За откажувањето од светот, непристрасноста и туѓинувањето – Отец Гаврил Галев
~+~
„Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата што ќе ти ја дадам“
Сe што создаде Бог е добро и за да му служи на човекот. Но, со појавата на гревот и непослушноста на човекот спрема Бога, се сруши блажената заедница меѓу него и Творецот. И природно беше човекот да биде изгонет, т.е. да отпадне од близината Божја. И затоа вечен стремеж на човекот е повторно да се врати во местото на заедницата со Бога. А светот каков што е, е претесен и пеколен за исполнување на таа заедница, како што Самиот Бог му објавил на Авва Арсениј.
Кога овој го молел да му открие како да се спаси, слушнал глас кој му одговорил: „Арсениј, бегај од луѓето (светот) и ќе бидеш спасен“. Замразувајќи го светот и сe што на светот е омилено, па дури и самата човечката природа, поставувајќи стража над помислите и јазикот, за да не се повлече некој светски разговор, Аввите од пустината практикувале да одат на извесно растојание еден од друг. Авва Еракс за себе вели: „Никогаш не сум рекол ни еден светски збор, ниту пак сакам да го слушнам“, а Авва Ор на својот ученик Павле му рекол: „Внимавај синко, никогаш не внесувај туѓ збор во оваа ќелија“.
Откажувањето, според Лествичник, е тројно, според при мерот на патријархот Аврам: „Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата што ќе ти ја дадам“. (Бит.12,1). Првото откажување од светот можеме да го видиме кај Авва Касијан кој раскажува за некој монах, кога некои негови роднини му јавиле дека татко му е болен и е пред умирање, за да дојде и да го види. А тој им одговорил: „Јас умрев пред него за овој свет, мртвиот не може да го наследи живиот“.
Постанувајќи туѓинец меѓу туѓ народ потребно е да се избегнува секаква пристрасност според примерот на Авва Агатон за кого се зборувало дека потрошил доста време градејќи ќелија заедно со своите ученици во која конечно влегле и се населиле штом завршиле со градбата. Меѓутоа, уште првата недела тој здогледал нешто што не му се допаѓа, па им рекол:
– Станете, одиме оттука. А тие многу се вознемириле, па му рекле: Ако си имал на ум да одиме, зошто тогаш вложивме толку труд градејќи ја ќелијата? Луѓето одново ќе се соблазнат од нас и ќе речат: – Видете ги тие непостојаните, повторно отидоа. Гледајќи ја нивната малодушност, Старецот им рекол: Нека се соблазнат некои, но од друга страна, на некои тоа ќе им биде од полза, зашто ќе речат: „Блазе им, зашто заради Бога се преселија и сe друго презреа.“ Во секој случај, кој сака да дојде со мене нека дојде. Јас сега заминувам. Тогаш учениците паднале на земјата молејќи го да им допушти да дојдат со него. И уште раскажувале за него: тој често се преселуваше од едно место на друго, имајќи го на рамењата само својот кожув.
Во почетокот, откажувањето се постигнува со мака и труд, преку пост и воздржување, непрестаен плач, постојано бдеење над самите себеси, откажување од својата волја преку послушание кон старецот, незлобиво трпење укори, неправди, исмејувања, навреди и слично. Иако почетокот е тежок, заради крутоста на природата и болеста, Бог им ја олеснува борбата на почетниците за да не се вратат веднаш назад во светот. Да се угледаме на Лот, а не на неговата жена.
Отец Гаврил Галев