Издигнување низ смирение
“Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене.“ (Матеј 16: 24).
Својот крст: страдања на земниот живот, кои на секој човек му се негови лични.
Својот крст: пост, бдение и други благочестиви подвизи, со кои телото се смирува и му се покорува на духот. Овие подвизи треба да им одговараат на силите на секој човек, па затоа секој има свои.
Својот крст: гревовните болести, или страсти, кои на секој човек му се – свои! Со едни се раѓаме, додека со други се заразуваме на патот од земниот живот.
Крстот Христов – е учењето Христово.
Залуден е и неплоден својот крст, колку и да е тежок, ако преку следење на Христа не се преобрази во Крст Христов.
Св. Игнатиј Брајчинов
Духовното поклонување на Крстот е покорност на Божјата промисла, тоа е трпение во тагите и искушенијата, во она што претставува крст на нашиот земен живот.
Архимандрит Рафаил Карелин
Христовото Распетие е дејство на слободната Божја љубов, тоа е дејство на волјата на Спасителот Христос Кој се предава Себеси на смрт, за другите да можат да живеат – да живеат со вечниот живот, да живеат со Бога. Јуда Го предал; Петар се одрекол од Него, тројца од учениците спиеле во гетсиманиската градина; сите се разбегале. Ирод цинично се подигрувал со Него, Пилат од страв пред луѓето Го предал на смрт; првосвештениците од слепа вера и завидливост барале да биде распнат – но, конечно, Христос станал човек, живеел, страдал и умрел, бидејќи јас и ти, секој од нас посебно и сите заедно сме го изгубиле Бога со гревот, заборавливоста, себељубието – секој од нас. Бидејќи, за секого од нас, како што рекол Спасителот во едно видение, Он би го претрпел целиот ужас на гетсиманиската ноќ и целиот ужас на крстното умирање и смрт… он слободно би го положил Својот живот за тебе и за мене – не колективно за нас, туку за секого од нас, бидејќи секој од нас му е толку драг, толку возљубен, што неговата цена е – целиот живот и целиот ужас и целото страдање и целата Христова смрт.
Митрополит Сурожски Антониј (Блум)
Св. Григориј Палама ни споменува за некој богоносниот отец, кој бил прашан дали верува во Распнатиот, на што овој одговорил:
– Да, верувам во Оној кој своеволно го распна гревот.
Знам за три крста. Едниот од нив спасува, а тоа е Христовиот. Со него се спасува и човекот. Другиот крст е крстот на разбојникот, распнат од десната страна. А знам и за третиот крст, со кој човекот може да ја изгуби вечноста. Тоа е крстот на разбојникот, распнат од левата страна. Типот на луѓето, а преку двајцата разбојници, го претствавува целото човештво. Крстот на разбојникот десно, го прифаќа и презема на себе крстот Христов. Крстот на разбојникот од левата страна, го претставува оној дел од човештвото кое не го прима крстот Христов и така се губи, пропаѓа. Воопштено, крстот не може да се избегне ни на еден начин.
Блажен Августин
Денес светот не сака баш многу да слуша или учи за воздржвање, за бдеење над страстите, за жртвата, постот, аскезата. Во суштина, го одбива крстот и затоа не се среќава со Христос. Останува во трулото, во досада и празнина. Се забавува, ама не се радува.
Архимандрид Георгије Капсанис