// Google analytics code

Зарем ова не е чудно? – Митрополит Струмички Наум

dnНа празникот на свети Григориј Палама – заштитникот на Струмичката епархија, во црквата на свети Григориј Палама во Струмица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во сослужение на игуменот Георгиј (Стошиќ) и игуменот Фотиј (Величков) и други свештенослужители. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Зарем ова не е чудно?
А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх. Но Исус му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?” (Јован 18, 10-11). Тогаш Исус му рече: „Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат; или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? Но, како ќе се исполнат Писмата ако ова не стане?” (Матеј 26, 51-54). И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!” Па, кога се допре до увото негово, го излекува (Лука 22, 50-51).

Запаметете сите: Светиња со меч не се брани! Без оглед на тоа кој така направил, кој така рекол, кој тоа теолошки го брани, кој тоа го пренесува и кој тоа го застапува – ако сакате да сте барем малку од малку православни. Зарем Богочовекот Христос не е нашата најголема Светиња? Зарем нема да ја послушаме Неговата заповед и зарем нема да го следиме Неговиот пример?

Но, како дошло до ова искривување на верата? Луѓето од Црквата низ својата историја паѓале во три искушенија: првото − нивното поистоветување со државата; второто − нивното поистоветување со нацијата; и третото − нивното поистоветување со партијата.

Да ги разгледаме најпрво последиците од тие поистоветувања на општествено-политички план. Прво, додека во времето на прогонот на Црквата од страна на државата не гледаме отпор од страна на мачениците за да си ги заштитат своите семејства, иако истовремено се убивани и над 20.000 луѓе, во времето на номиналното христијанизирање одеднаш гледаме како христијаните земаат оружје во рака и убиваат со оправдание дека ја бранат христијанската држава и своите семејства од безбожниците. Секој непросветлен ум ќе го оправда гореспоменатото однесување и ретко кој тука ќе забележи нешто лошо. Но, да видиме како злото се развива понатаму.

Второ, кога номиналните верници ќе се поистоветат со нацијата, одеднаш гледаме како православни браќа (Срби, Бугари, Романци, Грци, Македонци итн.) почнуваат да се убиваат меѓу себе, и тоа со благослов на највисоките црковни власти. Зарем ова не е чудно за некој со и најмалку нормален разум?

И трето, најголем апсурд е кога таканаречениот „верник“ се поистоветува со партијата, и одеднаш, на пример, православен Македонец мрази и убива православен Македонец. Тука злото е толку очигледно дури и за атеистите и нема што да се коментира.

Да го разгледаме истиов дух на однесување и на црковно-историски план. Во времето кога номиналните христијани ќе се поистоветат со државата, гледаме како Црквата, поделена на пет патријаршии во една држава, и често под нејзина контрола, покажува голема трпеливост дури и кон еретиците – грижејќи се како да го зачува своето единство, толерирајќи многу еретички заедници и борејќи се да ја одржи евхаристиската заедница со нив. На пример, и Мелетиј, човек со аријанско крштение и аријанска хиротонија, станува претседател на Вториот Вселенски собор.

Во времето кога номиналните христијани ќе се поистоветат и со нацијата, одеднаш гледаме дека (исто како и во меѓусебните убивања од тоа време) нема ни трага од толерирање на „другите“ − тие што сакаат да си прогласат таканаречена национална Црква веднаш се прогласувани за расколници и еретици и веднаш се анатемисани – од истите такви. Историјата ни е добро позната. Значи, злото и понатаму расте, но затоа овој пат сосем очигледно.

Да се потсетиме на нашиот случај. На чисто административен чин од страна на веќе признаената од нив самостојна МПЦ, СПЦ презема светотаински мерки и одговор – прекин на евхаристиската заедница, наместо на административен чин, исто така, да одговореше со административен: „Ние и сите други Цркви вашето самопрогласување не го признаваме“, и толку. На пример, ако СПЦ веќе сакаше да преземе некаква поостра педагошка мерка, тоа можеше да биде само прекинување на заедничкото сослужување со свештенството на МПЦ, но не и прекин на евхаристиската заедница со него, а камоли со народот.

Како овие падови или поистоветувања се одразуваат на личен план? При падот на првото искушение, таканаречените номинални христијани се наоѓаат во стадиум на религиозна невроза − не ги контролираат своите мисли, чувства, зборови и постапки, и во таква состојба лесно го фаќаат оружјето во рака. По падот во второто искушение, веќе се работи за религиозно растројство на личноста (таканаречени психопати или социопати), кога гледаме како браќата меѓу себе бесчувствително сакаат и физички и духовно да се елиминираат. Е, сега, ако некој од нив, а посебно оние што се на власт (пред сѐ, црковна), тоа намерно и свесно го прават − со свесна определба за злото, тогаш се работи за најопасен степен на демонизираност.

Монасите се едни од ретките верни кои го зачувале маченичкиот етос во Црквата, а кои се појавиле веднаш по престанувањето на нејзиниот прогон. Нигде не се чуло и видело вистински монах да земе оружје во рака (освен мечот на вистината) за да го брани својот ближен. Монасите што ги дочекувале непријателите на верата во своите манастири најчесто биле како јагниња колени. Тие многу добро го сфатиле Евангелието дека љубовта не се состои во тоа да ја положиме душата на непријателот заради својот ближен, туку дека Богочовекот Христос вели: Нема поголема љубов од таа да си ја положиш душата своја за ближниот свој (види: Јован 15, 13).

Митрополит Струмички Наум

Сеноќно бдение на празникот на свети Григориј Палама во Струмица (27.11.2015 11:02)


About The Author