КРСТОПОКЛОНА НЕДЕЛА – Митрополит Струмички Наум
~+~
Maрко 8:34 – 9:1
„Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене!“ (Марко 8, 34).
Крст Христов се нашите волни и неволни страдања, кои со смирение и благодарност ги трпиме заради заедницата со Богочовекот Христос. Само овие страдања, не – кои било.
Кога ни вели да се одречеме од себе, да го земеме својот крст и да врвиме по Него, Господ Исус Христос нè повикува доброволно да ги поминеме трите степени од нашиот духовен развој:чистењето на срцето од страстите, просветлувањето на умот и обожението на личноста.
Одрекувањето од себе го покажува првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите. Крстот, т.е. страдањето на овој степен, се состои во одрекување од нашето болно јас, кое поради гревовната навика се поистоветува со своите страсти: сластољубие, среброљубие и славољубие; и тоа не е лесно. Но, Крстот Христов ни е прва љубов; и последна.
Одрекувањето започнува од моментот кога ќе се покаеме, ќе ги исповедаме своите гревови и ќе почнеме да живееме во Црквата, под раководство на духовен отец – во послушание.
Земањето на крстот е посебно поврзано со вториот степен од духовниот развој – просветленоста на умот со дарот на умно-срдечната молитва. Крстот се состои во молитвениот подвиг, т.е. љубов кон Бог и кон сите луѓе, а истовремено и во страдањето поради некои луѓе коишто, водени од демонот, нè напаѓаат и мразат, без ништо лошо да сме им сториле.
Одењето по Христос, во вистинска смисла на зборот, се однесува на третиот степен на духовниот живот – обожение. За тоа, во свое време… на дело. Тоа е Воскресение.
Значи, Господ нѐ повикува на освестен и волев подвиг – страдање на децата Божји… Ако не, секако нѐ чекаат неволните страдања на „наемниците“ и „робовите“.
Страдањето е дар Божји што ни го открива нашиот внатрешен свет. Знак дека страдањето го прифаќаме како дар Божји е, кога без тоа самото воопшто да се промени – освен нашиот став кон него, истото ни станува извор на радост, утеха и Божја благодат. Како е тоа можно?
Во секое наше лично страдање Го препознаваме првенствено Христос и го надградуваме нашиот личносен однос со Него. Самото страдање е реално, но тоа останува во втор план, затоа што преку прифаќањето и благодарењето истото станува извор на радост од новоостварениот и надградениот однос со нашиот Господ. Секое друго страдање е бесмислено.
Треба да го прифатиме начинот на кој Бог решил да комуницира со нас – па колку тоа и да ни изгледа лошо, а не да го одбиеме. Прво прифаќаме, а потоа гледаме дали тука нешто може да се промени. Љубовно се бунтуваме само кога нешто бараме за друг или за Црквата.
Нашиот однос со Бог е жив однос: едно прифаќаме со благодарност, со друго недвојбено се согласуваме, за трето љубовно се бунтуваме и бараме да се промени – сѐ зависи од тоа колку е изграден нашиот личен однос со Него; на кој степен сме и каква слобода имаме пред Него.
Нема боголикост и богоподобност на човекот, нема вистинска слобода и љубов во односот меѓу човекот и Бог, нема вистински однос меѓу човекот и Бог ако човекот нема можност да ја промени и Божјата волја. Нема човек и нема Бог – нема Богочовек. Нема Крст. Толку.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум
(03.04.2021 16:39)
Photo: Fr. Gavril (Galev)
http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7403