// Google analytics code

Исцелувањето на слепородениот – Отец Гаврил Галев

IMG_9358-2-HDR~+~

“Исусе Сине Давидов, помилуј ме!”

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Ова Евангелско четиво  (Лука 18, 35-43) се читаше пред некоја недела и би требало да го памтиме неговото толкување. Сега би сакал да ја истакнам најбитна поента од овој настан која што е од суштинско значење за нас. Тоа е личноста на слепиот човек и неговиот одговор, односно неговaтa цел.

Слепиот човек го претставува целиот човечки род, целотo човештво како духовно слепо. Духовно слепи сме сите ние затоа што сме заробени од страстите и помрачени во умот, па божем нешто гледаме, но никако да прогледаме.

И рече Исус: “За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат оние што не гледаат, а оние што гледаат да станат слепи.” Го чуја тоа некои од фарисеите што беа со Него, и Му рекоа: “Зар и ние сме слепи?” Исус им рече: “Да бевте слепи, грев немаше да имате; а сега велите дека гледате, затоа и гревот ви останува.” (Јован 9, 39-41)

Слепи сме и не гледаме која е суштината, целта во овој живот, во овој свет и ја промашуваме. Меѓутоа овој, иако телесно слеп човек, стриктно знаел што е тоа, поточно Kој е тоа. Тоа е Самиот Господ Исус Христос, ветениот Месија, синот Давидов.

А додека се приближуваше Тој до Ерихон, еден слеп човек седеше крај патот и просеше; и штом чу дека покрај него минува народ, се распрашуваше: “Што е тоа?” Му кажаа дека минува Исус од Назарет. Тогаш тој извика и рече: “Исусе Сине Давидов, помилуј ме” (Лука 18, 35-38)

Кога слепиот човек разбрал од народот дека во неговата непосредна близина се наоѓа Исус Назареецот, како што народот Го објавил Патникот, сметајќи го за обичен човек, тој веднаш повикал со сиот глас: “Исусе Сине Давидов помилуј ме!”

Икао слеп, тој покажува познавање од Светото Писмо, знаел дека Назареецот не е само обичен човек од Назарет, роден од тело, туку Назареецот е ветениот Месија, Царот Израелски, Спасителот кој ќе дојде да им даде на слепите прогледување…

„Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза да им со­општам ра­досна вест на сиромашните. Ме прати да ги исцелам оние со скрушено срце, да им проповедам на заробените осло­бо­дување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напате­ни­те; да ја проповедам благопријатната година Господова!“ (Исаија 61, 1)

Откако народот го искарал, тој повторно, уште погласно наглaсил и извикал: “Сине Давидов помилуј ме!” Кога Исус Христос му се приближил, го прашал јасно пред сите, што сака?

И кога му пријде, го праша, велејќи: “Што сакаш да ти направам?”  (Лука 18,41). Слепиот директно му рекол дека сака да прогледа. Тој рече: “Господи да прогледам!” (Лука 18,41)

Сега следува најважното – зошто тој барал да прогледа?

Затоа што знаел што е слепило, знаел што е немоќ, зависност, врзаност и затоа тој сакал да прогледа да се ослободи и да го следи Христос, Кој што е вистинската слобода, светлина и живот. Го сакал само Него и сакал да го следи Христос таму кадe што Тој ќе го поведе, затоа и тргнал по Него. Не сакал да се насладува од земните наслади кои што ни ги нуди светот, зашто насладувајќи се co насладите oд овој свет, служејќи му на овој свет, се заробуваме од страстите и стануваме духовно слепи.

Преку примерот со слепиот јасно се гледаат и трите степени во духовниот живот. На првиот степен човекот бил слеп, заробен од страстите, заробен од гревот, меѓутоа имал вера и надеж, и се молел. Непрестајно се молел иако го карале и го опоменувале да престане да вика по Исуса, тој уште посилно викал и се молел.

Откако Бог се спуштил до него, односно му го очистил срцето од страстите, му го вратил видот и му дал и духовно прогледување тој станал и тргнал по Hего.

Тогаш Исус му рече: “Прогледај! Верата твоја те спаси.” И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи го Бога. (Лука 18, 42-43).

Тоа е вториот степен во духовниот живот – кога одиме, односно, живееме (с)по(ред) Бога. Тогаш молитвата станува сосредоточена умно-срдечна, но сеуште ја кажуваме аскетски, поттикната од нас.

Tретиот степен е обожението, кога човекот се вподобува на Бог и тогаш го прославуваме Бога, а молитвата станува непрестајна, благодатна, која што постојано се твори во срцето.

Да се поучиме од овој слеп човек, кој што не’ учи како треба да Го исповедаме Исус и како треба да живееме за Него.

За жал, иако при очи, ние сме духовно слепи и далеку од него и ја немаме истата цел како овој слеп човек. Глобално, човештвото не живее според Христос. Живее во мрак и бесцелност. Денешниот човек повеќе го бара земното и земното царство, наместо Бога и Божјото Царство. Живееме раскошно и безобзирно во овој свет, робувајки им на гревот и старастите.

Треба да знаеме дека секогаш кога ќе Го побараме Него – ќе Го добиеме и секогаш имајќи Го Него всушност ние стануваме Негови синови и Негови сонаследници, а тоа значи царски синови, Божји синови и се што е Негово е и наше и апсолутно нема нешто што ќе ни недостасува и од ништо да не се плашиме.

Меѓутоа кога ќе бараме од Него нешто друго а не Него, тогаш ја промашуваме целта и секогаш ќе имаме нешто што ќе ни недостасува, секогаш ќе бараме нешто, секогаш ќе бидеме со нешто незадоволни, нестабилни и несреќни. Небарајки го Него како наша животна Цел, ние со тоа не Го следиме, изгубени сме и талкаме’ тогаш нaшaтa “втората состојба ќе биде полоша од првата.” како што вели Христос во eднa друга прилика:

Кога нечистиот дух излегува од човекoт, минува низ безводни места барајќи спокој, и не го наоѓа. Тогаш ќе рече: “Ќе се вратам во мојот дом од каде што излегов” И штом дојде го наоѓа празен, изметен и уреден. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе; и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој зол род.” (Матеј 12, 43-45)

Со покајание и плач, да се освестиме и да се потрудиме да напредуваме во духовниот живот. Да не бидеме слепи, т.е. заробени, врзани, заковани и неподвижни од страститe. Зборовите од молитвата постојано да бидат во нашите мисли и во нашето срце зa да го имаме Христос. Молитвата “Господи Исусе Христе Сине Божји, помилуј ме мене грешниот” да ја имаме постојано на нашите усти, да одѕвонува во нашиот ум.

Да го бараме Бога од сето свое срце, со сиот свој разум и со сета своја сила, да го љубиме ближниот како самите себеси, да си простуваме, да се сакаме меѓу себе. Да не држиме лутина, да не дозволуваме сатаната да застанува меѓу нас и да не измислуваме ни ствараме филмови за ситуацијата и светот околу нас, туку едноставно да се свртиме кон Бога и да Го следеме секаде каде што ќе не поведе. Амин!

о. Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

07 / 02 / 2021

Photo by: Fr. Gavril Galev


About The Author