Значење на Евхаристичката Литургија – Отец Гаврил Галев
~+~
Откако Богочовекот Исус Христос гo иcполни домостројот за спасението на човештвото и Светиот Дух слезе на светите Христови ученици и апостоли и со тоа ја основа Црквата – оттогаш па навака главен настан во неа е Евхаристијата, односно самата Света Литуpгија. Евхаристијата станала цел и повод за собирање на древните христијани и преку неа, самата Црквата се идентификува. Затоа Црквата неможе да постои без Евхаристија, а во исто време не може да постои Евхаристија надвор од Црквата. Литургијата завзема централно и незаменливо место во Црквата, таа е извор, сила, смисла и полнота на побожниот (духовен) живот. Надвор од Евхаристијата нема исцелување и спасение, нема обожение, нема вистинска вера и правилен аскетизам, нема воскресение и нема вечен живот.
Литургијата е света тајна преку која, како од извор извираат, односно произлегуваат сите Свети Тајни во Црквата, а преку нив на верниците им се дава живот вечен. Литургијата е најсвета тајна на Новиот Завет, таа е тајна на Единството и Љубовта.
Литургијата значи заедничка работа (служба), човечка (јавна) работа, заедничка работа или служба на избраните, на така наречените Божји луѓе. Литургијата е служба на луѓе извршена за самите луѓе, извршена пред Господ и во Негово име. Таа е Божја служба во која служиме во име на Бога, а всушност во неа служи самиот Бог. Во оваа Света Тајна, Господ Бог не’ обединува и создава ново битие, го создава самото тело Христово, ја создава самата Црква.
Евхаристијата ја основа самиот Господ Исус Христос, Кој го зеде лебот за време на вечерата, го благослови, го раскрши и откако им го даде на Своите свети апостолите, рече: “Земете, јадете, ова е Моето тело”, тогаш ја зеде чашата, заблагoдари и им ја даде, велејќи: “Пијте од неа сите, ова е Мојата крв на Новиот Завет” (Матеј 26 : 26-28).
Евхаристијата исто така значи благодарност, заедничко дело на благодарење на Бог (т.е. Евхаристија), си споменуваме и му благодариме на Бог за се што направи за нас. Светата Евхаристија се служи во спомен на Христос и на Неговата Тајна Вечера и како послушност кон Неговата заповед: “Праветего ова во Мој спомен” рече Христос (Лука 22:19)! Но тоа не е само секавање. Познатиот современик, теолог отец Георги Флоровски објаснува: “Луѓето се сеќаваат на тоа што било и што поминало, на нешто што се случило и повеќе не постои. Тајната Вечера пак, не е отслужена само еднаш, но мистериозно продолжува до крајот на вековите – додека не’ дојде, продолжува, а не се повторува.”
На денот Педесетница, Светиот Дух слезе над апостолите и тогаш тие ја отслужија првата Света Литургија, која, впрочем и не е нова, туку е истата Литургија од Пасхалната Тајна Вечера и која е само актуелизирана и продолжува да се служи во Црквата до крајот на вековите.
Христос е совршена жртва и затоа нема потреба од повторување или од додавање нешто. Христос е Тој што ги принесува Светите Дарови (се принесува Самиот Себеси) за време на Светата Литургија, во моментот кога свештеникот се моли пред да ги принесе даровите велејќи : “Зашто Ти си Тој Кој се’ принесува и жртвува, Кој прима и дава се’.” Сето ова е посведочено и од Свети Јован Златоуст, кој уште попрецизно објаснува: “Зашто Една е жртвата, Еден е приносот и Еден е Свeштеник, Тоа е Тој, Кој што донесува и Кој се принесува”….
И ова е истиот Христос, Кој заповеда вака: “Тој кој што ја служи оваа вечера е истиот на Кому оваа вечера се принесува сега”. И додава: “Онаа вечера на која е создадена Светата Тајна, не е ништо повеќе од било која друга отслужена после неа. затоа што, дури и денеска исто како и тогаш, Тој е Оној кој прави се’ и дава се’ “
Великиот толкувач на Светата Литургија од XIV век, свети Никола Кабасилас додава: “Оваа жртва не се извршува преку жртвата на Јагнето во тој час, но преку преобразувањето на лебот во заклано јагне.”[1] и “Тој не престана да биде свештеник откако еднаш (и за сите) се принесе и се жртвува Самиот Себеси, но исто така Тој продолжува да ја служи оваа непрекината Литургија за нас.” [2]
Литургијата не е композиција од симболични дејства што не’ обврзуваат да се потсетиме на Христос и Неговата спасителна жртва (Промисла).Таа е најголемата и најдлабоката егзистенцијална, онтолошка работа и реалност на (во) Црквата. Литургијата е врв на реализмот на Богочовекот, што се случува сега и овде. Ние не сме набљудувачи, но сме учесници, а со тоа и сите молитви што ги кажуваме на Литургијата се во прво лице множина, сегашно (постојано) време.
Преку благодата на Светиот Дух, за време на малиот вход, ние мистично зачекоруваме и застануваме пред престолот Божји.
За време на големиот вход ние самите себеси Нему му се принесуваме.
За време на Епиклезата (Призивот) предложените дарови се променуваат (се трансформираат) во Тело и Крв Христови, а ние учествуваме во истата Пасхална, Тајна Вечера, а Есхатолошки во Царството Божјо. Во исто време земаме учество во Светата Причест, се обожуваме и едно со Христа постануваме, постануваме Негови соработници, постануваме Тело Христово, т.е. Црква постануваме.
Божесвената Литургија е мистично, повторно доживување на Божјата промисла. “Во секоја Литургија на Црквата”, пишува Митрополит Струмички Наум, “го славиме секој момент од животот Христов… Ова не значи дека на секоја Литургија се повторува Христовиот Домострој за нашето спасение, но тоа значи дека на оние кои учествуваат во Литургиското време и простор на црковната Евхаристија (Благодарствена Жртва), пак и пак им се дава можност за благодатно и вистинско учество во животот Христов, причестувајќи се со Него.”
На Светата Литургија преку даровите што ги принесуваме на Бога, ние всушност го принесуваме сето Негово создание: “Твои дарови од Твоите, Тебе Ти ги принесуваме, за сите и за се'” Во тоа и преку тоа се’ е принесено и се’ е осветено од Него. Светата Литургија, како што рековме предходно, асоцира на Црквата, таа е новото создание, “ново небо и нова земја” ( Откровение 21:1, 5). Собор на небото и земјата. Тука се Светите Ангели, тука се и Светителите и сите порано упокоени кои ги спомнуваме, заедно со нас… A oсобено Пресветата, Пречиста, Преблагословена, Славна Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија.
Боженствената Литургија е предвкус на Царството Божјо и повеќе од тоа: Таа е вратата како на Почетокот така и на самата Вечера на Цaрството Божјо. Ете затоа Светата Литургијата е наш идентитет. Во Евхаристичното споменување границите на времето и просторот се вкрстуваат. Минатото, сегашноста и иднината, како и Домостројот на нашето спасение (” веке е’ и сеуште не’ “) се исполнети до крај и затоа ние се молиме како чин за нешто веке остварено: “Спомнувајки си, пак за оваа спасителна заповед и за се што заради нас стана: Крстот, гробот, слегувањето во адот, тридневното воскресение, вознесението на небесата, седнувањето оддесно на Отца, како и второто, славно Христово доагање”
Преку Евхаристијата, Црквата воведува есхатолошко време и простор овде на земјата. Благословот на Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух не е ништо друго, освен наш предвкус и учество во Неговото Царство, Кое што не е од овој свет и век. На овој начин ние го објавуваме во светот. Затоа Светата Литургија не завршува со финалната прозба во молитвата “Амин” , но продолжува да живее и после тоа.
Со повикот: “Во мир да излеземе”, просветлени со небесната благодат на Светиот Дух, излегуваме надвор во светот. Исполнети со светлина, радост и мир се враќаме и сведочиме (објавуваме) во светот, продолжувајќи да ја живееме Светата Литургија и после Литургијата, посветувајќи (преобразувајќи) го целиот наш живот во служба на Бога и на Светата Литургија. Амин.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
1. Архиереј Георги Флоровски, Евхаристија и соборност, Православие (списание за православна вера, култура и образование) бр.2, Австралиско-Сиднејска епархија на МПЦ – ОА, 2017
2. Jеромонах Григориј Агиторит, Божествена Литургија, Литургија (учебник), Библиотека “Троеручица”, Белград, 1997 година
3. Митроплит Струмички Наум, Само еденo е потребенo, Библиотека, Вељуса, 2013
4. Епископ Атанасиј (Јефтиќ) за Црквата и Литургијата “(селекција на статии) – издава манастирот Тврдо и Братствата на Свети Симеон Митофаг – Врњци, 2007