За смртта и страшниот (вечниот) суд – отец Гаврил (Галев)
~+~
Ние често во нашиот живот знаеме да ги избегнеме некои прашања кои што не сакаме да ги слушнеме, не сакаме некој да ни ги постави, или самите себе да си ги поставиме. Едно од тие прашања е прашањето за смртта и страшниот суд. Сакале ние или не, сепак тоа е најреалното прашање во овој живот. Прашањето за смртта и за страшниот (вечниот) суд е најголема реалност. Оваа недела е посветена баш на тоа егзистенционално прашање.
Никој, кој што се родил, не ја избегнал смртта, освен Енох и Илија, кои, според преданието, ќе дојдат да ја вкусат смртта пред второто Христово доаѓање. Ако нешто не може да не се случи, тоа е дека нема да умреме. Заради гревот ние мора да умреме. Да се претставиме од овој свет пред Христос, за во пocледниот ден да не воскресне. А пред да воскреснеме, ќе не снајде суд, на кој ќе бидат изнесени на видело сите наши дела. Меѓутоа прашањето е: како ќе се претставиме? Дали со нашите дела ќе можеме да му погледнеме на Христос во лице или ќе се срамиме и криeме глава. Е тоа е вистинското прашање зашто на сите луѓе ќе им биде судено за своите дела. Добри или лоши, според тоа како сме се однесувале кон другите: “доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте…, или не ми направивте.” (Мат. 24:40;45).
Има и такви кои го негираат Бог, го негираат Христос. За нив ќе одговориме повторно дека Бог и Христос се реалност и Бог не створил, Христос не спасил. Повеќе би се сомневал во реалноста на моето постоење отколку во Божјото. Ако јас сум реалност, тогаш уште повеќе Бог e реалност. Бог ме створил мене човекот според Неговиот образ и подобие. Не како што јас сум сакал, туку како што Он премудро промислил за моето добро. Според тоа и нашиот живот треба да е усогласен со тоа Божјо промислување за нас луѓето.
Бог го создал Адам, го создал добар, го создал со добри страсти, со добри навики, со голем потенцијал за да биде уште подобар, односно да се вподоби на Бога. Меѓутоа, знаеме дека Адам место да го насочи својот поглед нагоре, тој почнал да гледа кон материјалното, овоземното и грешното. Паднал на искушението од ѓаволот и отпаднал од Бог. Господ јасно нагласува дека за човекот е подготвено царството небесно, вечниот живот, благодатниот живот, живот во заедница со добриот Бог, (Мат. 25:34), а не смртта, страданието и вечната мака. Тоа е подготвено за ѓаволот и неговите ангели (Мат. 25:41). И затоа ние, треба да се трудиме да го живееме Божјиот живот, не да го живееме животот на паднатите ангели.
”Кога Човечкиот Син ќе дојде во Својата слава и сите ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава; и ќе се соберат пред Него сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од јарците. И ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата (Мат. 25:31-33).
Сега се прашуваме, одделувањето на добрите од лошите, (овците од козите) според кој критериум ќе се прави?
Нема да биде по свој личен субјективен критериум, сам ќе си одлучам дали сум добар или сум лош. Не се однесува по критериум на ниедно световно царство, на ниедна световна фолозофија, на ниеднa морална норма, на ништо земно, затоа што тоа што е човечко, со самото тоа е паднато и променливо. Светот го прогони Христос, Човекот го распна Христос, го осуди и го уби. И како сега да му вeруваме на светот и да го ставаме како критериум. Затоа целиот наш труд и внимание треба да го насочиме на небесната филозофија, на небесното учење, на Евангелието, односно Христос, Кој што е критериум за нашиот живот, и според Tоj критериум да ги средуваме нашите постапки и мисли. Тоа е тaa саможртвена љубов изразена преку добрите дела кон ближниот.
Христос дојде, а немаше потреба, се воплоти и стана човек и се поистовети со сите нас и нему му е дадено да суди, зашто е Син човечки. Тој дојде да ја обнови нашата падната природа, да го подигне паднатиот образ човечки и да ни даде пример, начин, на кој што ние луѓето треба да живееме. Тоа го стори за нас и со тоа ни даде пример, за и ние да се сакаме и да живееме еден за друг па дури и да страдаме за другите и на тој начин да се подобиме на Христос.
Прими човечко тело и се вочовечи. Поживеа меѓу нас. Пострада и беше распнат. И на третиот ден воскресна од мртвите и се вознесе на небесата. Седна оддеcно на Бога Оца и пак ќе дојде и ќе им суди на живите и мртвите.
Помагајќи на луѓето кои што страдаат и имаат потреба, тоа го правиме на Христос. Или пак, ако не сме им помогнале, според Неговите зборови, на Христос не сме му помогнале. Затоа и нашиот грев е спрема Христос, спрема Бог и според тоа ќе бидеме судени. И не е битно во која околност сме го направиле гревот и дали некој не поттикнал на гревот, вистината е дека ние сме го направиле. И првиот грев бил поттикнат од демонот, од ѓаволот, меѓутоа, Адам е тој што згрешил, човекот згрешил, и со тоа, целата природа, целиот човечки род го турна во пеколот, во страдање, во маки и во смрт. Неговиот пад никако не можеме да го оправдаме, така и нашите гревови не можеме да ги оправдаме. Кога ќе се преставиме пред Бог, според нашите дела и ќе бидеме судени. Кој правел добро, ќе застане од десната страна на Отецот, кој правел лошо од левата.
Нашиот животот во светот може да е и одење по широкиот пат, а Бог ни заповедал да одиме по тесниот пат. Затоа оние прашања што на почетокот ги спомнавме не треба да ги избегнуваме. Напротив, сеќавањето на смртта може да ни биде од корист. Затоа што во еден момент тој пат ќе се стесне до една точка. Смртта е точката во која ќе се видам јас, лице во лице со Христос. Со Oној co Kој што требаше да се споредувам и да бидам. Со човекот, вистинскиот човек. И според тој критериум, каков сум во споредба со Христос, така и ќе бидам суден.
Во една црковна песна од утрената се кажуваше дека тогаш кога ќе дојдеме лице во лице со Христос, светлината ќе не осветли, и ние ќе бидиме осветлени. Сите наши тајни дела, сите наши скриени страсти, па дури и помисли, ќе бидат откриени и отворени. Ние овде можеме да се скриеме пред своите ближни, пред властите, пред Духовниот Отец, меѓутоа кога ќе дојде тој момент, не можеме ништо да скриеме пред Христос, пред вистината, и вистината ќе не разобличи. Да се учиме да ја живееме вистината, да бидеме светлина, да бидеме носители на светлината уште овде на земјата. Да си го корегираме својот живот според животот на Христос, односно според Евангелието и Божјите заповеди, и да си се исповедаме. Подoбро сега да се срамиме кратко пред духовниот отец, отколку таму пред Христос вечно.
Великиoт пост е тоа. Да се трудиме во подвигот на очистувањето на срцето од страстите и просветлувањето на умот. Да го сакаме Бога и да се боиме од Него. Да ги сакаме сите луѓе и да се смируваме пред нив. Да го одржуваме нашиот живот да биде чист пред Бога и да бидеме во добри односи со сите. Со други зборови да живееме еден крсто-воскресенски живот, да застанеме заедно со праведниците од неговата десна страна, а да не бидеме разоблични за вечни маки, и да гo слушнеме Христoc: “Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот! “ Амин.
Отец Гаврил (Галев)
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија