// Google analytics code

Исихастички сведоштва 1

108

~+~

Се сеќавам, имав деветнаесет години, кога тргнав по патот кон Градината на Пресвета Богородица, Света Гора. Патот кон мојот Монашки живот, ми го покажа мојата доблесна и монахољубива мајка – сега монахиња Теофана.

Во првите години на несреќата од Окупацијата, кога за да работам ја прекинав Гимназијата, во една од двете цркви на Старокалендарците во Волос дојде како чреден еден јеромонах, Светогорец. Тој беше калуѓер на Старец Јосиф исихастот, како што го нарекуваше. Овој јеромонах Светогорец постана за мене, во она време, многуцен советник и помошник во моето духовно патешествие. Ми постана Духовник и преку неговите раскажувања и совети за кратко време почнав да го чувствувам оддалечувањето на  моето срце од светот и неговото прилепување за Света Гора. Особено, кога ми зборуваше за животот на Старец Јосиф, внатре во мене нешто гореше, мојата молитва стануваше огнена така што ми се раѓаше копнеж да го запознам.
Кога најпосле дојде часот – утрото на дваесет и шести септември 1947 – едно бротче нe’ носеше лека-полека од светот кон светоимената Гора; поинаку речено, од брегот на привременото кон одандестраното на вечноста.

На пристаништето од скитот Света Ана чекаше еден чесен Старец, Арсениј.

-Не си ти Јанаки од Волос? – ме праша.

-Да Старче, му велам, но од каде ме познаваш?

-А, ми вели, Старецот Јосиф го знае тоа од Чесниот Претеча. Му се појави ноќеска и му рече: “Ти носам едно јагне, стави го во своето трло”.

Јас, ја прилепив својата мисла кон Чесниот Претеча, мојот заштитник, на чиј ден бев роден. Чувствував голема благодарност за неговата грижа.

–Добро Јанаки, одиме, ми вели Старец Арсениј. Одиме, зашто Старецот нe’ чека. Се качувавме по угорнината. Какви чувства! Каква и сила да поседува некој не се опишуваат.

Онаа вечер, внатре во црквичката на Чесниот Претеча, издлабена во пештера, положив метанија за моето послушание. Таму внатре, на слабата светлина, мојата душа го спозна, на нејзин посебен начин, светлиот лик на мојот свет Старец.

Бев најмал во Соборот, по својата телесна и духовна возраст. А Старецот Јосиф беше еден од најголемите светогорски духовни колоси на нашето време. При него останав дванаесет години  учејќи покрај неговите нозе, колку и што поживеа по моето доаѓање. Бог ме удостои да му послужам сe до неговиот последен свет здив. А беше достоен за секакво служење; наспроти многуте негови духовни напори, и свети молитви, што ни ги остави како многуцено духовно наследство. Го запознав како вистински богоносец. Извонреден духовен патеводител. Најискусен во борбата против страстите и демоните. Не беше возможно да дојде при него човек, колку и да беше обземен од страстите, а да не се исцели. Беше доволно само да ги исполнувате неговите заповеди во послушание.

Обраќајќи им се на монасите, над сe’ го ставаше Христоподобното послу-шание. За луѓето коишто живеат во светот дозволуваше умна молитва, но секогаш под раководство на опитни водители. Бидејќи беше сведок на многу прелести кај луѓето.

– Забележиш ли човек да не се советува или да не се придржува кон советите, за кратко време очекувај да го видиш опрелестен. Ова често ни го велеше.

 

 Исихастички сведоштвa – Старец Јосиф

(Извадок – 06 / 11 / 2021)


About The Author