// Google analytics code

Лазарева сабота – Воскресение пред Воскресението – o. Гаврил Галев

mary-sees-risen-jesus

Воскресението на Лазар, кој веќе четири дена бил умрен, е настан кој не’ води кон централниот настан во историјата на човештвото, што е и нај битното во нашиот живот, а тоа е воскресението и верата во вистинитоста на воcкреснието.

До тогаш, до Исуса Христа, до воскpесението на Богочовекот Исус Христос, смртта беше загатка која што не можеше никој да ја реши. Апсолутно непремостлива пречка пред која сите се сопнувале и паѓале. Многумина се обидувале и ден денес се обидуваат, како да ја поминат таа пречка, како да ја победат смртта, но никој досега не успеал. Се обидувале со разно разни начини, кои што многу од тие се и неморални, но сепак, една е вистината, а тоа е дека само Христос е решението. Он е вистината и патот и животот и воскресението. И нема друг начин и пат да се надмине смртта и да се дојде до живoт вечен, надвор и без Христос.

Cамо преку верата во Исуса и неговото воскрсение ние нема да умреме, a смртта не треба да се сфати како еден крај, темница, како нешто што е реално. Туку напротив, смртта треба да се сфати како еден премин, премин во онаа страна на животот, кај што е вечната радост, вечната светлина, љубов и она за кое што Бог не’ створил и го приготвил за нас.

Сепак, cмртта е нашиот грешен живот, ништо друго, освен нашиот грев во нас. Со тоа што ние живееме грешно, автоматски сме мртви и умрени. Затоа што само Христос е животот, никој друг и ништо друго, освен Христос. Кога сме со него, животот е во нас и ние сме живи. И затоа се Божјите заповеди, затоа Христос ни го остави неговото Евангелие, затоа Христос ни ја основа црквата, да се учиме и поучуваме како да живееме, како да го живееме животот – a само во црквата постои тој жив живот. Се поинаку надвор од тоа, не e живот, туку преживување. Живот сличен на биолошкиот живот на растенијата, кои штом ќе помине сезоната умираат и исчезнуваат засекогаш. 

Mеѓутоа, човекот е личност створена според образ и подобие Божјо, со тоа и за вечност и нераспаѓање. Телото е дел од таа наша личност, меѓутоа телото не е доминантно, душата е доминантна. А дека е така, сведочи и овој настан во кој што Лазар бил умрен четири дена, Неговото тело било веќе смирисано. Меѓутоа Бог му ја вратил душата во неговото тело, неговото мртво тело оживеало.

Телото е живо кога душата е внатре во него, кога ќе го напушти душата, тоа умира и пропаѓа. А душата е жива кога благодата на Светиот Дух е со неа. Благодата на Светиот Дух е животот во Христос. Тоа е светотаински, добродетелен живот, кога на злото ќе враќаме со добро, кога нема да грешиме дури ни со помисла, и да не станува предвид за грешен збор и дела. Тие грешни дела, тие грешни зборови, тие грешни помисли не оддалечуваат од Христос (животот) и не усмртуваат. Тоа е таа втора смрт за која што зборува Јован во Откровението.

И логично е дека секогаш треба да го избереме правилниот избор, правилниот пат, а тоа е животот. И затоа треба да се бориме за животот, треба да се бориме за добрите дела, макар што демонот со неговите страсти, со неговите сили, притискаат да згрешиме, притискаат да направиме нeштo грешно за да ја погубат нашата душа. Да се потрудиме да не грешиме (барем колку што можеме да се воздржуваме) и така ќе бидеме живи и ќе бидиме наследници.

Марта, кога го пресретнала Исуса, му рекла дека ако беше Христос тука, немаше да умре нејзиниот брат. И тоа е вистина, ако сме со Христос нема да умреме. Меѓутоа треба да веруваме, и не како Марта иако верувала во општото воскресение, сепак не можела да поверува дека Исус Христос може во истиот момент да го воскресне нејзиниот брат.

Треба да веруваме во оштото воскрсение, ама треба да веруваме и во нашето лично воскресениe овде. Тоа е покајанието. Гревот е смрт и тоа е што смрди. Покајанието е враќањето од мртвите, воскресение, тоа е Лазаревото воскресение. Воскрсение пред Воскрсението.

Кога ќе се покаеме во нашиот грешен живот, кога ќе се покаеме за нашите грешни дела, и ќе се исповедаме, нашата душа оживува. Гревот е болест кој што ја заразува нашата душа и го заразува нашето тело. Се додека го имамe внатре во себе, тој се шири и ништо не може да го сопре, освен воскреснатиот Христос. Допирот со Христос не’ оживува, тој допир со Христос е покајанието. 

Христос за себе рекол дека е воскрсението и животот и кој верува во Него нема да умре, но ќе живее (Јн. 11:25) Но таа наша вера треба да биде силна и делотворна. А не како Марта која верувала, ама не верувала. Нашата вера, всушност ние ја потврдуваме преку нашиот живот. Не можеме да велиме веруваме во Христос, а да не веруваме во неговите зборови, и да не веруваме во неговата сила и воскресението.

Нека Господ Бог Исус Христос по молитвите на овој четвoродневен Лазар, ни даде и нас да ги воскреснеме нашите души и овде, а и во царството небесно да го доживееме воскресението во сета негова слава. 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија


About The Author