За вечниот живот – Свети Кирил Ерусалимски
Вистинскиот живот е Отецот, Кој преку Синот и Светиот Дух кај сите ги излева небесните дарови. Преку Неговото човекољубие ни е ветен вечниот живот; не треба да се соменавме во вистинитоста на ова. Не треба да размислуваме за нашата слабост, туку на Божјата семоќ: За Него сѐ е можно! Бидејќи е така, и ние треба да го очекуваме вечниот живот, како што вели Павле: „и така секогаш ќе бидеме со Господ“. Да се биде постојано со Господ значи да се живее вечно. Спасителот многу јасно кажува во Евангелито: „Праведниците ќе отидат во вечен живот“.
Постојат многу докази поврзани со вечниот живот. Нам, кои сакаме да го наследиме и здобиеме тој вечен живот, Божјото Писмо ни нуди средства со помош на кои ќе го оствариме посакуваното. Еве некои од нив: „Оној што верува во Синот ќе има вечен живот“. На друго место стојат зборовите на Спасителот: „Вистина, вистина ви велам, кој ги слуша Моите зборови и ги исполнува ќе има вечен живот“. Спасителот вели: „Кој жнее добива плата и го собира плодот за вечен живот“. Некогаш тоа е маченичкиот подвиг и исповедањето на Христос, бидејќи Тој вели: „Кој ќе ја загуби својата душа во овој живот, ќе ја зачува за вечниот“. Имотот и роднините: „И секој што ќе го остави својот брат или сестра заради Мене ќе наследи вечен живот“. Исполнувањето на заповедите: „Не прави прељуба, не убивај…“. Напуштањето на лошите дела: „А сега, ослободени од гревот, станувајќи Божји слуги, имате свој плод за осветување, а на крајот – вечен живот“.
Ако некој и понатаму му робува на гревот тој со вера нека се подготви за слободата и посиновувањето, и ослободувајќи се од робувањето на гревот, нека стапи во најблаженото служење на Господ; нека се удостои со наследството во Небесното Царство преку исповедта на верата; нека го соблече стариот човек кој пропаѓа во прелестни страсти. Преку верата се добива залогот на Светиот Дух со што ќе ви биде олеснет пристапот во вечните живеалишта.
Постојат уште многу други средства за вечен живот кои не ги спомнав, бидејќи се многу. Господ, единствениот човекољубец, не отворил само една врата или две, туку отворил многу врати за влез во вечниот живот, за сите да го наследиме, доколку не постојат некои други пречки. Сега само накратко кажав за вечниот живот. Сите ние кои поучуваме и вие кои се поучувате да бидеме удостоени со него преку Божјата благодат.
Свети Кирил Ерусалимски