Лазарова сабота – Митрополит Струмички Наум
Евангелието за Лазаровото воскресение, иако тоа е повеќе будење или оживување – според првите Христови зборови упатени кон Апостолите, отколку вистинско воскресение, е објаснувано од Светите oтци на Црквата од различни перспективи. Мене ме заинтересира само од перспектива на личните односи меѓу Богочовекот Христос и Марта, Марија и Лазар. И, какво значење тој нивен меѓусебен личен однос има за сите нас.
Во текот на денешното евангелие (види: Јован 11, 1–45), неколкупати, на најразличен начин, се спомнува дека Христос Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазар, па дури и дека заплака заради нив.
Прашањето што секој би можел да си го постави е: само нив така ги сака или и мене ме сака и плаче за мене? Зошто во Светото Евангелие не е напишано дека и некои други, исто така, поименично ги сакал и дека и за нив заплакал? Дури, некој може да си постави и прашање: зошто мене така не ме сака и не плаче за мене?
Одговорот на сите овие можни недоумици е дека, всушност, се случува нов квалитет на личносни односи меѓу нив, и тоа не толку поради Христовата љубов кон нив – Неговата љубов никогаш не е под сомнеж, туку поради љубовта на Марта, Марија и Лазар кон Богочовекот Христос. Ова е вистинското значење и толкување на евангелските зборови: „Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазар“, како и: „Исус просолзи“ (Јован 11, 5; 35).
Сведоштвото Христово за Марија е многу јасно: „нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се проштева, и љубов мала има“ (Лука 7, 44–48).
Со други зборови, нема ни најмал сомнеж во еднаквоста на Неговата Божествена љубов кон сите нас. Прашањето е: каков е нашиот одговор на Неговата љубов – дали Му ја возвраќаме и колку, и дали воопшто Му ја возвраќаме? Токму тој наш одговор го прави и одредува квалитетот на нашата меѓусебна љубов и односи со Него, како и разликата меѓу нашиот личен однос со Христос и личните односи на другите луѓе со Него. Така, на крај, поради тој однос некои од нас ги препознаваме и откриваме, во Црквата, како свети, други како спасени, трети како грешни итн.
И знаете што мене најмногу ме растажува во нашиот однос со Христос? Тоа што постојано бараме доказ за Неговата љубов кон нас, исто како и Јудејците кои велеа: „Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?“ (Јован 11, 37). Постојаниот сомнеж се случува поради тоа што сме како програмирани само да бараме; да бевме расположени само да даваме, немаше да се сомневаме.
Ретко ние самите се прашуваме и проверуваме дали воопшто ја покажуваме својата љубов кон Него, или дали некако ја докажуваме нашата љубов кон Него; како и дали можеме да сториме уште многу повеќе од она што мислиме дека го направивме досега за Него. Иако знаеме, исто така, дека вреднувањето на нашиот наречи труд може да биде само во Негова власт и знаеме дека нашиот дел е само да се трудиме и да имаме добра намера.
Лесно е да веруваме откако ќе видиме, како и оние што го видоа оживувањето на Лазар: „Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него“ (Јован 11, 1–45).
А Он продолжува трпеливо и постојано, на најразлични начини во животот на секој еден од нас – од најдобриот до најгрешниот, да ни се докажува – исто како и на Марта: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11, 25–26). И исто како на сите присутни Јудејци: „Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша. А Јас знам дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил“ (Јован 11, 41–42).
Ако вистински верувавме дека „кој верува во Христос, и да умре, ќе живее“, Он ќе немаше потреба да го воскреснува Лазар, но реалноста, за жал, е друга. Затоа и евангелското четиво за четиридневниот Лазар, за нас, христијаните, е мисла-водилка на целата Страсна седмица.
Ова Негово постојано смирено докажување пред нас, создадените и смртните, лично јас, со разумот го сфаќам како голем срам за мене, но истовремено гледам дека сѐ уште не сум се покајал на дело.
Пресвета Богородице, знам сепак дека Он ме љуби и плаче и за мене – како и за сите нас, и тоа илјадапати ми е покажано и докажано во мојот живот. Те молам, сега дај ми солзи да заплачам и јас над моите гревови и мојот промашен однос со Него, и дај ми сила да ја докажам мојата љубов кон Него на начинот на којшто Он сака тоа да го сторам, без оглед каков ќе биде тој начин. Ти благодарам.
Уште неколку зборови пред да завршам.
„Учениците Му рекоа: ’Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?‘ Исус одговори: ’Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на овој свет; а кој оди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него‘“ (Јован 11, 8–10).
Одењето дење, односно со Христос – каде и да оди Он, е исто што и водење на православен духовен живот со просветлен ум, која просветленост – да не изумиме, произлегува само од дарот на умно-срдечната молитва, а не од читање книги, како и од насобрани разни знаења; тоа е водење на православен духовен живот во познание.
А кога ќе ви спомне некој за неверувањето на светиот Апостол Тома, само сетете се на овој дел од Евангелието: „Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: ’Да отидеме и ние да умреме со него‘“ (Јован 11, 16). Со какво и расположение да ги кажува Тома овие зборови, битно е дека е подготвен да умре за Христос; друго не е ни битно.
Инаку, доста видливи знаци, дури и за слепи, имаме во последно време, кои покажуваат недоволно покајание од наша страна, покрај невидливите – за оние кои не се просветлени. Може и ќе се покаеме, доброволно, додека има време.
Господи Исусе Христе, помилуј нас!
Митрополит Струмички Наум
(15.04.2022 15:41)