// Google analytics code

Како и ние што им простуваме…

confessionАва Силуан беше еден од оние Старци околу кои се собираше многу народ, како монаси, така и обични мирјани. Бескрајната љубов што ја покажуваше кон сите, но и неговото длабоко теолошко знаење, го направија исклучителен. Ако некој би се нашол во негова близина, не би сакал ништо друго, туку само да го слуша. За сите проблеми и тешкотии имаше да каже утешен збор и да даде совет.

Многу луѓе доаѓаа само за да ги слушнат неговите благословени слова, но не биле малкумина и оние кои често доаѓаа кај Отецот за да се исповедаат и да побараат помош во духовната борба.

Еден од тие беше и Георгиј, благочестив домаќин, кој го обработуваше својот имот на Исток. Често одеше кај Старецот, а тој го советуваше за сè што го интересираше.

Меѓутоа, во последно време веќе одамна не беше отишол кај него. Имаше проблем со еден сосед кој му стори зло. Од него претрпе многу маки, сепак беше трпелив и ги надминуваше со своите молитви кон Бога. Но, како што минуваа деновите, соседот стануваше сè полош, а малтретирањата за скромниот Георгиј беа сè повеќе. Еден ден на неговото трпение му дојде крај, а неговата огорченост беше толку неиздржлива, така што се разгневи на својот сосед и одлучи да го казни. Меѓутоа, самиот не можеше да му наштети, затоа сметаше дека подобро решение е да го предаде на суд.

Но, за една таква одлука требаше да го праша Старецот од пустината. И навистина се упати кон скитот на Ава Силуан. Кога стигна, Отецот го прими со радост и веднаш појдоа во црквичката на скитот. За време на исповедта, Георгиј му раскажа на Старецот за неговите случувања со тврдокорниот сосед, но и неговата одлука да го предаде на судот.

– Не може подруго, мој Оче, – рече Георгиј. – Се трудев колку што можев. Се молев со сета сила. Но, и јас сум човек. Не можам веќе. Видете, на почеток беше само непријателски расположен кон мене. Потоа, со измами успеа да ми го земе пола имот. Јас и тогаш бев трпелив. Ме озборуваше насекаде. Ги изгубив и пријателите и познаниците. Ширеше разни обвинувања  против мене и луѓето престанаа да зборуваат со мене. Но, најлошо од сè, Оче, е тоа што пред неколку дена се обиде да ме отруе. За тоа станува збор. Ме обзеде огорченост и одлучив да го казнам заради сè што ми направи. Но, Старче, немам ниту сили ниту храброст. Затоа ќе го предадам на судот, и така ќе го стигне заслужената казна, а јас ќе ја добијам својата правда.

Ова го рече Георгиј, а Ава Силуан, молчелив и смирен, му одговори:

–  Прави како што сакаш, дете мое.

– Зарем не мислиш, Старче, дека ќе биде уште поправедно ако го казнат строго? Имам судии познаници кои ќе се погрижат за тоа, – рече Георгиј.

– Прави го она што ти дава утеха, – одговори Отецот незаинтересирано.

– Тоа би било подобро и за неговата душа, нели Оче? – праша Георгиј. Но, Старецот не одговори.

– Епа, да заминувам полека, – рече Георгиј. – Да не й додевам веќе на твојата љубов. Одам право кај судијата.

– Застани малку, дете мое. Не брзај толку, – рече Отецот. – Ајде прво да се помолиме Бог да ја благослови твојата постапка.

Старецот стана, го доведе Георгиј и двајцата застанаа пред иконата на Седржителот. Откако се прекрсти, Отецот почна да говори:

„Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја и на земјата како што е на небото. Лебот наш насушен дај ни го денес, и не ни ги простувај долговите наши како што и ние не им ги простуваме на своите должници”.

На овие последни зборови на отец Силуан, Георгиј повика:

– Ама Старче, не оди така Господовата Молитва. Да не згрешивте малку?

– Навистина, дете мое, не е така Господовата Молитва, – рече Отецот со строг глас. – Таква е, меѓутоа, реалноста. Бидејќи ти одлучи својот брат да го предадеш на суд, јас не можам да се молам со друга молитва за тебе.

Георгиј занеме. Зеде благослов и се врати во својата куќа. Зборовите на Отецот длабоко се врежаа во неговата душа. Одлучи така и да направи – ја трпеше злобата на соседот сè додека тој не умре. А самиот тој го продолжи својот добродетелен живот, повторувајќи ја поуката на старецот Силуан:

– “Прости ни ги долговите наши, како што и ние им простуваме на своите должници…”


About The Author