// Google analytics code

Житие: Свети Наум Охридски

св. наумНашиот преподобен и голем отец Наум, согласно воспитувањето на благородните родители, откажувајќи се од благородството и богатството, им се придружи на рамноапостолните браќа Константин Философ и Методиј. Станувајќи им придружник на овие прекрасни мажи и благовесници на Вистината, се предаде во нивни раце. Нив ги имаше за пример во сè и за свои учители, поучувајќи се во нивното училиште од делата на свети Григориј Богослов, свети Јустин Философ, свети Григориј Неокесариски, свети Василиј Велики, свети Јован Златоуст, свети Григориј Ниски, Блажен Августин, свети Јован Дамаскин, и подготвувајќи се за големото апостолско дело што го очекуваше. Дејноста на свети Наум е тесно поврзана со мисионерската дејност на светите Методиј и Кирил. Околу 863 година тој замина со нив во земјите на Централна Европа. Патувајќи со нив по селата на новоформираното Кралство на Моравија – на територијата на среден Дунав, меѓу Чешка, Баварија и Словачка – овој вистински Христов апостол беше подложен на многу искушенија: беше биен, исмејуван, хулен, претрпувајќи долги и бескрајни тегоби и тешкотии, затвори, насилства и студ, и протерувања од непријателите Христови и на Верата. Но, Господ го поткрепи нивното богоудно дело и за кратко време работата на овие свети Отци доживеа голем успех, во голема мера и затоа што тие го знаеја локалниот јазик. И за да привлечат мнозина да Го познаат Христос, и за да ги просветлат со светлината на благочестивата вера и со пишаното слово, се спротивставија на тријазичната ерес според која словенскиот јазик не беше достоен за на него да се шири Словото Божјо, туку оваа чест беше припишувана само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот. Раководени од зборовите на Спасителот: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16, 15), тие го преведоа Светото Писмо – Стариот и Новиот Завет како и Литургијата на свети Јован Златоуст од грчки на словенско-македонски јазик, создавајќи ја за оваа цел глаголицата, предавајќи го јасно словенскиот збор со букви и со изразни зборови какви што пронајдоа. На овој начин ѝ дадоа на својата мисија цврста основа во писмо и книги. Пред да го објават тоа корисно и Божјо дело меѓу тамошните народи, светите Методиј, Кирил, Климент, блажениот Наум и другите со нив свети ученици-апостоли, заедно решија да го претстават пред Вселенската Црква, за да добие сила и потврда. Ги зедоа книгите, и исполнети со Божјиот Дух, околу 869 г. стигнаа во старата престолнина на Ромеите – Рим. Тогаш беше архиереј големиот Адријан II (867-72). Тој, откако разбра за доаѓањето на Светите, ги пресретна оддалеку со целиот свештенички собор и торжествено ги прослави, како што се практикувало во такви случаи за светители. А свети Наум, иако беше помлад од сопатниците, им беше еднаков на своите сотрудници во апостолската ревност и во чудотворната сила, како и во ученоста и во познавањето на многу јазици. Таму, кога влегуваа во градот, Господ, Кој ги прославува оние што Го слават, покажа преку Своите служители натприродни чуда. Така многу слепи прогледаа, мнозина свиени се исправија, глуви и неми проговорија и прослушаа, хроми проодија и други се очистија од нечистите духови и се исцелија од разновидни болести. Од тие чуда и од други Божји откровенија, кога архиерејот виде и сфати дека се од Бога дела, ги замоли Светите да му ги покажат книгите што ги преведоа. Штом му ги донесоа, тој ги провери со целата своја строгост, срамнувајќи го грчкиот со словенскиот текст, ги прогласи за веродостојни, ги одобри како погодни во секој поглед за евангелизација на словенскиот народ, и рече: „Господ е благословен! Овие книги се вистински принесувања жртви на Бога, Нему угодни!“ Потоа тие отслужија Божествена Литургија и папата го потстрижа во голема схима Константин и го нарече Кирил, а Методиј го назначи за Архиепископ на Моравија и цела Панонија, со седиште во древната епископска столица Сирмиум (Сремска Митровица), со јурисдикција над словенските земји на Панонија, Моравија, Словачка и дел од Хрватска. Потоа ги ракоположи светите Климент и Наум заедно со другите свештеници и ѓакони и благослови да се служи Литургија на словенски јазик во градските цркви. Откако Светите го исполнија доброчестивото дело, тие сакаа да се вратат назад, секој во своето место. Тогаш ги пресретна целиот народ од градот со големи почести и љубов. А и тие се трудеа секаде каде што имаше тешкотии и болести да исцелуваат. А начинот на кој лекуваше свети Наум беше чудесен и достоен да се прикаже: од неговите очи се излеваше исцелителска сила, која ги лекуваше болестите кај они кои со вера ќе погледнеа во очите на овој свет угодник Божји. Со сила беа одделени оние кои ги следеа, со многу солзи и со тажни лица, и на крајот, кога се простуваа еден од друг со целиви и духовна љубов, благословувајќи ги, Светителите тргнаа по патот. По кратко време, на 14 февруари 869 г., во манастир во Рим се упокои богоносниот Кирил и неговото сефално тело беше положено во храмот на свети Климент Римски. А свети Методиј, пак, ја остави жалоста по својот роден брат Кирил, и откако доби разрешување од блажениот папа Адријан, отиде со сите свои ученици во Панонија. И таму сè добро уреди и поучи. Свети Методиј 24 години носеше архиерејски чин во Моравија и Панонија и, покрај другата дејност, раководеше во Велеград словенско пастирско училиште, каде што учеа многу ученици и каде што беше центарот на словенското богослужење и образование за тие држави. Кога умре во 885 г., тој остави голем број ученици (свештеници, ѓакони, ипоѓакони), до 200 на број, кои беа воспитаници на тоа училиште, во чие подготвување секако учествуваше и презвитерот Наум, меѓу другите избрани ученици, кои ревносно проповедаа во својата околина, пишуваа и преведуваа црковни книги. Првенството меѓу учениците го држеше Горазд, кого самиот свети Методиј го прогласи за Моравски Архиепископ кога доби известие од Господ за своето упокојување. Но дрската толпа од еретици не престана да се бори против него дури и по неговата смрт. Така тие го лишија Горазд од епископска власт и архиерејството го презеде некој Латин, наречен Вихинг, кој беше опијанет од беснотијата на ереста. Тој со својата група почна да го напаѓа православното мнозинство на учениците на свети Методиј. Исполнет со еретичкото учење на Македониј и Аполинариј, тој го преврти целото светоотечко учење на свети Методиј и бараше од верните да исповедаат дека Синот е роден од Отецот, а дека Духот излегува од Синот. Тогаш Светите почнаа да се борат против тие соблазнувања и силно да го проповедаат правилното учење за Светиот Дух, преобраќајќи мнозина во Православието и гласно исповедаа: „Ние веруваме дека Духот произлегува од Отецот и дека Отецот е причина на раѓањето на Синот, но дека е присутен во Синот и секогаш преку Него се раздава на достојните. Меѓутоа, едно е излегување, а друго е раздавање. Првото го објаснува начинот на постоењето на Духот, зашто, како што е Синот од Отецот по раѓање, така е Духот по произлегување од Него. Давањето не го објаснува начинот на постоењето, но покажува обогатување и раздавање… Светиот евангелист Јован ни Го претставува Синот, Кој зборува за Духот на вистината, Којшто излегува од Отецот. Затоа престанете да го острите страшниот меч против себеси. Престанете да се спротивставувате на Божјиот Син, Големиот Благовестител, од Кого, преку и за Кого е целото Евангелие, и без Духот да учите за Духот, или подобро да речеме да зборувате во противниот дух!“ Вихинговците (Франко-Германите) видоа дека не можат со логика и со Откровение Божјо да ја бранат својата теза, па прибегнаа кон лукавство: прво се заколнаа пред Светополк – кнезот на Моравија, дека право веруваат, а тој затоа им ја предаде Црквата во тие места, и тогаш тие го започнаа страшното гонење на Методиевите ученици и следбеници. Ги присилуваа да ја примат нечестивата догма, ги мачеа бесчовечно, им ги разграбуваа домовите, ги влечкаа голи низ трње. Презвитерите и ѓаконите што беа помлади ги продаваа на Евреите како робови. Светите Горазд, Климент, Наум, Лаврентиј и Ангелариј и многу други знаменити мажи ги оковаа во пранги и ги затворија во темница, каде што им беше забранета секаква утеха, бидејќи по никаков начин при нив не смееја да пристапат ни роднини ни познати. Но, што промислува Бог, Кој не дозволува да се навредуваат и обесчестуваат Неговите луѓе? Кога се наоѓаа Светите во затворот и пееја од целата душа и срце едногласно „Господи, Пресветиот Твој Дух…“, о чудо, голем земјотрес се случи, целото место се затресе, и паднаа многу ѕидови и куќи на тираните, па паднаа синџирите и јажињата од рацете и нозете на Светите. Свети Наум ја покажа силата на својата молитва кога чудотворејќи ја отвори затворската капија. И сите заедно излегоа и тргнаа по патот, радувајќи се како некогаш апостолите, зашто се удостоија да страдаат поради Светиот Дух, како оние поради името на Распнатиот Владика. И сите се зачудија пред тоа чудо и ги нарекоа Светите големи. Но јазикот на еретиците повторно се обиде да го изопачи чудото, припишувајќи го тоа на Велзевул, како што направија Јудејците пред Христос. Потоа, бидејќи безумниот кнез не можеше да го разбере ова чудо – Светите повторно беа ставени во окови, потешки од првите и со затворски маки побезуспешни од поранешните. Изминаа три дена. И кога ја завршуваа молитвата на Третиот час, повторно стана истото што и порано: земјотрес и шум од небото и раскршување на прангите. И без да му соопштат за тоа нешто на кнезот, богоборците повторно ги подложија Светите на истите мачења. Откако изминаа десет дена, пак, по третпат Бог ги посети подвижниците, но бесчувствителните еретици повторно си останаа така заслепени. И така врз болките од раните им се наложија на Светителите уште поголеми страдања. Бидејќи имаа од кнезот дозвола да се однесуваат со нив како им е угодно, тие ги извлекоа од затворот и ги измачуваа со бесчовечни удари. По таквите удари, не им дозволија дури ни да се нахранат, бидејќи никому не му дозволуваа да им подаде дури ни парче леб на Христовите слуги. Прогласени за бунтовници против државниот поредок, беа предадени на војниците за да ги одведат пооделно на разни места покрај Дунав, осудувајќи ги небесните граѓани на изгонување од градот. И војниците – луѓе варвари, ги грабнаа Светителите, ги изведоа надвор од градот и откако ги соблекоа, ги протераа голи. Свети Климент ги зеде со себе светите Наум и Ангелариј и се упати со нив кон Дунав на југ, раководејќи се од Евангелието: „Кога ќе ве изгонат од еден град, одете во друг“ (Матеј 10, 23). И ете тие пристигнаа во едно село, во кое решија да ги поткрепат своите тела истоштени од недостаток на храна и покрив. Се распрашаа кој во селото е богољубив, гостољубив и прочуен со благочестивиот свој живот и, откако најдоа таков, отидоа на гости кај него. Тој човек имаше единец син. Но штом влегоа туѓинците во куќата, синот умре. Таткото, целиот скршен, ги проколнуваше и им се закануваше, сметајќи ги за маѓесници и демони. Но и Светите сами страдаа не помалку од таткото. Тогаш тие се оддадоа на молитва, успокојувајќи го со кротост силниот гнев на таткото. И навистина, штом се помолија за детето – о ново чудо!, о, Твојата вечно светла благодат, Спасителу Христе! – на ожалостениот татко жив му го предадоа синот. Таткото, пак, надвор од себеси од радост викаше: „Простете, простете ми преподобни Отци. Јас ништо не знаев за вас и затоа сум повиновен. Но еве ви сè што имам, па и самиот ќе ви бидам слуга!“ Задоволни од верата на човекот, тие смирено зедоа само она што им беше најпотребно за патувањето што им претстоеше и тргнаа по патот што водеше кон Дунав. Кога стигнаа на дунавскиот брег и го видоа силното и поради тоа непреодно течение, откако заврзаа три дрва со лоза, со молитви и Божјо чудо ја преминаа реката на другата страна и стигнаа до Белград. Тамошниот воен намесник убаво ги пречека и ги прати кај владетелот по име Михаил-Борис2, кој со почести и велелепно ги поздрави, благодарејќи Му на Бог бидејќи доби такви учители, не обични луѓе, туку исповедници и маченици. Тој некое време ги задржа во Преслав, а потоа според желбата ги распореди во местата наоколу, за да го проповедаат името Христово. Им нареди на граѓаните да ги слушаат Светите и да им се потчинуваат на наредбите, како да се негови, и да им помагаат во градењето на светите храмови кои тие ќе сакаат да ги градат, за да се множи благочестието. Во Преслав свети Наум работеше седум години (886-893) развивајќи учителска дејност. Таму го продолжуваше делото на своите учители, поткрепен од Духот. Ја ширеше писменоста, подготвуваше свештеници, го објаснуваше и толкуваше Светото Писмо и делата на светите Отци, а понадарените свештеници ги поттикнуваше да препишуваат и да создаваат свои дела. Тој исто така имаше и улога на дворски советник, прво кај кнезот Михаил-Борис, а потоа и кај неговиот наследник царот Симеон. А свети Климент беше испратен за учител во областа Кутмичевица во Македонија, каде што доби многу поволни услови за работа. Тој во манастирот за свој помошник подоцна го зеде свети Наум за да му помага во учителствувањето и другите дела. Кога кнезот Михаил-Борис се повлече заминувајќи во манастир и на престолот дојде неговиот благочестив син Симеон (893-927), тој го предложи свети Климент за епископ на Дремвица и Белица (се смета дека е ова Тивериополската епархија – денешна Струмица). Така во 893 година свети Климент стана прв словенски епископ на Балканот меѓу ромејските епископи. На своето место на Охридскиот универзитет тој тогаш го постави свети Наум, како најдостоен наследник, да ја продолжи неговата учителска дејност. Светите Климент и Наум го поткрепија делото на своите учители Кирил и Методиј поставувајќи цврст темел на православната словенска Црква и на православната словенска култура во Македонија, како и во другите православни земји: Бугарија, Србија, Русија и др. Со христијанското словенско училиште и просвета, со подготвувањето на свештеници и други клирици образовани на словенски јазик, со воведувањето и ширењето на словенскиот јазик во сите богослужби и во целата просвета, од црквите во Македонија го отстранија паганството како и грчкото и латинското влијание. Во секоја парохија дејствуваа по 300 одбрани ученици (учители, проповедници, клирици), а нивниот вкупен број изнесуваше 3500, од кои половината, ако не и повеќе непосредно се беа напоиле од благодатното слово на свети Наум. Во Охридскиот книжевен центар свети Наум работеше седум години. Ова училиште имаше карактер на универзитетска установа и со право денес се смета за прв универзитет во Европа. Сиот овој труд даваше обилни плодови уште во тоа време. Во 900 година свети Наум на брегот на Охридското Езеро основа манастир посветен на светиот архангел Михаил и сите свети небесни и бестелесни сили, којшто го освети Епископот Климент. Со повлекувањето во манастирот, свети Наум се вгради во темелите на монаштвото во Македонија, и околу него се собраа мноштво монаси од целиот Балкан. И откако направи сè што Му е благоугодно на Бог, почина таму блажениот Наум во длабока старост и Му ја предаде својата душа на Бог на 23 декември 910 година. А чесното тело негово беше положено во гробот, во десното крило на храмот, од Христовиот архиереј Климент Охридски, кој се упокои шест години подоцна. Уште на крајот на десеттиот век светите Наум и Климент се канонизирани за светители. Свети Наум е почитуван уште за време на животот, а особено по повлекувањето во манастирот и за време на отшелништвото во крајезерските пештери, како добродетелен и свет подвижник и како чудотворец. Свети Наум беше мудар учител, боговдахновен раководител на монасите, строг подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Правеше многу чуда за време на животот и по смртта. Од неговите чудотворни мошти и денес се случуваат многубројни чуда, исцеленија од тешки болести, особено лудило и демоноопседнатост. Многумина болни доаѓаат на неговиот гроб и тоа не само православни туку и луѓе од друга вера. Во 1926 година еден муслиман од Ресен донесува камбана за да ја приложи на манастирот од благодарност што Светителот му го беше излекувал братот и од смртна постела го подигнал повторно во живот. Името на приложникот е Џемаил Зизо, а на неговиот брат Сулејман Зизо, и двајцата угледни граѓани на тогашен Ресен. Затоа, браќа, и ние да му последуваме на добриот живот на овој блажен Отец, кој се зачува наполно девствен и чист и кој претрпе многу беди и напасти поради вистинската Божја вера, па со него да ги достигнеме вечните богатства на нашиот Господ Исус Христос, во слава на Отецот, на Синот и на Светиот Дух, секогаш и во сите векови. Амин.


About The Author