// Google analytics code

За чудотворната икона Достојно ест

 На 11/24 јуни се празнува иконата “Достојно ест” заради чудото кое се случило пред неа во времето на патријархот Никола Хрисоверг (983-996). Во близина на светогорскиот манастир Пантократор се наоѓа голема долина и во неа разни келии. Во една од тие келии, посветена на Успението на Пресвета Богородица, живеел еден доблесен јеромонах старец со својот послушник. Бидејќи во блискиот скит Протат, на Кареја, секоја недела се служело бдение, една сабота старецот, одејќи на бдение, му рекол на својот ученик: Чедо, јас одам на бдение, а ти како можеш читај го своето правило.

Чудотворната икона во Кареја

Кога се стемнило, некој затропал на вратата од келијата. Братот ја отворил вратата, и видел еден непознат монах, кој влегол и останал во келијата онаа ноќ. А кога дошло време за утрена, обајцата станале да ја пеат утрената. Кога дошле на Честњејшују, монахот послушник ја отпеал до крај “Честњејшују херувим…”, стариот славопој кон Богородица од свети Козма Песнописец. А оној монах странецот додал друг почеток на славопојот, и отпеал вака: ”Достојно ест јако воистину блажити Тја Богородицу, присноблаженују и пренепорочнују, и Матер Бога нашего” Достојно е навистина да те блажиме ; a потоа го додал: “Честњејшују херувим…” се до крајот.

Достојно е навистина блажена да Те нарекуваме Тебе, Богородице,

секогаш блажена и пренепорочна и Мајко на нашиот Бог.

Почесна од Херувимите, и неспоредливо пославна од Серафимите, 

Бога Словото девствено што Го роди, Тебе, Која навистина Си Богородица,

ние Те величаме!

Слушајќи, монахот послушник се зачудил и му рекол на странецот: Ние пееме само “Честњејшују…”, а “Достојно ест” никогаш не сме ја чуле.Туку, те молам, напиши ми ја таа песна, па и јас да и ја пејам на Богородица. – Монахот странец рекол: Донеси ми мастило и хартија, да ти ја напишам. – Немам ни мастило ни хартија, одговорил послушникот. – Тогаш донеси ми една плоча, рекол странецот. Монахот отрчал, нашол плоча и ја донесол. Странац ја зел и со прст ,како по најмек восок, ја испишал на плочата песната: “Достојно ест”.. Потоа странецот рекол: Отсега па натака така ќе пеете вие и сите православни и станал невидлив. А тоа бил свети Архангел Гавриил, пратен од Бога да ја објави ова Ангелска песна, најдолична на Пресветата Мајка Божја. Кога се старецот се вратил од бдението во келијата, послушникот му ја отпеал “Достојно ест”, како што му наредил Ангелот, и му ја покажал на старецот плочата, испишана со ангелска рака на словенско писмо.

Тогашните отци, празнујувајќи го споменот на ова чудо, секоја година вршеле богослужења и света Литургија во споменатата келија, во исто време честувајќи и славејќи го светиот Архангел Гавриил, кој од почетокот до крајот, останал богонадахнат славословец на Пресвета Богородица, и Нејзин радосен служител и благовесник.

Оттогаш оваа Ангелска песна се разнесла по целиот свет, за сите православни христијани да и ја пеат на Пресветата Богомајка. А светата икона на Пречистата Богородица, која се наоѓала во црквата на онаа келија и пред која се случило ова чудо, била пренесена во велелепната црква на Протатот, каде и денес се наоѓа. А келијата го добила називот “Достојно ест”.


About The Author