Закхеј – Митрополит Струмички Наум
Колкумина се навистина подготвени да се откажат од своето славољубие, од својата лажна слава; и колкумина се подготвени да изгледаат бедно или да служат за потсмев заради Господ Христос, и заради можната средба со Него?
Началникот на митарите, Закхеј, токму тоа го направил и токму на тоа се надевал трчајќи напред и качувајќи се на смоквата. Тоа е тој однос на дете.
Но, тоа нема да остане незабележано и невозвратено од Оној Кој сè гледа и Кој ги познава срцата на сите – Богочовекот Христос, Кој му се обраќа по име: Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна нагоре, го виде и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“. (Лука 19: 5 )
Закхеј сфаќа дека неговото срце, односно неговите име и личност со сите тајни мисли и желби, како и копнежот да Го прими во својот дом, се откриени.
И тој веднаш слезе – знаејќи веќе преку својата оправдана и засилена вера многу добро и Кој го повикува и Кого треба да прими во својот дом – и Го прими со радост. И се радуваше, како што човек може да се радува на постојаната благодат.
И сите [кои високо мислат за себе и кои од завист судат и осудуваат], кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „Отиде во куќата на грешен човек“. (Лука 19: 7 )
Но Закхеј, со своето вистинско, делотворно покајание, го оправда присуството на Богочовекот Христос во својот дом – А Закхеј застана и Му рече на Господ: „Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и, ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам“. (Лука 19: 8 )
Ослободувајќи се во доволна мера од страста славољубие и во доволна мера од страста среброљубие, човекот, вообичаено, во доволна мера се ослободува и од страста сластољубие, а срцето доволно очистено од страстите благодатно се отвора.
Спасението е секогаш поврзано со отворањето на срцето – домот на нашето јас, со актуализацијата на благодатта на Крштението и со просветлувањето на умот, т.е. со умно-срдечната молитва – макар и во последните моменти од нашиот живот.
Така јас ги разбирам Господовите зборови, со коишто Тој ја потврди новата духовна состојба на Закхеј – просветлувањето: Денес дојде спасението на овој дом… (Лука 19: 9 )
Оти Синот Човечки дојде да ги побара и спаси грешните, а не – „праведните“, т.е. грешните што сакаат да се спасат, а не – „спасителите“.
Господи Исусе Христе, влези и во нашиот дом и спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум
(13.02.2021 17:03)
Photo by: Fr. Gavril Galev