// Google analytics code

Зошто не Го примаме Богочовекот Христос?

Gaderens 2~+~

Примерот со луѓето од земјата Гадаринска ни покажува дека ним им беа поважни свињите, т.е. страстите среброљубие и сластољубие, отколку Христос. А, тие страсти се оние што се нарекуваат погруби и преку кои демонот најнапред го напаѓа и го држи заробен секој човек.

Што ли да речеме за посуптилната страст на умот, како што е демонската гордост, т.е. високото мислење за самите себе, односно суетата, преку која демонот нѐ држи заробени и преку која сериозно, дури на крај, нѐ напаѓа?

Суетата (славољубието, гордоста) е последната страст што треба да се преобрази, преку љубовта и кон непријателите, пред да се премине од првиот степен на духовниот раст – очистување на срцето од страстите, на вториот – просветлувањето на умот. Само поради славољубието нашето срце останува затворено за умно-срдечната молитва, а умот непросветлен.

Суетата и гордоста во соодветна мера треба да се надминат и за воопшто да се премине од противприроден во природен начин на живот, односно од религиозна невроза да се премине на прв степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, т.е. да се стави умот во процес на исцеление преку послушание кон духовниот отец.

Според светото Предание на Црквата, демонот го зазема центарот на нашето срце пред Крштението. Но, кога човекот на Крштението ја прима благодатта Божја во центарот на срцето, тогаш демонот се изгонува надвор од центарот и се сместува во околината на срцето.

Сѐ додека срцето е заробено од страстите и сѐ додека доволно не се очисти, односно додека човекот не дојде до вториот степен на духовниот раст – молитвата на умот во срцето и просветленоста, демонот останува во близината на нашето срце, го држи заробено преку страстите и затворено за умот; со тежнеење да се врати во средиштето на нашето срце.

Затвореноста на срцето е скриена форма на демонизираност и затоа е многу потешко забележлива и алармантна за самиот човек отколку видливата демонизираност. Видливата болест секој сака да ја исцели, но при невидливата најчесто е и доцна за исцеление – особено кога некој мисли дека е духовно здрав.

Треба да знаеме дека демонот нè напаѓа преку мислите, идеите на својот ум, пренесени до нашиот ум со неговата енергија. Ако ние во умот го прифатиме она што тој ни го предлага, односно ако се согласиме со неговата мисла, ја губиме благодатта и се затемнуваме. Значи, благодатта ја губиме, не кога демонот нè напаѓа со некаква си своја зла (негативна) енергија, туку тогаш кога ние го прифаќаме со нашата слободна волја она зло што тој ни го предлага.

Свињарите побегнаа од Христос. Тие не ги препознаа демоните во себе, и обземени од внатрешен демонски страв, како и за да се самооправдаат поради загубениот имот, ги уплашија со Богочовекот Исус Христос и другите жители слични на нив.

И сиот народ од Гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу – за својот имот и за задоволувањето на своите страсти. Посебно ги уплаши исцелението на демонизираниот. И, јасно е зошто: присуството на Човек со власт и сила на слово ги распаметува славољубивите; и демоните и демонизираните луѓе.

Тоа е тој „свињарски идентитет“, поради кој не Го примаме Христос и се откажуваме од христијанскиот идентитет.

 

Господи Исусе Христе, преку Богородица, откриј ни ја нашата скриена демонизираност и „свињарски идентитет“, и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

(24.07.2021 11:47)


About The Author