За Господовата Молитва (втор дел) – Игумен Гаврил
Да биде волјата Твоја – Родителот знае што треба да му даде на своето дете. Детето пак, колку повеќе има доверба во родителот, толку е и помирно, а неговите барања помали. Господ ни дава се што е потребно, ние само треба да веруваме дека се’што ни се случува е по Негова волја и е најдоброто за нас. А што ние правиме? Зар не се жалиме и роптаме при секое едно искушение покажувајќи неправилен однос кон Бога, а што е во спротивност од она што преку молитвата Го молиме – „да биде волјата Твоја“. Зад секое искушение стои Господ, Тој го допушта сето она што е потребно за наше растење во Бога, а не паѓање. Во тој момент, ако ние се бориме со Христовите начела нашето срце се чисти и нашиот ум се просветлува и ние напредуваме во духовниот живот и познанието на Бога. Противењето и самоправдувањето е откажување од Бог и спротивно на оваа прозба.
Ние треба да ја прифатиме Божјата волја затоа што Бог е нашиот Творец и Неговото Царство е и нашето, а прекршувањето на законот на заповедта е неисполнувањето на Божјата волја, грев и отпаѓање од таа благодатна заедница со Бог и Неговото Царство, како што се случило некогаш со Адам и Ева во Рајот.
Вистински примери за послушание на волјата Божја покажале новиот Адам и Новата Ева, Богочовекот Исус Христос и Богородица кои го спасиле светот. Исполнувањето на Божјата волја не прави нас заедничари со Бога, со Неговата благодат и сите Негови дарови. Особено во ова наше збркано време, кога не знаеме што е добро, а што лошо. Затоа да се држиме до исполнувањето на волјата Божја, т.е. Божјите заповеди, кои ни носат заедница со Господа и преку кои ние го чистиме нашето срце од страстите. Св. ап. Павле вели: „А целта на заповедта е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера… и така, љубовта е исполнување на Законот.“ (Римјаните: 13:10; 1 Тим. 1,5) Затоа и советува: „Но ти, човеку Божји, бегај од ова и стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост и кротост! 12 Бори се во добриот подвиг на верата; држи се за вечниот живот, за кој си и повикан и си дал добра исповед пред многу сведоци. И така, ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, приспособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело. (1 Тим. 6:11) Избегнувај ги, исто така, и желбите на младоста, туку стреми се кој правда, вера, љубов, и мир со оние, што Го призовуваат Господа од чисто срце! (2 Тим. 2,22)
А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, добрина, верност, кроткост, воздржливост; 24 А оние кои се Христови го распнаа своето тело со неговите страсти и похоти. 25 Ако живееме по Духот, и да одиме според Духот!“ (Гал 5,22-25) Затоа ние сакаме да сме со Господ и да биде Неговата волја.
Да биде волјата твоја како на небесата така и на земјата уште означува и дека Божјата волја на небесата е совршено исполнета од ангелите и светителите, затоа постои блаженство и хармонија. Како што тие ја исполнуваат совршено Божјата волја така и ние треба на земјата да ја исполнуваме, стремејќи се кон совршенството. Затоа и дојде Синот Божји: „оти слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати. А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од се што Ми дал да не погубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден.” (Јов. 6, 38-39) Ова не’ поврзува со почетното Оче. Кога ја исполнуваме Божјата волја, ние Бога го сметаме за Отец, и се’ што е Негово е и наше. Тогаш немаме потреба од ништо, затоа што имаме се’, се’ е Божјо. И само тогаш не би постоело зло, болка, страдања, неправда, убиства…
Дај ни го нашиот насуштен леб – го бараме Лебот наш насушен, а тоа е Самиот Господ Исус Христос затоа што Он рекол: “Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни. Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има живот вечен. Јас сум лебот на животот. Татковците ваши јадеа мана во пустињата и умреа; а ова е лебот што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре. Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што го предавам за животот на светот. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. Како што Ме прати живиот Отец, и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене. Ова е лебот што слезе од небото, а не како татковците ваши што јадеа мана и изумреа; кој јаде од овој леб, ќе живее довека.” (Јов. 6, 35-57)
Заради тоа тука се употребува зборот насушен на македонски, а во англискиот јазик на пример, кој е сиромашен и теолошки оскуден, не е преведено со насушен, туку со секојдневен леб, што не е правилно. Ние имаме насушна потреба од Бог, а не толку од обичен леб. Материјалниот леб не е насушен, затоа што за Великиот пост има луѓе кои тримират (не јадат и не пијат) 3, 5, или 40 дена, и сеуште се живи и здрави. Овие зборови пред се’ се однесуваат на светата Причест, на Господ Исус Христос, и затоа оваа молитва во старо време па и сега, секојпат се употребувала пред Причестување. Меѓутоа, сепак, бидејќи од материја сме создадени и живееме во оваа земја, имаме потреба и од материјалниот леб. Забележуваме дека Господ рекол леб, само леб, чист леб. Значи само потребното, а не нешто додадено. И преку тоа Господ не’ поучува, укажувајќи ни на едноставноста. Наспрема трпезите наши, материјални. Телесната дебелина е и духовна тромавост, неспособност за чинење добро. Ова не се однесува само за трпезата, туку и за целиот наш живот, кој сакаме да го поминеме во луксуз, раскош, разврат, блуд…
Зборовите: Дај ни го денес – вонвременост. Вечно време. Молба кон Господа да се грижи за нас секој ден.
Прости ни ги долговите наши, како што ние им ги простуваме на нашите должници – Ние сме постојано „задолжени“ кај Бога, затоа што постојано грешиме и Тој ни простува. Дали и ние им ги проштеваме долговите, грешките на нашите блиски? Проштевајќи им на луѓето, и нам ни се простува. Бог ни простува. Еве зошто: ние сме отстапиле од Божјата вистина и сме ги стекнале гревовите. Тоа се наши долгови пред Бога. И треба да бараме прошка. Меѓутоа Господ, поучува педагошки. Не дека Тој нема да ни ги прости гревовите, или дека не сака или не може, туку за ние, а и меѓусебе, да имаме подобар живот и добар одговор на Неговиот суд.
Од друга страна, простувајќи ги гревовите на другите, ние самите имаме мир внатре во нас и околу нас. Не простувајќи на нашите ближни, товариме на себе грижи кои ја обременуваат нашата совест со непотребен товар. Ако пак не чуствуваме грижа на совеста, тогаш сме се уподобиле со нечестивиот. Ако не му ги простиме гревовите на другиот како ќе му се обратиме на нашиот Бог со Отец? Ќе немаме смелост, зошто совеста ќе е нагризана, ниту лице, а да Му речеме на Бог – Оче наш. Нели молитвата беше разговор со Бога лице в лице? Затоа треба да се трудиме нашата совест да биде чиста, а преку измирување со сите луѓе.
Постои благодаттно и аскетскo простување. Aскетско простување e кога чувствувaме наклоност да простиме и да побараме прошка, но самите се присилуваме на ова. Без аскетскo простување не можеме да го постигнеме благодаттното простување. Значи, кога некој ни направи нешто, во себе ќе најдеме сила да простиме и да побараме прошка. Направете разлика помеѓу аскетско и благодатно простување. Ние мора да го градиме аскетското простување во нас со цел да го постигнеме благодаттното простување. Така, кога ние не чувствуваме ништо во нас, кога немаме волја да простиме и побараме прошка, тогаш ќе се принудиме и ќе видиме дека секој пат кога се принудуваме себеси на такво простување, ние собираме сила со која во секој нареден случај ни е полесно да простиме и побараме прошка. А потоа, преку пракса ќе можеме да видиме како Божјата благодат се вселува во нас и како Бог зазема простор во нашата душа, а демонските сили кои ги хранат нашата суета и гордост, се повлекуваат.
Не воведувај не’ во искушение, но избави не’ од лукавиот – признаваме дека сме немоќни, слаби и не можеме да ги издржиме искушенијата, и се молиме на Бог да не избави од нив. Искушенијата не можеме да ги заобиколиме, живееме во отпаднат од Бога зол свет (Гал. 1,4), но затоа се молиме на Бог колку што може тие да не’ одбегнат, а за оние со кои секојдневно се сретнуваме да ни даде сила и смирение да ги победиме. Секое искушение е од лукавиот по Божјо допуштение. Бог е Семоќен и Тој ja знае силата на сите и не дозволува ниедно искушение над нашите сили. Секој опит ни се дава да ја тестираме нашата љубов кон Бога и нашата блиски. Така што секој опит може да се положи, но ние мора да реагираме според Божјите заповеди. Ако правиме спротивно, сигурно грешиме. Бог допушта секому онолку колку што може да носи. Зар примерот со Јов не е доволен? Тој уште повеќе се утврди во доброто, во верата, се обожи, а низ искушенијата кои Бог му ги допушти според мерата колку можеше и сам да носи. Ние најчесто пред искушенијата почнуваме да роптаме, да се жалиме, да ги обвинуваме другите… но Светите Отци велат: Господи, одземи ни го искушението, и кој ќе се спаси? Што значи, ние треба да пристапиме свесно, машки на искушенијата. На тој начин, кога со Божјата благодат ќе ги победиме искушенијата, се зацврстуваме во благодатта и Го прославуваме Бога. Светите Отци не советуваат да не се жалиме на искушенијата, туку да ги примиме со радост, затоа што преку нив ги чистиме нашите срца.
Живееме во еден лажен свет, во кој јас (моето его) сум царот, и моето царство се страстите во моето срце, и ние им робуваме на тие страсти повеќе, отколку тие на нас. А кога ќе се склучи искушението, тогаш моето царство се разнишува. Умниот читајќи ги страстите во срцето свое ги исповеда, се бори со нив се додека не се ослободи. Некој не навредил, ни рекол нешто лошо… и во нас се ројат лоши помисли. Што умниот тогаш согледува – јас сум горд, гневен, зол, осветољубив итн. Или ни украле нешто, и настапува бесот. А умниот вели: острастен сум јас, го возљубив земното повеќе од небеското.
Кога ќе се случи искушението, ние треба да го прифатиме со радост: време е за чистење на моето срце и будење на мојата заспана совест.
Со призивот, избави не’ од лукавиот – Господ ни посочува кој е нашиот непријател и од каде се сите наши искушенија. Тие не се од другите луѓе, туку од нечестивиот, и против него треба да војуваме, а не против луѓето како многу пати ни се чини.
Англискиот превод на Господовата молитва има два превода. Во едниот се вели evil, а во другиот e evil one. Поправилно е evil one, затоа што со one се прецизира кој е тој, односно дека тој е некој конкретен, а не нешто имагинарно. А тоа е ѓаволот кој е татко на лагата.
Зашто Твое е царството и силата и славата. – На крајот молитвата завршува со славословие, кое најчесто во Црквата го кажува свештеникот и што значи дека го признаваме Бог како наш Творец, Седржител и Цар на Божјото Царство, го сакаме и сакаме да живееме според него, зашто без Него не можеме ништо.