Кажи само збор
„А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи: ’Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда‘. Исус му рече: ’Ќе дојдам и ќе го излекувам‘. А стотникот одговори и рече: ’Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави‘“ (Матеј 8, 5–8).
Римскиот стотник вели дека не е достоен. Но, неговото смирение, во овој случај, е само изговор да не Го заморува и да Го заштити Христос. Тоа е љубов на дело. Знае тој дека Христос патува, проповеда, исцелува од болести, зафатен е, и за да Го поштеди од дополнителен напор и замор, едноставно Му вели: „кажи само збор“.
Римскиот стотник е извонреден пример како треба да го заштитуваме нашиот духовен отец од непотребен труд, како да му оставиме време и сила да им помогне и на другите што страдаат. Човек треба да си го каже својот проблем накратко, но исто така, ако веќе верува во Бог, во силата на благословот на духовниот отец, треба тоа да го покаже и во можноста што ја остава за пристап и на другите што страдаат и имаат потреба од него.
Дека има вистинска вера и љубов во стотникот, препознаваме не само од љубовта кон Богочовекот Исус Христос, туку и од љубовта што ја покажува и кон својот ближен – тој не моли за себе, туку за својот слуга. Истото го покажува и со сочувството и осетот кон другите што страдаат и имаат потреба од Христос.
Целото погореопишано однесување е сосема спротивно од болното врзување за духовниот отец, од несовесното трошење на неговото време, од љубоморното чување на него само за себе, како и од непријателството кон секој што ни се чини дека ни ја загрозува нашата позиција кај него.
Рековме: побожниот однос кон духовниот отец, на почетокот – до просветлувањето, подразбира врзување за неговото слово, а не за него самиот. Од друга страна, пак, таму каде што нема слово во сила, вообичаено доаѓа до, најблаго речено – душевно врзување за „духовникот“. Разликата е како од небо до земја.
Секој што, како стотникот, го заштитува и го штеди својот духовен отец, ќе биде прославен и послушан од Самиот Христос: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера“ (Матеј 8, 10). „И му рече Исус на стотникот: ’Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!‘ И слугата негов во истиот час оздраве“ (Матеј 8, 13).
Еве што значи збор (слово) во сила. Богочовекот Христос кажа само збор и слугата на стотникот во истиот час оздравува. Божјиот збор, т.е. зборот во сила е извршен: тоа го гледаме и при создавањето на светот и човекот од ни од што претходно постоечко; тоа го гледаме и при многуте исцелувања болни; и при умножувањето на лебот и рибите; и при управувањето со природните стихии; и при изгонувањето на демоните; и при претворањето на водата во вино; и при воскреснувањето на мртвите; итн…
Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое и постојано го обновува и преобразува светот; затоа што Христос, преку конкретниот свештенослужител, е Тој што принесува и Се принесува, Кој прима и Се раздава.
Божји збор, Литургиски збор, збор во сила, соодветно, има веќе и оној што го просветлува својот ум преку дарот на умно-срдечната молитва; оној чиј ум невидливо богослужи пред олтарот на неговото срце.
Трудете се да го достигнете овој дар. Овој дар е вистинска љубов, спасение и мир за светот. Не грижете се, со што и кога и да дојде, смело и со радост ќе се соочиме. Религиозните социопати создаваат само конфликти и шират немир и страв – по тоа ќе ги препознаете.
Пресвета Богородице, спаси нѐ сите!
Митрополит Струмички Наум
(17.07.2021 15:50)