// Google analytics code

Каде си тргнала..?

Еден ден, една млада девојка откако слушнала од нејзините родители за Господ, се одлучила да оди во црква.

Но, непријателот го видел тоа па во лик на стара жена се појавил пред девојката и започнала да ја прашува:

“Каде си тргнала девојче? “

А таа одговорила: “Сакам да одам во црква и да се помолам на Господа.“

Но, старата жена почнала да ја разубедува:

“Што ќе правиш ти во црква, таму се само стари луѓе.“

Така девојката почнала да се предомислува и се вратила дома.

После неколку години, на истата девојка, која повеќе и не била девојка туку жена која имала 40 години, ѝ се појавил истиот копнеж во срцето да оди во црква за да се обрати на Господ.

Но, и овој пат, непријателот се “погрижил“ за тоа.

Одејќи жената кон црквата, повторно била пресретната од непријателот кој бил во лик на стара жена, и повторно почнала љубопитно да ја прашува, каде тргнала.

Таа пак одговорила:

“Одам во црква да се помолам на Господа“, но старата жена ѝ рекла: “Што ќе правиш во црквата млада жено? Ти си сега во најубавите години , треба само да уживаш во животот.“

И овој пат разубедувањето успеало, па жената се вратила дома.

Кога остарела и наполнила 80 години, и кога едвај можела да се движи, еден ден повторно се одлучила да оди во црква.

Сепак на непријателот и ова не му се допаѓало, па овој пат се појавил пред неа во лик на млада жена која почнала да прашува:

“Каде си тргнала бабо?“

Старата баба и одговорила: “Еве појдов во црква да се покајам и да се помолам на Господа“ а на ова младата жена (преправениот непријател) ја разубедувала:

“што би правела ти вака стара и изнемоштена, бабичке во црквата, па таму се само млади луѓе“.

И така и овој пат му успеало на непријателот да ја разубеди и таа се вратила дома.

После неколку месеци починала и никогаш не успеала да се обрати кон Господ.

Така е и со секоја личност. Непријателот преку разни искушенија, секојдневно и на разни начини се обидува да ја спречи секоја една душа да се обрати кон Господ.

Секоја душа за себе одлучува по кој пат ќе оди во животот. По патот на суетата и лагата со непријателот на човечкиот роид, ѓаволот или по патот на животот и вистината, патот кон Бога.  Според тоа и ќе бидеме судени за вечна радост во присуство на Седобриот Бог или во вечна мака на отсуството Божјо.


About The Author