// Google analytics code

Кратко житие на Старец Јосиф Исихаст – Игумен Гаврил

DSCN7797-Copy-copyМонаштвото познава неколкумина преподобни личности, монаси, кои во свое време оставиле длабок печат во историјата на  Православната Црква. Еден од тие духовни вождови на монаштвото, е и преподобниот старец Јосиф Исихаст од Света Гора. Тој е препородителот и патеводителот на денешното монаштво на Света Гора во Грција, во Америка, а ќе се осмелам да кажам и во Македонија и на Балканот, па и овде во Австралија. Со своето мало монашко братство кое го сочинувале Старец Ефрем Филотејски, старец Харалампиј Дионисијатски, Старец Јосиф Ватопедски, Старец Арсениј Спилеот Исихаст, а негов ученик е и Старец Ефрем Катунакиотски, тој, старецот Јосиф Исихаст, го подига духовниот живот во манастирите на Света Гора: Филотеј, Дионисијат, Ватопед, Каракалу, Ксиропотаму, Костамониту, како и во многуте нивни метоси, а нивното духовно искуство има влијанија и во сите други манастири, скитови и ќелии на Света Гора и надвор од неа. Денес неговите посредни и непосредни ученици, по Божја промисла , Бог ги распространил насекаде во светот и неговите духовни четива се преведени на многу светски јазици.

Старец Јосиф Исихаст или Спилеот е роден 1898 година во селото Левкис на островот Парос во Грција. Бил избран уште од утробата на мајка си за службата Божја. Тој од мали години го загубил татко му и за неговото воспитание се грижела неговата, особено побожна мајка. Бидејќи неговото семејство било многу сиромашно, младиот Франциско, така се викал старецот пред да се замонаши, морал уште од најрани години да работи за да го обезбеди неопходното за опстанокот на семејството.

Со своите осумнаесет години старост, тој заминува за Пиреја каде што живее и работи. Го завршува воениот рок во морнарицата, а потоа продолжува да работи. Бил многу силен , храбар и снаодлив млад човек, а работејќи како трговец бргу се збогатил. На 23 години почнува да се запознава со духовноста, односно да чита светоотечки книги. Читајќи ги подвизите на светите Отци и поминувајќи се повеќе времето во молитва и подвизи, полека почнува да се оддалечува од светот и светскиот метеж и врева. Неговото срце тежнеело не кон пропадливото и лажно земно богатство, туку кон нетрулежното, вечно и непроценливо богатство на дарот на благодатта на Светиот Дух во Црквата. Се откажал од се што имал, го раздал на сиромаси и се упатил кон небоземната држава на Царицата Небесна, Мајката Божја, на Света Гора Атонска.

Таму пак, на Света Гора Атонска, најпрво прошетал долж и попреку по неа, а барајки старец и место за подвиг. Како пчелата што лета од цвет на цвет и го собира најубавиот нектар така и тој одел од Старец до Старец, напојувајќи се од небесниот нектар на благодатта Божја, собирајки го нивното духовничко искуство за свое лично надградување, растење и заеднчарење во Бога. На празникот на Преображение се искачил на врвот на Света Гора, каде има мала црквичка посветена на светото Христово Преображение и таму го сретнал отец Арсениј кој понатаму ќе му стане неразделен пријател и соподвижник. Од таму, заедно со Арсениј, се упатиле кај прочуениот стрец Даниил на Катунаќа, кој ги советувал да си изберат (понајдат) Старец, кој не мора да е прочуен, па нему да му се потчинат во послушание, затоа што патот на животот во Христа е предание, а дарот на светиот Дух се предава од Старец на духовното чедо и без благослов од Стрецот и  беспрекорно потчинување и послушание, нема спасение и обожение. Тогаш тие го пронашле старец Ефрем кој живеел во ќелијата Благовештение и му се предале во послушание. Старец Ефрем бил ракоделец, правел дрвени буриња за вино. Го краселе многу добродетели како едноставноста, добродушноста, бил мирен, тивок, незамисливо молчалив и благ. Доаѓањето на тогаш младите искушеници Јосиф и Арсениј, за него претставувала неискажлива радост. Старец Ефрем го замонашил младиот Франциско со монашко име Јосиф во пештерата на св.Атанасиј.

Неуморен во подвигот на барањето и страданијата за поголемо молитвено тихување  во непрестајното призивање на Името Божјо – Исусовата молитва Господи Исусе Христе, помилуј ме – со сеноќни бденија и строги пости, Старец Јосиф многу рано го стекнува дарот на чистото срце и на непрестајната умносрдечна молитва.

Еден ден наоѓајќи се во особена усрдна молитва и плач, но и душевна тага заради тоа што неможел да го пронајде своето местото за подвиг, доживеал откровение на Божјата милост. Кога во еден миг погледнал во малата црква на Пресвета Богородица, во себе почуствувал неискажлива радост; одеднаш здогледал светол зрак кој излегувал од споменатата црквичка застанувајќи како виножито над него. Тогаш целиот се променил заборавајќи на себеси. Се исполнил со светлина и внатре во срцето и надвор околу него нечуствувајќи го своето тело. Тогаш Исусовата молитва почнала да извира од неговото срце без никаков напор. Тоа била благодатта Божја и оттогаш непрестајната Исусова молитва останала засекогаш во неговото срце, но не со толку силно дејство како во првиот момент.

Подоцна, кога веќе на себе го зема и јаремот на светото послушание, имајќи го веќе опитот и пламенот на молитвата, тој не го намалил својот подвиг. Секоја вечер по зајдисонце се осамувал, се повлекувал на своето место, седел на дрвено столче и шест часа непрестајно ја изговарал Исусовата молитва заклучувјќи го својот ум во срцето. Времето го мерел со будилник кој го поставувал подалеку од себе за да не му пречи во молитвата, предходно поставувајќи го за да ѕвони по шест часа. Една ноќ, така пребивајќи во молитвата, бил осветлен од несоздадената Божествена светлина која толку многу се раширила што го осветлила целото место каде овој свет подвижник се подвизувал, слично како на Тавор, каде св. Ап. Петар му рекол на Господа “добро ни е да бидеме овде”. Потоа кога си дошол на себеси, забележал дека будилникот одамна ѕвонел, без да го слушне. По ова созерцание, благодатта на молитвата кај него се умножила.

Бидејќи исихастичкиот начин на живот на братството не се сопаѓал со типикот на отците во околината, се јавувал и отпор. За да не ги соблазнуваат, се преселиле во тивкото место св.Василиј. И овде не останале за долго, бидејќи наскоро, со смрт на преподобен, предвестувајќи си го својот смртен час, се упокоил во Господа нивниот Старец Ефрем.

Зимскиот период го поминувале во својата ќелија во пост и молитва, а преку лето Старец Јосиф, сега заедно со својот соподвижник Старец Арсениј, повторно се препуштил на скитнички живот немајќи ништо земно, а како што вели Господ: не земајте ниту стап ниту обувки…  туку оделе од место на место барајќи поуки од светите Старци, подвижници. И кога пешачеле тие беспрекорно се држеле до тихувателниот начин на живеење, одејќи на определено растојание еден по друг, запазувајќи го така возљубеното молчание. Јаделе само сув леб. Стрец Јосиф јадел по 75 грама сув леб еднаш во денот, после деветиот час. Секоја Сабота и Недела присуствувале на Литургија во манастирите каде го добивале вообичаеното јадење како и сите други. Во овој подвиг поминале 8 години.

По овој период двајцата подвижници одлучиле повторно да се повлечат во месноста св.Василиј, каде подолгиот дел од денот пребивале во своите ќелии насладувајќи се со кажувањето на Исусовата молитва. Изградиле и мала Црквичка посветена на Рождеството на св.Јован Крстител и почнале да прават дрвени крстчиња како секојдневно монашко ракоделие. Старец Арсениј го изработувај погрубиот дел оформувајки ги, а Стрец Јосиф ги резбал на нив Распетието од едната страна и ликот на Богородица од другата. Живееле, такаречено, скоро затворенички живот. Старец Јосиф за прв пат почуствувал телесна борба која вообичаено се случува кај почетниците и во таква тешка борба поминал цели 8 години.

Орлите се собираат каде што е трупот. Боготрагателите, оние кои копнеат по возвишени цели, се собираат онаму каде се духовниците, духоносците, кои како огнени столбови и немирисани кринови зрачат и благоухаат со својата светост и духовна убавина. Во тоа време околу нив почнале да се собираат и други монаси и искушеници. Многумина дошле, но малкумина се задржале. Бидејќи  неможеле да го издржат нивниот тежок исихастички типик (правило, устав на живеење ). Старец Јосиф го усвоил правилото никого да не одбива, туку секој со љубов да го прима се додека сака да остане. Старец Јосиф особено се грижел и за немоќните, душевно болните и бесомачните кои само ако имале послушание и заради неговата вештина во борбата со страстите се извлекувале.

Барајќи поосамен и тивок живот, во јануари 1938 година се преселиле во некои пештери близу скитот Мала Света Ана. Таму, го заградиле дворното место, па од дрва и кал направиле три ќелии кои биле долги долги метар и осумдесет и широки метар и педесет, а во кои освен од непоходните работи немале ништо друго. Во една од пештерите направиле црквичка на св.Јован Крстител, во која се служело еднаш или двапати во неделата света Литургија за да се причестат.

Типикот им бил следен: работеле до пладне, потоа се повлекувале во осама и се молеле на бројаница наместо вечерна служба. Читале, но не често и не многу. Потоа се собирале заедно на јадење и со благослов на Старец Јосиф се повлекувале во своите ќелии за одмор. По одморот следувало молитвено бдение до полноќ, секој во својата ќелија. Ако требало да се служи света Литургија, таа се служела по полноќ, а ако пак немало Литургија, младите монаси или нешто читале или го посетувале Стрецот за исповед и духовен совет или продолжувале со Исусовата молитва. Потоа пак, следувал мал одмор. Кога пак Отец Харалампиј станал јеромонах, тогаш се служело секој ден Литургија и секој ден се причестувле со животворните и спасителни свети тајни како наш Леб насушен.

За време на великите пости, и така тешкиот живот станал неподнодлив. Младите монаси со голема љубов, желба и усрдност се труделе да го следат подвигот на својот Старец, но таа нивна жртва ги донела до крајните сили на изнмоштеност, па Стрец Јосиф во јуни 1951 година, одлучил да се преселат во Новиот Скит (Неа Скити).

Таму се населие во колиби малку оддалечени од скитот, а бидејќи Старец Јосиф поради болест неможел да пешачи, ниту пак да остане без литургија и причест, повторно била изградена мала црква посветена на св.Јован Крстител. И во Неа Скити тие го продолжиле својот строг молитвен типик. Старец Јосиф не попуштал во својот строг подвиг туку настојувал и да го зголеми! Прележал и две тешки болести. Првиот пат не сакал воопшто да се лекува, надевајќи се само на Господ и Пресвета Богородица. Се опоравил после една година. Неговото тело станало една рана, но не се откажувал од своето возљубено молитвено правило. Болестите, строгиот и тежок подвиг, суровите услов допринеле неговото здравје драстично да се влоши. Во последните четириесет дена од својот живот, речиси вопшто и не јадел, причестувајќи се секој ден и вкусувајќи по малку лубеница.

Неговата смрт била на преподобен. Предвреме бил известен од Пречиста Богордица за неговиот крај овде, односно дека ќе го земе на Нејзиниот празник. На празникот Успение на Пресвета Богородица, за последен пат се причестил со светите тајни изговарајќи ги зборовите:  за попатнина кон живот вечен, и ги собрал своите ученици за да им го даде последниот благослов. Во својата ќелија го оставил само Старец Арсениј и мирно ја предал својата блажена и чиста душа во рацете на Пречистиот, за кого цел свој живот копнееше и живееше.

Се упокоил на шеесет и една година, а изгледал како старец во многу длабока старост.


About The Author