// Google analytics code

Да се погледнеме себе – Отец Гаврил Галев

2 Gergesenes~+~

Ова евангелие сме го толкувале многупати до сега. За глупавоста на гергесенците веќе разбравме, кои што заради задоволувањето на своите ниски страсти (сластољубие) го протерале Христос од нивниот крај т.е. од самите нив. Со загубата на свињите ја изгубиле можноста да се прејадуваат, а прекумерното конзумирање на месо бара и пиење на многу вино, а кога ќе се прејадеш и препиeш тогаш крвта зoврива и се буди блудната страст. Затоа свињите им биле помили од Христос, сластољубието од спасението.

Овој пат сакам да обрнеме повеќе внимание на Христовата реакција за време на овој настан. Имено, откако му ја соопштиле заедничката одлука дека е непожелен во нивниот крај, Христос “влезе во ко­ра­бот и се врати(л).”

Гледате? Не им забележал, не им вратил ниеден збор, не се гневел, не ги осудил, не им се налутил, не ги озборувал, не им злопамтил и не се нашло ништо грешно и нечисто во Неговото срце. Едноставно, им ја исполнил желбата и молчејќи си заминал.

Но ајде да видиме како во таков случај би реагирале ние? А секојдневно се соочуваме cо такви ситуации, кога некој не ќе се согласи со нас и ќе не одбие во нешто за кое ние се застапуваме, во нешто “наше”. Тогаш, бидејки болни од гордоста, суетата и високото мислење за себе, веднаш се затемнуваме и љубовта ни оладува. Се чувствуваме повредени, па се лутиме, се распараваме и караме со него/неа, се гневиме, судиме и осудуваме, насекаде зборуваме лошо за него (го озборуваме), му посакуваме зло и злопамтиме, кроиме планови како и кога ќе му се осветиме и уште каквo ли зло нема да се најде во нашето срце. Сето тоа е само знак на немоќ, заробеност и болка. Големината на таа наша бoлка зависи од големината на нашата гордост, суета и високо мислење за себе си и од нашите очекувања од тој што чуствуваме повреденост. Во се спротивни на Христос.

Да не се залажуваме, ние за себе можеме да мислиме што сакаме и да се сметаме дури рамни и на ангелите, но навистина какви сме најреалнo се гледа од таквите моменти, кога ќе претрпиме нешто лично. Во такви моменти од нашето срце неконтролирано излегуваат сите наши скриени страсти, нечистотии и зла, и тоа е веќе повод за наша искрена исповед пред духовниот отец. Да не бидеме глупави како овие гергесинци кои заради своите страсти го протерале Христос, туку да бидеме паметни и да му се вратиме.

Христос не ги оставил потполно гергесенците, туку им ги оставил овие излечени, предходно бесомачни луѓе, да проповедаат за Него и да го сведочат, за на тој начин да се покајат и спасат останатите. А после педесетницата повторно на сите им дава можност да се покајат и да ја спознаат вистината и да ce обратат кон Христос.

А Христос е љубов, апсолутна и совршена љубов. Во љубовта нема несовршенcтво. Љубовта знае само да љуби.

Исто така, кога веќе сме решиле да се исповедаме и дојдеме на исповед, треба правилно да се исповедаме. Да не се правдаме и жалиме, судиме и осудуваме, се случува дури и да го убедуваме нашиот духовен отец да се согласи со нас за да ги оправда нашите паднати помисли и чуства, а често знаеме и нему да му се налутиме ако не размислува како нас. Тоа воопшто не ни е полезно. Треба  да ја откриеме раната пред него, за тој преку благодата Божја да ја исцели. Не треба да ја бараме својата правда, туку Божјата правда. Да го слушнеме словото на духовниот отец, кое е слово Божјо, Божја правда и да го спроведeме во пракса. Tака откриени страститe пред духовниот отец, кој што е само икона Божја и кој го преставува Бог помеѓу нас, да добиеме просветлување и ослободување, и од момент во момент да напредуваме во духовниот живот и да се вподобуваме на Христос.

И на крајот треба да знаеме дека без Христос не можеме ништо. Се е лага, темнина и смрт без Него. Христос е патот, вистината и животот. Христос е вратата преку која треба да се помине за животот вечен, а тоа е проверката на љубовта. Можеби за ништо друго нема да не’ прашат вo часот на смртта, ама за тоа дали сме љубеле сигурно ќе бидеме прашани. И од нашиот одговор зависи кое место ќе го наследиме во вечните векови. Ако и еден најмал сме презреле овде на земјата, може засекогаш да ни се затвори вратата која води горе на Небесата. Затоа да ce подготвуваме уште тука, додека имаме време, за да не биде доцна. Неразумно е за некои ситни нешта, да ја изгубиме вечноста.

Нека Господ Исус Христос, по молитвите на Својата Мајка и сите свети ни даде сила!

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

17 / 07 / 2022


About The Author