// Google analytics code

Избор да ce седне на последното место – Oтец Гаврил Галев

Зошто човештвото, го отфрли и го распна Христос? Затоа што Тој дојде да донесе нешто ново, кое што беше спротивно на она, кое што до тогаш човештвото го живееше. А тоа е, да не ја бараме славата од овој свет, туку славата Небесна, вечната слава.

Славата од овој свет е егоизмот, гордоста, суетата. Тоа се изразува пред се, со наше превознесување, потценување и презирање кон другите. Се бориме секогаш да се поставуваме на првите места и да бидеме во се “нај”. Меѓутоа сета таа состојба е болна и не не’ води никаде, освен до своја лична пропаст и уништување на самите себе како личности и на човештвото како заедница. 

Затоа мораше Христос да дојде, затоа и се вочовечи, за повторно да го воспостави редот. Меѓутоа гледате, затоа што не им одговараше, тие го распнаа. Сепак вистината е една и единствена и не се менува. Ние можеме да измислуваме разни религии, можеме да измислуваме разни филосовски системи и учења, психолошки или какви не се, меѓутоа една е вистината, тоа е Христос. Затоа човештвото, посебно Христијаните, особено ние Православните, треба дури и по цена на својот живот да се држиме за Христос. И во никој случај да не отстапиме од Него и од Неговото учење. 

Овие двајца ученици, поучени од својата мајка, која повеќе грижејки се за овоземното, отколку за небесното и вечното, ги наговорила своите деца да побарат нешто неразумно од Бога. Всушност тоа се помислите од страна, помислите од демонот, за кои иако многу често си мислиме дека се добри, сепак можат да бидат лоши за нас. Тоа секогаш се случува ако не го познаваме Христос, ако Христос не ни е мерило, не го гледаме или поточно, немаме ум Христов, а тоа значи не се молиме постојано и на тој начин ние се опрелестуваме, сметајќи ја лагата за вистина.

И како одговор на тоа наше несовршенство кое што пред се е во умот, во гордоста, во суетата, високото мислење за самите себе Господ ни го дава како лек спротивното, а тоа е смирението, трпението, служењето на другите. И затоа вели кој сака да биде прв, треба да биде последен. Тоа е христијанскиот стил на живот. Да бидеш последен. Во тоа се состои и совршенството. Во тоа се состои љубовта и слободата која произлегува од љубовта. 

Овие двајца ученици, поточно нивната мајка, гледајќи дека Христос ќе ги напушти, се обидува да ги обезбеди во овој свет и да ги направи да бидат министри. Меѓутоа гледате Господ не мисли така. Во секојдневниот живот ние се туркаме и се бориме за овосветски позиции и богатства, а го запоставуваме или потполно го игнорираме, го отфрлуваме најбитното, небесното и земното, т.е. Божјото.

Меѓутоа секогаш во нашиот живот треба да го бараме Бога и секогаш да се мериме според Христос, односно колку ние сме слични на Него. Како што Тој живеел и ни го оставил тоа како предание – да се поставуваме не на првото туку на последното место.

Секогаш кога ќе го избереме Бога, секогаш кога ќе се поставиме на последното место или кога ќе се смириме пред братот или сестрата со која што имаме расправија за некоја работа – тогаш секогаш добиваме. Тогаш ѝ дозволуваме на Божјата благодат да пpодејствува во нас и меѓу нас, и тогаш во дадената ситуација Господ ги зeма работите под Негова контрола. Се додека ние ги зeмаме работите, мислејќи дека работите се под наша контрола, тогаш ние во суштина губиме. Затоа треба да Му оставиме на Господ да делува во нас, односно да ги исполнуваме Божјите заповеди, да се сакаме, да се почитуваме, да се смируваме и на тој начин Бог ќе пpодејствува во нашиот живот. И Бог ќе не води и Бог ќе биде наш Бог и Отец. 

И една педагошка – психолошка порака што сакам да ви ја оставам: “тешко на оној кој што не ќе се научи, односно родителите што нема да ги научат децата да се учат да бидат на последното место. Тие ќе имаат многу страдања во животот, за жал. Најлошо е тоа што духот на денешното време не тера децата постојано да ги фалиме, да ги наградуваме, односно ги поставуваме на првото место со што им ја зголемуваме гордоста, суетата во себеси и тогаш всушност лошо правиме. 

И затоа секој пат да ги учите децата како што Господ не поучува да се учат да бидат трпеливи, тивки и ненаметливи и да се учат да седат на последното, па и ние возрасните кои што не сме се учеле на време да се смируваме и да се учиме. 

Отец Гаврил Галев
Игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

05 / 04 / 2025


About The Author