// Google analytics code

Како да Те воспеам Тебе, богатството на славата? – Св. Григориј Палама

booo…Таа Самата ја образува границата меѓу создаденото и несоздаденото, и никој не може да дојде до Бог освен преку Неа и Посредникот роден од Неа, и ниеден од даровите Божји не може да биде даруван ниту на ангел ниту на човек освен преку Неа. (…) „Бог е среде неа; таа нема да се помести“ (Пс. 46, 5).

Ако Бог ни враќа според мерката на нашата љубов кон Него, и тој што Го љуби Синот е возљубен од Него и од Неговиот Отец и на таинствен начин станува пребивалиште и на Двајцата, оти Тие си прават живеалиште и патека во неговата душа, како што Бог ветил (види: Јован 14, 23; 2. Кор. 6, 16), кој би можел да Го љуби повеќе отколку Неговата Мајка? Зашто не само што Он беше Нејзиниот единствен Син туку Таа Го носеше без маж, така што Нејзината родителска љубов, природно, беше удвоена, без да биде споделувана од сопруг. Но кој може да Му биде подраг на единородниот Син од Неговата Мајка, особено бидејќи на неискажлив начин происходи од Неа во последните времиња, како што Он происходи само од Отецот пред сите векови? И како повторно да не биде многупати умножена честа што ѝ прилега, и над достојното место на син, од Оној што слегна за да го исполни законот? Ако љубовта на Отецот и Синот е една, а честа и заедницата дарувана од Нив, исто така, произлегува од Духот – О надумните дарови на Девата – во Својата душа Таа ја носи целата несоздадена Троица, чија една Личност бессемено ја зачна во Својата утроба, и бидејќи остана Дева, Го роди без болки на родилка.

Исто како што само преку Неа Он дојде при нас и „се јави на земјата и живееше меѓу луѓето“ (Варух 3, 37), а претходно беше невидлив за сѐ, така и во бескрајното време што следи, каков било напредок кон божествено просветлување, секое откровение на таинствата на божествениот поредок и секој вид духовен дар ја надминува способноста на секого – без Неа. Бивајќи првата што ја прими „полнотата на Оној Кој исполнува сѐ во сѐ“ (Ефес. 1, 23), Таа Го принесе на дофат на сите, споделувајќи со секого според неговата сила и сразмерно мерката на неговата чистота. Така, Таа е и ризница и ризничар на благата на Бог, а највисоките чинови на херувимите се надеваат на Неа и веруваат во Неа. Тие, пред сите други, се обземени со копнеж за Неа, како што, повеќе од сите други, копнеат по излевањето на светлина и дарувањето божествени дарови што доаѓаат преку Неа. Сите духовни сили под нив соодветно учествуваат во оваа љубов и во божественото просветлување преку Неа. После нив, и за нас, исто така, за сите мажи и жени, според степенот на нашето бестрасно и свето копнеење за оваа Боголика Дева, ќе следи бестелесна, непрестајна љубов и потполно искрена желба после состојбата на божественото просветлување и неговата јасност.

Вечен закон на небото е дека помалото ќе учествува преку повеликото во она што е над суштествувањето. Така, како што Мајката Дева е неспоредливо повелика од сѐ така и многумина што ќе учествуваат во Бог тоа ќе го направат преку Неа, и како што многумина ќе Го познаат Бог, ќе ја препознаат Неа како Онаа што Го носеше Несместливиот, и како што многумина ќе Го слават Бог, и Нејзе ќе ја воспеваат после Него. Таа е причината на сѐ што ѝ претходеше, заштитничка на сѐ што стана потоа и причината за вечни блаженства. Таа е тема на пророците, почеток на апостолите, поткрепа на мачениците, основа на учителите. Таа е слава на оние што се на земјата, радост на оние на небесата, украс на сето создание. Таа е почетокот, изворот и коренот на неискажливото добро, врвот и исполнувањето на сѐ свето.

О Света Дево, како сѐ да преточам во слово? Како да ја искажам мојата желба? Како да Те воспеам Тебе, богатството на славата? И само сеќавањето на Тебе осветува. Еден краток поглед кон Тебе миговно го просветлува умот, издигнувајќи го до божествени висини. Во Тебе очите на нашето разбирање се избиструваат. Во Тебе нашиот дух зрачи со присуството на Божествениот Дух. Зашто Ти не стана чувар и извор на дарови за да ги чуваш за себе, туку за да ја исполниш вселената со благодат. Зашто личноста одговорна за неисцрпни ризници го надгледува нивното раздавање. Зошто би го затворила Своето богатство кога тоа никогаш не се намалува? Обилно сподели го со нас, О Владичице, а ако не можеме да го примиме, прошири ги нашите способности и тогаш штедро излеј го врз нас. Зашто самата Ти не прими по мерка, како што сите работи во Твоја власт Ти беа дадени.

 

Извадок од беседата „Воведение на Пресвета Богородица во Светињата на Светињите II“

Извор: http://www.mpc.org.mk/

 

 

English    мапа на сајтот

 


About The Author