// Google analytics code

Илузија на непријателството – Митрополит Струмички Наум

vodocha240720167Главната цел на демонскиот напад е ние самите да се откажеме од благодатта Божја и на тој начин да влеземе во просторот на демонската илузија, каде што тој лесно нѐ злоупотребува. Демонскиот напад зависи на кој степен од духовниот развој се наоѓаме.

Ако се наоѓаме на првиот степен, кога срцето сѐ уште не ни е доволно очистено од страстите, демонот нѐ напаѓа однатре. Демонот нѐ напаѓа преку помислите, а не преку луѓе – тоа не му е дозволено. Нашата подложност на страстите му е доволна, допуштена од Бог, основа за напад.

Доколку ги прифатиме демонските помисли во нашето срце, посебно кога се против нашите ближни, тогаш истовремено се одрекуваме и од Божјата благодат и влегуваме во просторот на демонската илузија, каде што тој продолжува тајно да раководи со нас – поради нашата неопитност, насочувајќи ги и понатаму нашите мисли и чувства, нашите зборови и дела против нашите ближни.

Напад од луѓе доживеан на првиот степен од духовниот развој e секогаш поради наша грешка – ова треба добро да се запамети! Во голема прелест ќе западнеме ако ја прифатиме  демонската помисла дека луѓето нѐ напаѓаат или прогонуваат заради Христос, и дека сме Негови сведоци, т.е. маченици. Тоа не се осмелуваат да го помислат за себе ни обожените.

Ако се наоѓаме на вториот степен – просветлување на умот преку дарот на срдечната молитва, односно кога срцето ни е доволно очистено од страстите, демонот не може да нѐ нападне однатре преку помисли, и затоа нѐ напаѓа преку нашите ближни (преку луѓето), кои ги имаат веќе прифатено неговите помисли против нас, во своите срца.

Нападот преку нашиот ближен му е потребен затоа што само на тој начин може да го активира недопреобразениот дел од нашите страсти. Ако тоа му успее, тогаш на демонот му се пружа можност да нѐ нападне и преку помислите, во обид да нѐ внесе во својот простор на илузија, како реална основа за нашиот пад.

Суштината на нашиот одговор на демонскиот напад секогаш е љубовта кон Бог и кон секој конкретен човек, па макар ни личел тој и на наш најголем непријател.

На пример, ако демонот ни уфрли помисли против некого, ние веднаш почнуваме со аскетска љубов да се молиме за тој човек сѐ додека помислите не нѐ напуштат. На тој начин нема да дозволиме демонските помисли против ближниот да влезат во нашето срце, затоа што тоа и тој ќе го почувствува, и нашиот однос веќе ќе биде нарушен. А голема е можноста да му погрешиме на ближниот и со збор и на дело, наместо да му направиме добро.

Или, кога сме на степенот на просветлување, ако некој наш ближен направи конкретно зло против нас со збор или на дело, ние, исто така, веднаш почнуваме да се молиме за него со љубов – а ако може, и некое добро му правиме со збор или на дело, и со тоа го смируваме злото во ближниот, а истовремено му оставаме и можност и време за покајание.

Ако на злото од ближниот одговориме со зло – што е и демонската цел, тогаш се одрекуваме од Божјата благодат во нас и му оставаме огромен простор на демонот да ја одржува и преувеличува својата илузија за непријателството меѓу нас и ближниот. Сѐ додека во светот постојат луѓе кои на злото ќе одговорат со љубов – овој свет ќе постои.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

 


About The Author