// Google analytics code

Крстопоклона недела – Отец Гаврил Галев

Денеска е третата недела од големиот пост, посветена на чесниот и животворен крст Господов. 

Крстот е нашата реалност и крстот е центар на нашиот живот. Всушност се во нашиот живот е крстоцентрично и поточно крсто-воскресноцентрично.  Преку крстот се доаѓа до воскресение. 

Како стојат работите во секојдневниот живот, може да забележиме дека постои една двојност. Едно противречењемеѓу овоземното и небесното, меѓу временото и вечното, меѓу доброто и лошото (злото), а сето тоа е заради гревот. Но на почетокот не беше така. Бог го создал својот свет да биде добар, и се беше добро. Заради гревот дојде таа подвоеност, таа борба и сега сме изложени меѓу две крајности. А тоа е, дали сакаме да му служиме на Бога или мамона, односно на Бога или на ѓаволот. Дали сакаме да си ја спасиме својата душа, да стекнеме Царство Небесно и вечна радост или пак да си ја загубиме својата душа и да појдеме онаму каде што не е подготвено за нас туку за паднатите демони на поднебесието, за сатаната и демоните, во вечните страданија. 

Изборот е наш. Бог не ни ја скратува нашата слобода, иако сме грешни и затоа вели: „Кој ќе го земе својот крст и врви по мене“, а земањето на крстот е прифaќање на се она што во секојдневниот наш живот Бог ни го дава за наша реалност. 

И уште ако ние се срамиме да живееме христијански, ако се срамиме да се нарекуваме Христијани, ако се срамиме да постиме, ако се срамиме да се исповедаме и да одиме на црква, да имаме свој Духовен Отец , тогаш сами избираме да сме од погрешната страна. Затоа и на страшниот суд и Тој ќе се срами од нас, или поточно ние ќе се срамиме од Него, затоа што така сме постапиле.  

Заради тоа крстот е наша реалност, а тоа е да ги понесеме сите наши страданија, сите наши искушенија, сите наши подвизи во овој живот за да стекнеме Царство Небесно, да стекнеме вечна радост. 

На тој пат, на тој животворен пат, ќе не среќаваат најразлични ситуации, понекогаш и непријатни. Кога патуваме не секогаш патот е рамен, не секогаш природата наоколу е убава, наидуваме и на нерамни патишта, наидуваме на непријатни временски услови, меѓутоа не застануваме со нашето патување.  Одиме таму каде што сме тргнале затоа што имаме цел да стигнеме таму. Така и во нашиот живот. Тука се пројавува таа наша подвоеност, дали во овој духовниот живот сакаме да изодеме до крај, сакаме секогаш да сме Христијани во секое време и во секоја прилика па макар и ни се заканувале со многу непријатности па дури и смрт, како тоа се случувало во минатото со мачениците, или пак ќе се откажеме, ќе се соблазнеме, ќе престанеме да постиме, па во дадено време ќе прифатеме нешто од овој свет и ќе почнеме да живееме нехристијански. 

И затоа вреди да се бориме. Затоа светите отци оваа недела го ставаат крстот на средината од храмовите, на средината од постот како поткрепа за нас Христијаните да го издржиме подвигот на постот.

Што значи тоа да си ја загубиме душата или да си ја спасиме, да си ја зачуваме душата, односно тој кој што ќе ја изгуби ќе ја спаси?Заради нашата паднатост ние во нашиот живот сме стекнале страсти и сме го заробиле нашето срце од страстите и тие наши страсти станале наша втора природа. Посебно гордоста, суетата и високото мислење за самите себе, тоа е најстрашното и од тука потекнуваат сите други страсти и гревови. Од се можеме да се откажеме, еве ќе постиме, ќе тримириме и нема да јадеме, меѓутоа, кога некој човек ќе ни каже еден збор што не е според тоа како што ние очекуваме, како што нам ни годи, ќе ја повреди нашата суета, ние веднаш реагираме бурно. Тоа не е носење на крст, тоа е отфрлање на крст. 

Или пак, еве сега време е за постите, кога ќе треба да се најдеме во некоја ситуација дали да постеме, или не, ние се двоумиме па ќе си најдеме некое оправдание (што не е оправдание) и ќе го прекршиме и згрешиме во постот. И повторно тоа не е носење на крстот. 

Или пак некој ќе ни каже некој навредлив збор, ние повторно не еден, туку му враќаме со сто наши зборови на неговиот еден збор. Па дури ако има можност и ќе го натепаме, ќе му вратиме со зло, и повторно тоа не е носење на крст. 

Меѓутоа ако истрпиме, ако премолчиме, ако не враќаме на злото со зло, тоа е откажувањето од себе, носењето на крстот и тоа е губењето на нашата душа за Христос и Евангелието (Maрко 8:35). Тоа е кога ќе се откажеме од својата суета, од својата гордост и високото мислење за самите себе. Кога се со благодарност ќе прифатиме во нашиот живот, а особено кога ќе ги прифатиме укорите, поуките од нашиот Духовен Отец, е тоа е веќе носење на крстот. Тоа е убаво носење на крстот и тогаш како што од гордоста доаѓаат сите гревови, така преку смирението доаѓаат сите добродетели, сите добри дела. Тоа е отварањето на вратата на благодата на Светиот Дух и творењето на добри дела. 

Затоа да не се срамуваме ако некој не навреди, да вратиме со добро. Треба да премолчиме, треба да издржиме, треба се’ со благодарност да прифатиме и тоа е спасоносно за нашата душа.  

Да не враќаме со иста мера, или да бидеме гневни и полоши. Туку се да враќаме со смирение и љубов. Тоа е носењето на нашиот крст и така ја стекнуваме благодата на Светиот Дух, она за кое што претходната недела зборувавме кога свети Григориј Палама застанал сам пред сите, се изборил да докаже дека благодатниот живот е возможен живот во заедница со Бога и дека само Бог е нашата реалност. 

Што и да е, и богатство и слава и пари ќе пропадне, само Бог останува, затоа што повторно на крајот на денот односно на крајот на својот живот ќе се соочиме со таа нерешлива загатка, нерешлив проблем, а тоа е смртта која што само Христос ја решил, само Христос ја победил. Христос е првиот кој што ја победил смрта затоа ние доброволно, свесно, љубовно и слободно избираме да сме Христијани за да живееме вечни векови со Христа и со Бога. Амин.

Отец Гаврил Галев
Игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

23 / 03 / 2025


About The Author