// Google analytics code

Зачнување на свети Јован Крстител – Митрополит Струмички Наум

conception~+~

„Во деновите на Ирод, царот Јудејски, живееше еден свештеник по име Захариј, од редот Авијанов; а жена му беше од ќерките Аронови и се викаше Елисавета. И обајцата беа праведни пред Бог, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари“ (Лука 1, 5–7).

Целата историја и сите случувања, во потесното семејство на свети Јован Крстител, пред неговото раѓање, се правилна икона на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, како и икона на преминот од првиот во вториот степен на духовниот развој – поради плодот на подвигот што го гледаме.

Првиот степен го препознаваме во сведоштвото на Светиот Дух Господ за родителите Јованови, татко му – свештеникот Захариј, и мајка му Елисавета, во Светото Евангелие:

„…беа праведни пред Бог, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари“ (Лука 1, 6–7).

Токму ова мора да го повториме и запаметиме: „постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови, без погрешка“. Посебно запаметете – „без погрешка“.

Што ни покажува нивниот ваков подвиг? Ни покажува дека и покрај нивната голема и неостварена желба за која Го молеле Господ („зашто се услиша твојата молба“ – сведоштво дека тоа го барале), тие не го напуштиле својот подвиг пред Бог, иако обајцата биле веќе стари, па дури и со изгубена надеж во врска со остварувањето на нивната желба. Тоа се гледа во зборовите на Захариј, упатени кон архангелот Гаврил: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна“ (Лука 1, 18).

Нивниот подвиг ни го покажува нивниот личен однос кон Бог – како однос на чеда Божји, слободен и љубовен. Бесплодно е да се држи самиот закон, сам по себе или заради самиот него, или од робовски и наемнички однос. Заповедите Божји ги исполнуваме заради Бог, барајќи Го само и единствено Него, а не заради некои од Неговите добра. Захариј и Елисавета постапуваат според сите заповеди и повелби Господови – без погрешка, како деца Божји, ама на крајот – и дарот е само Божји:

„Еднаш, кога тој служеше пред Бога по својот ред, според обичајот на свештениците, нему му се падна ждреб да влезе во храмот Господов и да покади. А целиот народ се молеше однадвор, за време на кадењето.

Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник. Захариј се уплаши кога го виде, и страв го опфати.

Но, ангелот му рече: ’Не бој се, Захариј, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован.

И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање. Зашто тој ќе биде голем пред Господ и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си; и многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог; и тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните – кон разумот на праведните, па да Му приготви на Господ народ совршен‘“ (Лука 1, 8–17).

Но, Захариј се посомнева. Затоа што, рековме дека неговиот подвиг е правилна икона на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, а тој степен, т.е. ниво на духовен развој, не го одликува просветленоста на умот. Човек со правилен подвиг на првиот степен од духовниот развој, работите повеќе ги чувствува со срце, отколку што ги сфаќа со умот.

Непросветленоста на умот е и своевидна богословска немост. Немост, не толку дека некој не може да срочи некое теолошко слово – дали затоа што е начитан, дали затоа што е интелигентен, па дури и по демонско вдахновение, туку немост поради немањето слово во сила. Затоа и епитимијата што Захариј ја добива од Архангелот Гаврил, токму таа немост ни ја открива.

„И му рече Захариј на ангелот: ’По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна‘. Ангелот му одговори и рече: ’Јас сум Гавриил кој стои пред Бог; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радост; и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, оти не поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време‘“ (Лука 1, 18–20).

„Народот го чекаше Захариј и се чудеше што се забави во храмот. А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем. И штом изминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома“ (Лука 1, 21–23).

Ниту едно Божјо ветување кон Своите верни чеда не останува неисполнето. Не толку поради совршенството на нивниот ум, т.е. духовен разум, односно верување, колку поради правилноста и постојаноста на нивниот подвиг. Во православниот духовен живот, праксата ѝ претходи на теоријата, т.е. созерцанието. Отците рекле: пролиј крв – прими Дух.

„По тие дни зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи: Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледа, за да го отстрани укорот меѓу луѓето“ (Лука 1, 24–25).

Навистина, нашето немање плодови на Духот денес е укор меѓу луѓето. Нашето бледо или никакво сведоштво на Христос, ретко кого привлекува. И не само што не привлекува, туку и одбива. Големото отпадништво од Бог и незаинтересираност ги гледаме и чувствуваме насекаде околу нас. И тоа ќе биде така, сѐ додека не донесеме добар плод.

Преминот од првиот во вториот степен на духовнен развој се случува со пројавување на благодатта на Светото Крштение од срцето и дарот на умно-срдечната молитва, што Отците на Црквата го опфатиле со еден термин, а тоа е – просветлување на умот. Тоа е премин од Стариот во Новиот Завет; премин од противприроден во природен начин на живот. Тоа е плод на правилно поминатиот подвиг на очистување на срцето од страстите.

Тој плод се нарекува и новозаветно, есхатолошко, царско, внатрешно свештенство кое е внатрешно духовно покритие за официјалните свештенички чинови како Света Тајна на Црквата.

 

Свети Јован Крстител, моли Го Бог да ни го дарува и самото покајание!

Митрополит Струмички Наум

  (06.10.2022 08:55)


About The Author