ЗА БАДНИКОВИТЕ ПРОСЛАВИ – Митрополит Струмички Наум
Официјално, како празник славењето на Рождеството Христово е воведено негде после Миланскиот Едикт од 313 година, кога престанало државното гонење на Црквата.
На личен план, Рождеството Христово можеме вистински да го славиме ако со умот го пронајдеме влезот за внатрешноста во нашето срце, влезот за пештерата, каде што Христос положен во Јасли лежи.
Прашање:
Од каде потекнуваат обичаите да се украсуваат домовите со бадникови гранчиња, да се палат бадникови огнови и да се става паричка во пита?
Митрополит Наум:
Обичајот на бадниковото гранче е препознатлив обичај на Србите и на Српската Православна Црква и на НИТУ ЕДНА друга Православна Црква и народ.
Мене ми е разбирливо зошто овој обичај се задржал или се обновил во Скопје и на некои други места, односно во делот на Македонија каде што после последниот попис живеат околу 40000 срби, но не ми е јасно зошто истото се случува и во некои други делови од Македонија и зошто еден туѓ обичај од НЕЗНАЕЊЕ да прифаќаат Македонците.
Дали е во прашање медиумската соблазна на народот или незнаење, или среброљубие, или сензација, или пак, некоја друга причина, Господ знае!
Знам само, дека е ова, прашање на национален идентитет и знам дека со медиумското форсирање на ваквите обичаи се дефокусира јавноста од она што е битно, а тоа е ИСПОЛНУВАЊЕТО на Божјите заповеди, исповедтта на своите гревови и причестувањето со Телото и Крвта Христови.
Очигледно, многу е полесно ДА СЕ СОБИРААТ ГРАНКИ ПО ШУМА отколку да се чекори по ТЕСНИОТ Евангелски пат!
Бадниковите огнови се во потполна НЕСОГЛАСНОСТ со Црковното предание!
Палењето оган, печењето колбаси и пиењето ракија, се во АПСОЛУТНА СПРОТИВНОСТ со Божиќниот пост.
Свештенството, за почеток, НЕ ТРЕБА ДА ДОЗВОЛИ овие појави да се случуваат во црковните дворови.
Истото важи и за бадниковата семејна вечера; не е Православно предание ако луѓето се откажат од Светата Причест на Божик, заради јадењето зејтин и риба на Бадник.
Ставањето на паричка во лебот или питата за Бадник, е исто така само српски црковен обичај што не е познат во ниту една друга Православна Црква.
Како и да е, ставањето на паричка во лебот на Бадник, НЕМА НИКАКВА ОСНОВА ниту во теологијата, ниту во преданието на Црквата.
Македонски Црковен обичај е паричката да се става во лебот или во питата или во колачот на 14 – јануари – денот на Свети Василиј Велики, попознат во народот уште како Василица или како Стара Нова година.
Значи, бидејќи почитувањето на обичаите е и идентитетско прашање и бидејќи после прочитаното на напишаното знаете што е Македонски Црковен обичај, секој слободно и свесно, спрема обичајот што си го бира нека си го одреди и својот идентитет!
Кој сака да знае повеке за ова нека прочита во житието на Свети Василиј Велики, која може да се најде на македонски јазик во православниот календар на интернет – страницата на Македонската Православна Црква.
(извадок од „НЕ ЗНАЕТЕ ОД КАКОВ ДУХ СТЕ“)