Клирик што имал голема почит кон Пресвета Богородица, паднал во грев и умрел – Од чудата на Пресвета Богородица
Бил некој клирик што имал голема почит кон Пресвета Богородица. Секој ден се молел и со големо умиление непрестајно го читал Нејзиниот акатист, но, како човек со тело, паднал бедниот во блуден грев. Еднаш отишол тој при една своја пријателка да ја задоволи својата страст и кога се враќал, минувал по еден мост и ја говорел во умот молитвата на Пресвета Богородица. Во тој момент, дали случајно или под дејство на ѓаволот, мостот се урнал и клирикот се удавил во реката. Тогаш ѓаволите му ја зеле душата за да ја однесат во вечната мака. Но многумилостивата Владичица веднаш се нашла таму и заповедала да ја однесат при праведниот Судија, Тој да и суди. Тие ја послушале, ја однесле душата при Судијата и кога Му ги покажале гревовите што ги направил клирикот, а посебно неговиот грев блудството, Му рекле: „Ти си праведен Судија и не треба да ја помилуваш таа душа, затоа што умре во смртниот свој грев”. Но на тоа премилостивата Богородица одговорила: „Во Писмото стои дека во каква состојба ќе се најде така ќе му се суди. Во моментот пред смртта овој човек читаше молитва и ме повикуваше на помош, изразувајќи ангелско целивање, според својот обичај, поради тоа вие немате дел во оваа душа, таа е моја”. Тогаш Судијата заповедал на еден ангел да го донесе јазикот на клирикот и тој веднаш отишол во реката, го извадил јазикот на умрениот, го донесол – и сите виделе дека на јазикот било напишано: „Богородице дево, радуј сја, Благодатнаја Марие!” Тогаш Господ и рекол на душата: „Врати се во телото за да се покаеш. Ѓаволот нема власт над тебе поради твојата почит кон Мајка Ми, Која е спасение на човечкиот род и треба да ја почитувате колку што можете. Проповедај дека Нејзината смелост кон Мене е голема, како и за победата и силата што ја има над ѓаволите”. И така клирикот се избавил од смртта. Ангелот му го извадил телото од дното на реката и го оживеал. Потоа тој се одрекол од овој свет и од телесните наслади, па отишол во еден манастир и се покајал пред Бога и Богомајката.