// Google analytics code

ЗА СТРАСТИТЕ – Свети Теофан Затворник

Свети ап. Павле вели: “Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите и похотите” (Гал 5:24). – Го распнаа? Значи имало крст на кој што ги распнале тие страсти и похоти. Каков е тој крст? Тој крст е крстот на борбата со страстите и похотите. Да се распнат страстите, значи да се обезсилат, да се задушат, да се искоренат.

Ако човек започне да се бори со некоја страст, тој ќе ја обезсили; доколку продолжи постојано со борбата, ќе ја задуши и со Божја помош сосема ќе ја искорени. Поради тоа што таа борба е навистина тешка, тешка и мачна, затоа се јавува како крст, длабоко вроден во нас. Кај оној, кој што се бори со страстите, честопати рацете како да се заковани, во главата му се впива трнлив венец, срцето му го прободува болката. Толку е тешка и болна таа борба.

Борбата не може да биде лесна и без болки, поради тоа што страстите се неприродни за нашата природа и придојдени од надвор. Но, и покрај тоа, тие се длабоко вкоренети во нас и нивното откорнување и отстранување не може да биде безболно. Ако пробаш да ги отстраниш – боли. Но таа болка е спасителна, и тоа спасение доаѓа само преку болка. На пример, при заболување од полипи (израсток во грлото): се појавува некое страно тело расте и пушта корени. Ако не ги пресечеш – нема да се излекуваш. А ако ги пресечеш – боли. Нека боли, но таа болка го враќа здравјето. Ако ги оставиш и не ги пресечеш, исто така боли, но таа болка не е за оздравување, туку ја засилува болеста и може до смрт да доведе. На пример, како се лекува Сибирскиот чир? Се пресекува израстокот и се гори местото. Кога го мачкаат – боли пеколно, но затоа пак дејствува оздравувачки. Ако не се лекува, болката си останува и може да доведе до смрт.

Истото е и во борбата со страстите. Нивното искоренување е болно, но затоа пак е спасително! – Ако ги оставиш и не ги искоренуваш, ќе причинат болки, тежина и страдања, но не за спасение туку за погубување и духовна смрт. Зашто:” платата што ја дава гревот е смрт” (Рим. 6:23).

Која страст не е болна? Гневот гори, зависта суши, похотта расслабува, навредената гордост смирено го разјадува срцето, скржавоста јаде и не дава мир. Така е и со секоја друга страст: завист, презирање, сомнителност, кавга, цревоугодие, самоугодие, пристрасност кон лица и предмети. Секоја од нив ја причинува својата мака и загриженост, така што да се живее според страстите е исто што и да се оди врз ножеви и жар со боси нозе, или да се биде во положба на човек на кого срцето му го кинат змии. Освен тоа, во кого ли нема страсти? – Во секого има! Штом има самољубие има и страсти.

Самољубието е мајка на страстите. Само што страстите не се кај сите еднакво пројавени. При едни – преовладува една а при други – друга, и ги управува останатите. А додека има страсти има и измачувања од нив. Страстите го мачат секого и го распалуваат, но не за спасение; туку за смрт и погубување.

Затоа, кога ги носиш страстите, тие измачуваат и ти умираш.
Нели е подобро да се зафатиш со себеси и да си создадеш стрдања, но повеќе не за погинување, туку за спасение. Потребно е само да го свртиш ножот, и наместо да ги задоволуваш страстите да започнеш борба со нив и во се да им пречиш. Ке има болки и страдања во срцето, но тие болки ќе бидат лековити, по што наскоро ќе дојде успокојување и леснотија, исто како лековитата облога врз рана. На пример, ако некој лесно избувнува и му е тешко да го совлада својот гнев, и доколку сепак успее да го совлада доаѓа спокојство, а ако продолжи да се гневи уште долго ќе се измачува.

Ако си навреден – тешко е да се совладаш и да простиш, но кога простиш ќе добиеш мир; а кога се одмаздиш – мир нема да имаш. Ако се распалат страстите тешко е да се угаснат, но кога ќе се изгаснат ќе се види Божјата светлина, а ако не ги изгасниш ќе одиш како претепан. Така е со секоја страст. Страста измачува а борбата со неа причинува жалост. Но првата состојба го погубува човекот а втората го спасува и го лекува. На секој пристрасен човек треба да му се каже: ти загинуваш врз крстот на страстите.
Уништи го овој крст и создај друг – крст на борба со страстите. Ќе бидеш распнуван на него, но ќе се спасиш! Сето ова е јасно како ден, а изборот не би требало да ни прави потешкотии. Но, не секогаш во стварноста е така. Треба да се чудиме на нашата сопствена слепост. И покрај тоа што страдаме од страстите, ние продолжуваме да им робуваме. Ова можеме да го објасниме како непријателски однос кон себеси!

Некои се обидуваат да се спротистават, но штом страста се пробуди во нив, веднаш се предаваат. Потоа пак се обидуваат и пак отстапуваат. Така прават многупати и се со истиот разултат. Просто е неразбирливо тоа ослабување на моралните сили. Во што се состои соблазнувањето и самосожалувањето? Во тоа што страста ти ветува планини од наслади, а борбата ништо. Но, колкупати сме се убедиле во тоа дека задоволувањето на страстите носи повеќе страдања одколку одмор. Страста многу ветува, но ништо не дава, а борбата ништо не ветува – но дава се.


About The Author