// Google analytics code

КОЈ Е ДОСТОЕН?

  „Ако не го јадете телото на Синот Човечки

 и не ја пиете крвта Негова,

 не ќе имате живот во себе“

 (Јован 6: 53)

 

НЕ ЛИШУВАЈ СЕ ОД ХРИСТОВАТА ЧАША

Св. Димитриј Ростовски

 „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не Ќе имате живот во себе“ (Јован 6: 53), ете, колку е голема загубата од лишувањето од Христовата Чаша!

Знам, многумина ќе ми речат: „Јас сум недостоен и грешен и затоа на се осмелувам да пристапам да се причестам со Божествените Тајни“. Убаво ти велиш кога себе си се нарекуваш недостоен грешник, бидејќи – кој може да биде целосно достоен? „Никој не е достоен од врзаните со плотски похоти и сласти да пријде, или да Ти се приближи Тебе, Цару на славата“, се вели во една од молитвите на светата Литургија.

Но, лошо постапуваш кога се oтстрануваш од светата причест, бидејќи во Псалмите пишува: „Оние, што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат“ (Псал. 72: 27).

Нашата недостојност е двојна: недостојност на оние кои искрено се кајат, и недостојност на оние кои неискрено се кајат. Оние, кои искрено се кајат, се удостојуваат со Божествената Причест за простување на гревовите, според Христовите зборови: „Здравите немаат нужда од лекар, а болните“ (Матеј 9: 12). Оние, кои неискрено се кајат, недостојни се за Божествената Причест, бидејќи е напишано: „Светињата не ја давајте на кучињата“ (Матеј 7: 6)

А кој е тој кој неискрено се кае?

Тоа е оној кој ги крие своите гревови пред црковниот пастир, или ги открива, но не жали за тоа што ги направил; или, можеби и жали, но не одлучил цврсто во своето срце и не дал завет дека повеќе нема да се враќа нa претходните гревови, туку сè уште има намера да продолжи со нив. Таквиот е недостоен за светата Причест, и ако пристапи, за осуда ќе јаде и пие!

А кој искрено се кае, жали заради своите гревови, и донесува непоколеблива одлука дека, со Божја помош, на секој начин ќе се чува од гревот, таквиот, според Божјата милосрдност се удостојува за Божествената причест, па нека е и сосема недостоен.

За преподобната Марија Египетска пишува во нејзиното житие дека била голема грешница и дека Божјата благодат дури не и допуштала ни да влезе во Божјата црква, за што подоцна таа самата му раскажувала на преподобниот Зосим. Но, кога таа недостојна грешница во своето срце пред иконата на Пресвета Дева Богородица донесла цврста одлука и дала ветување дека повеќе нема да се враќа на гревот, не само што можела слободно да влезе во црквата, туку истиот ден се удостоила и да се причести со светите Христови Тајни. Ете, видете! Таа уште не стигнала да направи ништо добро за своите гревови, уште не стапнала на трновитиот пат на пустинските подвизи, едвај дали поминал и еден ден откако расчистила со грешното живеење, веќе не била лишена од Господовата Чаша, зашто нејзиното покајнаие било искрено, а не лажно.

Слично раскажување постои и во Прологот. Еден епископ го известиле дека две жени паднале во грев против седмата Божја заповед. Тој се помолил на Бога да му ја открие вистината и им наредил да се подготват следниот ден да се причестат. Кога утрината го причесувал народот, лицата на едните кои се причестувале се покажувале светли, а на другите темни. Кон светата Причест пристапиле и тие две жени, и епископот видел дека и нивните лица се светли, а кога се причестиле, нивните лица засветлиле како сонце. Бидејќи епископот се чудел на ова што го видел, му се јавил ангел и му рекол: „Вистина ти кажаа за гревот на овие жени, но тие се покајаа, го исповедаа својот грев и дадоа цврсто ветување дека повеќе нема да паѓаат во него. Бог им ги прости гревовите и ги удостои со таква благодат, каква што виде!“

Затоа, никој нека не се лишува од Господовата Чаша: само искрено покај се и вети во своето срце дека повеќе нема да се враќаш на претходните гревови. А тогаш, иако си и недостоен, надевај се на Божјата милосрдност, која ни гревовите на целиот човечки род не можат да ја надвладеат, и пристапи кон Христовата Чаша, пристапи со страв, но и со надеж на Божјото Човекољубие, и светата Причест ќе ти биде за прошка на гревовите!

извор: https://blagovesti.wordpress.com/


About The Author