаесет Тивериополски (Струмички) свештеномаченици.

Иницијатор и реализатор на повторното заживување на култниот однос кон ранохристијанските маченици се смета дека бил св. Климент Охридски.

Можно е дека до обновување на крстовидната струмичка црква дошло и во периодот на охридскиот архиепископ Теофилакт – крај на XI или почеток на XII век.

Денес на истото место каде што бил подигнат првиот храм на мачениците, постои нов во кои се одржува култот на овие светители. Интересен е патот како дошло до неговото издигнување на ова место. Имено, после толкуте освојувачки инвазии на тугинци, сосема се изгубилa секој видлива трага од овие храмови и некрополи. Останало само споменот во народот кој ја чувал меморијата на Тивериополските маченици. И во најтешките времиња на Христовата црква, местото било посетувано од верниците каде палеле свеќи и се молеле. И тогаш станувале безброј чуда по застапништвото на светиите.

Во 1921 година на светото место била подигната една мала капела во која можело да влезе само еден од верниците, да се поклони и помоли. Оваа капела постои и денес. Со благослов на тогашниот митрополит Злетовско-струмички г. Наум и одѕивот на верниците од Струмица и околијата, во 1972 година се одлучи да се изгради нова црква.

Веднаш штом започнало градењето се откриени наоди кои укажуват дека тука постоело нешто древно. Откриен бил комплекс од црковни градби во чиј централен дел во наосот се наоѓала поголема засводена гробница и 15 стандардни гробни засводени структури. Гробовите биле откриени во самата црква, под нејзините темели и покрај црквата. Заради сензационалноста и значението на откритието, градењето на новата црква запрело се додека не се извршат целосно археолошките истражувања.

Денес на тоа место има комплекс на црковни објекти кои се устроени како манастир. Мноштово на верници од сите краишта на Македонија, па и од соседните земји доаѓаат да се помолат на овие чудотворни Светии.  Бројот на посетители е посебно зголемен со донесувањето на една од петте копии на светогорската чудотворна икона на Пресвета Богородица Брзопослушница, чиј оpгинал се чува во cветогорскиот манастир Дохијар.

Господ по молитвите на овие големи светители, да ни дарува мир и секое добро за и ние да го прославиме Бог во Светата Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови, Амин!

 

о. Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

10 / 12 / 2021


About The Author