ЗА ВРСКАТА НА ДОБРОДЕТЕЛНАТА ТРИЈАДА НА ДОБРОДЕТЕЛИ (поука 30) – Св. Јован Лествичник
А сега после се што е речено, останува уште оваа тројна врска, врска која се поврзува и држи: верата, надежта и љубовта. А љубовта е најголема од се (1 Кор. 13,13), бидејќи со неа се именува Бог (в. 1 Јн. 4,16). По моето мислење, верата е зрак, надеж на светлоста, љубовта е топка сончева. А сето тоа прави еден блесок, еден сјај.
Верата се може да направи, се да твори. Надежта ја оградува милоста Божја и ја прави непосрамна. А љубовта никогаш не паѓа, не заостанува и не му дава мир на оној кој е занесен од нејзиното блажено одушевување.
Оној кој сака да говори за љубовта Божја, се гордее да говори за Бога. А да се говори за Бога, лизгаво и опасно е за луѓето кои не внимаваат многу. Висината на љубовта им е позната на ангелите, па и нив според – дејството на озарувањето. Бог е љубов (1 Јн. 4,16). А оној кој со зборови сака да објасне што е Бог, прави исто како и слепецот кој би седнал на брегот на морето и би сакал да ја измери количината на морскиот песок на дното.
По својата суштина љубовта е уподобување на Бога, доколку тоа им е достижно на смртниците. По своето дејство, таа е извор на верата, бездна на долготрпеливоста, море на смиреноста.
Љубовта во вистинска смисла на зборот е напуштање на било каква непријатна мисла во однос на друг човек, бидејќи љубовта не мисли зло (1 Кор. 13,5).
Љубовта, бесстрасноста и боговсиновувањето се разликуваат помеѓу себе единстено по називот. Како што светлината, огнот и пламенот делуваат во едно дејство, така треба да се замислат трите добродетели.
Во размер со исчезнувањето на љубовта, меѓу нас се јавува страв. Бидејќи човекот во кој нема страв – или е полн со љубов, или душевно веќе е мртов.
Ни најмалку не е неприлично желбата да се споредува со старавот, ревноста и предаденоста, служењето и љубовта кон Бога со она што обично може да се види кај луѓето. Блажен, е оној човек кој го сака Бога така како што занесениот љубовник ја сака својата љубена. Блажен е оној човек кој се плаши од Бога, така како што осудениците се плашат од судијата. Блажен е човекот кој така постанал усрден во вистинската предаденост на Бога, како што благоразумниот слуга усрдно му служи на својот господар. Блажен е човекот кој во вршењето на добродетелите постанал ревносен така како што се ревносни мажите за своите сопруги кога себеси се лишуваат од сон. Блажен е човекот кој во молитвата стои пред Господа така како што стојат слугите пред царот. Блажен е оној кој се подвизува непрестано да му угодува на Господа, како што се трудат некои да им угодуваат на луѓето.
Мајката не е така приврзана за своето доенче, како што е приврзан синот на љубовта за Господа.
Кога некој навистина сака, тој постојано го замислува ликот на саканиот и го прегрнува во својата душа. Од желбата, ни во сонот нема мир, туку и тогаш неговото срце разговара со саканиот. Така е обично во телесната љубов, но така е и во бестелесната љубов. Некој, ранет во таа љубов, си рече самиот на себеси (за мене отсекогаш тоа беше едно чудо): јас спијам по природната нужност, а моето срце бдее по мојата голема љубов (Песни. 5,2).
Запази ја душо, верата целосно: кога еленот ќе ја истреби отровницата, тогаш душата жеднее и гине за Господа, зафатена со огнот на љубовта како маѓепсана.
Дејството на гладот, е некако нејасно и неодредено. Дејството на жедта, напротив е одредено и јасно, бидејќи секој може да го почувствува по внатрешниот жар. Затоа и боготежнеечкиот поет вели: зажедне душата моја за Господа, Господа силниот, живиот (Пс. 41,3)!
Ако присуството на саканиот човек забележливо не менува, правејќи не ведри, радосни и весели, каква ли промена во нас може да предизвика присуството на Господа Христа, кога тој невидливо ќе дојде во посета на чистата душа?!
Кога во длабочината на душата ќе се почувствува стравот Божји, обично ја истерува и ја проголтува сета нејзина нечистотија. Приковај го, вели, телото мое за стравот Твој (Пс. 118,120)! А светата љубов – некои ги проголтува подолго, според оној кој рече: Срцето ми ги проголта (Песни. 4,9), а други ги прави озарени и радосни, на што се однесуваат зборовите: на Него се надева срцето мое, и ми помогна, и процвета телото мое (Пс. 27,7).
Кога е весело срцето, на човекот засветлува и лицето. Кога целиот човек е така проникнат со љубовта Божја, тогаш однадвор, на неговото тело, како на некое огледало, се забележува сјајот на неговата душа. Така се прослави Мојсеј, боговидецот (в. 2 Мојс. 34, 28-35). Оние кои достигнале таков рамноангелски степен, често забораваат на телесната храна, а сметам дека тие најчесто не чувствуваат потреба за неа. Не е ни чудо: затоа што и луѓето кои ги измачува телесната желба, често одбиваат да јадат. Сметам дека ни телото на овие бессмртници повеќе не е подложно на болести (спротивно на сите природни закони). Бидејќи, телото нивно, очистено на одреден начин, со дејството на пламенот на чистотата кој во нив го пресекол пламенот на страстите, е направено нетрулежно. мислам, дека и она што го јадат, го јадат без никаква наслада, бидејќи како што подземната вода го напојува коренот на билките, така и небесниот оган, ја храни душата на овие свети луѓе.
Со зголемувањето на стравот Божји, во човекот се јавува љубов. А врвот на чистотата е основен услов за знаење за Бога. Оној кој своите чувства совршено ги соединил со Бога, него самиот Бог на таинствен начин го воведува во Своите вистини, бидејќи се додека не дојде до соединување на сите наши чувства со Бога, тешко е да се зборува за Бога. Словото Божјо, соединувајќи се со човекот, ја усовршува чистотата, со своето доаѓање ја умртвува смртта. А кога ќе биде умртвена смртта, ученикот на вистинската теологија станува озарен од Бога. Словото Божјо, словото кое доаѓа од Бога, чистиот негов збор, пребива во сите векови. Кој не го познал Бога, за него говори со нагодување, Чистотата, пак, својот ученик го прави теолог, кој самиот во себеси ги утврдил догматите за Пресвета Троица.
Кој го сака Господа, најнапред го засакал својот брат. Второто е доказ за првото. Кој го сака ближниот, никогаш не ги поднесува луѓето кои се занимаваат со оговарање. Уште повеќе, бега од нив како од оган. Кој вели дека го сака Господа, а се лути на својот брат, личи на човек кој сонува дека трча.
Моќта на љубовта е во надежта. Со надеж очекуваме награда за љубовта. Надежта е збогатувањето со невидливо богатство; надежта е сигурна ризница пред ризницата. Таа е одмор од маките. Таа – капија на љубовта, таа го убива очајанието, таа е слика на идните добра. Недостаток на надежта – исчезнување на љубовта. Со неа се врзани нашите маки, на неа се изградуваат нашите подвизи. Нејзината милост го опкружува Бога. Монахот полн со надеж ја употребува надежта како нож со кој го коли унинието. Надежта раѓа искуство во даровите Господови. Бидејќи кој не ги почувствувал даровите Божји, не може, а да не се сомнева. Надежта го победува гневот: таа нема да се посрами (Рм. 5,5). А човекот кој се лути не е пристоен.
Љубовта е дародавец на пророштвата. Љубовта е извор на чудесата. Љубовта е бездна на озаренијата. Љубовта е извор на благодатниот оган: колку повеќе пламти, дотолку повеќе ја распалува жедта на жедниот. Љубовта е ангелски живот. Љубовта е вечно напредување.
Објави ни најубава добродетел, каде ги напасуваш своите овци, каде почиваш на пладне (Песни. 1,6)? Осветли не, напој не, води не, раководи не, бидејќи ете, сакаме да ги достигнеме твоите висини. Ти владееш над сите. Ми ја рани душата, па сега не можам повеќе да ја издржам силата на твојот пламен. Од каде да започнам со песната во твоја чест? Ти владееш со силата морска, бранувањето на морските бранови во бура, Ти го скротуваш и го умртвуваш. Ти како ранет војник, на земја ја уриваш гордата помисла. Со замавнувањето на силата твоја, си ги разбила твоите непријатели и твоите љубители ги правиш непобедливи (Пс. 88,10.11).
Горам од желба да дознаам како те видел Јаков зацврстена на врвот на лествицата (в. 1 Мојс. 28,12)! Како изгледал тој пат во висина, те молам кажи ми! Каков е начинот и смислата на редењето на степените, оние столбови кои во срцето свое ги постави љубителот твој (в. Пс. 83,6)? Колку се сакам да знаам? И колку време е потребно сите тие да се поминат? Оној кој те видел и кој се борел со тебе, не извести само за ангелите кои водат по лествицата; ништо друго не сакаше. Или поточно – не ни можеше да открие, ако треба сосема точно кажам.
А љубовта, таа царица, ми се јави како од небото и ми рече како да зборуваше на увото од мојата душа: “До кога љубителу мој, нема да се ослободиш од дебелината на своето тело, ти нема да бидеш во состојба да ја видиш мојата убавина, таква каква што е. А скалилата Јаковови нека те научат да ја составуваш духовната лествица на добродетели, на чиј што врв се прицрвстени, како на голем свеќник се моите тајни зборови: сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта. Најголема од нив е љубовта (1 Кор. 13,13)”.