// Google analytics code

Света Марија Магдалeна – Отец Гаврил Галев

st-mary-magdalene-orthodox-christian-icon-extra-large-8ПРВИОТ БЛАГОВЕСНИК НА ВОСКРЕСЕНИЕТО

 ~+~

Едни од вас Бог постави во Црквата прво апостоли,

второ пророци, трето учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување;

па застапници, управници и луѓе што зборуваат на разни јазици.

(1 Кор. 12, 28)

Блажената Марија Магдалена го добила дарот на рамноапостолна, бидејќи со својот подвиг се вподобила на апостолите и станала проповедник на Евангелието. Наречена е рамноапостолна, иако апостолството како свештенодејство во Црквата е дар за мажите, но нејзиното име се спомнува во Светото Писмо дури и повеќепати од некои од апостолите.

Тоа дека во Христос нема ни машки пол, ни женски, туку сите се едно пред Него[1], а сè зависи од нашиот личносен однос кон Него, го сведочи и рамноапостолната Марија Магдалена. Зашто, можеби, во диптихот на Православната Црква не се среќаваат многу жени, но тие што се прославени достигнале толку голема светост и слава што дури предничат и пред мажите. Според зборовите на свети Јован Златоуст: „Жените се способни за големи подвизи, дури и за поголеми од оние на мажите“. Една од нив е светата мироносица Марија Магдалена.

Иако нејзиното почитување е многу големо, за неа нема многу податоци. Некои ја мешаат со жената блудница, во куќата на Симон, која со солзи ги измила нозете Христови и со миро Му ја помазала главата[2]. Некои сметаат дека е Марија, сестрата на воскреснатиот Лазар од Витанија[3]. Меѓутоа, мироносицата Марија не е ниту една од нив. Се работи за три различни личности и меѓу нив нема никаква поврзаност.

Во Светото Писмо се спомнуваат неколку Марии, име кое било доста популарно во тоа време. Марија Магдалена, за која сега пишуваме, ја спомнуваат евангелистите Марко и Лука. За неа се вели дека Христос од неа истерал седум бесови и целосно ја исцелил од болеста од која страдала[4]. Според евангелистите, името на Марија Магдалена се разликува од другите жени што го носат името Марија, бидејќи кон првото име стои и „Магдалена“ или „Магдалина“, кое на арамејски јазик значи „кула“ или нешто возвишено, големо или величествено.

Потекнува од областа Магдала, мало гратче на западното крајбрежје на Генисаретското Езеро, па затоа и се именува како Марија Магдалена, од племето Исахарово. Евангелието според Лука ја набројува како една од жените што патувале со Христос и „кои Му служеа со своите имоти“[5], што покажува дека таа веројатно потекнувала од имотно семејство.

 

14th

Верата нивна беше посилна од верата на учениците Христови[6]

Мажите нека ги подражаваат жените и

да не Го забораваат Христос во искушенијата.

– свети Јован Златоуст

Света Марија Магдалена е една од жените мироносици, заедно со Богородица, првата и врховна Мироносица, потоа Саломија, Марија, мајката на Јован, Марија Клеопова, Јоана, Сусана и Марија, мајката на Јаков[7]. Света Марија Магдалена, заедно со останатите жени мироносици Му останале верни на Христос и во најтешките моменти, со што ја покажале нивната вистинска вера, љубов и посветеност кон Него, како на Бог и Спасител.

Додека сите апостоли, освен свети Јован Богослов, се разбегале од под Крстот, тие бестрашно стоеле и гледале каде ќе го положат телото Исусово за да го земат и да го подготват за погребение според еврејскиот закон. „При крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалена“ (Јован 19, 25). Љубовта нивна била поголема од стравот и потполно ја пренебрегнале можноста за каква било опасност. Како што вели свети Јован Златоуст: „Жените стоеја под Крстот, и послабиот пол излезе помажествен“. Откако Христос бил симнат од Крстот, тие оделе до гробницата во којашто бил положен, за да можат да Го помазаат со миро, според јудејскиот обичај.

Myrrh-bearing-Women-e1557569281925Бидејќи Распетието се случило во петок навечер, а во саботата ништо не се работи и не се излегува од дома, според јудејскиот обичај, поминувајќи го целиот ден во плач, откако минала саботата, мироносиците рано наутро отишле на гробот. Дошле порано од сите, уште пред осамнувањето. Марија Магдалена дошла пред сите, зашто светиот Јован Златоуст нè известува: „Целосно исполнета со љубов кон својот Учител, кога изминала саботата, таа не можела да чека, па рано утрото дошла кај гробот, сакајќи некако да се утеши.

 

 

mary-sees-risen-jesusЖивотворен мирис за живот[8]

„Радувајте се!“

(Матеј 28, 9)

Светиот апостол и евангелист Јован пишува: „Во првиот ден на седмицата, многу рано, додека уште беше темно, Марија Магдалена дојде на гробот и виде дека каменот од гробот е поместен“ (Јован 20, 1). Кога дошла света Марија Магдалена, ја затекнала гробницата празна. На големо изненадување, таа видела дека каменот е поместен и гробот празен. Вчудовидена, Марија Магдалена брзо отишла кај апостолите Јован и Петар, и им рекла: „Го украле Господа од гробот и не знам каде го положиле“ (Јован 20, 2). Јован и Петар веднаш тргнале по неа и кога влегле во пештерата, виделе дека телото го нема и дека во аголот стојат само повоите со кои тоа било завиткано.

Тие се вратиле, „а Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше“. „Мажите се вратија, но послабиот пол беше врзан за местото со поголема љубов“, вели блажен Августин. „И, плачејќи, се наведна над гробот; и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше телото Исусово. И тие ѝ рекоа: ’Жено, зошто плачеш?‘ Им одговори: ’Го кренале Господа мој и не знам каде Го положиле‘. Штом го рече ова, се заврте назад и Го виде Исус како стои; но не знаеше оти е Исус. Исус ѝ рече: ’Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?‘ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: ’Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам‘. Исус ѝ рече: ’Марија!‘ Таа се заврте и Му рече: ’Равуни‘ – што значи ’Учителе!‘ И рече Исус: ’Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец; туку отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и при вашиот Бог‘. Дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците дека Го видела Господа и дека тоа ѝ го рекол“ (Јован 20, 11–18).

Во тоа време, и на другите жени мироносици, кои веќе се враќале од гробот по патот, им се јавил Воскреснатиот Исус Христос, Кој им рекол: „Радувајте се!“ Тие ничкум паднале пред Неговите нозе и Му се поклониле. Поради нивната бестрашна љубов и верност, светите жени кои ревносно Му служеле на Господ за време на животот биле удостоени први да Го видат Воскреснат и да бидат првите благовесници на Неговото славно Воскресение.

Некогаш прво жената згреши, а потоа и мажот[9]; сега, пак, жената прва ја прими веста за Воскресението. Преку жената, тагата дојде во светот, а сега, преку неа – радоста на воскресението. Таа не можела да ја скрие спасителната радост дека Го видела Воскреснатиот Господ и прва отишла кај Неговите ученици за да ги утеши со радосните зборови: Христос воскресна! Како прва благовесничка на Воскресението, од Црквата е призната за рамноапостолна, како „апостол на апостолите“.

Светото Предание вели дека Воскреснатиот Христос, како смирен и послушен Син, прво Ѝ се јавил на Својата Мајка, а потоа на Марија Магдалена. „Зашто кој стои на чело на сите мироносици? Кој е тој што на мироносиците им го дава сиот небесен сјај? – Пресветата Богомајка. Таа – Таа е врховната и Прва Мироносица. Во светите молитви за Неа се вели – Таа ни Го родила Миомирисот Небесен, Господ Христос, Благоуханието. Затоа е Прва Мироносица, пред сите други.“[10]

 

veligdenski jajcaХристов мирис пред Бог[11]

По Вознесението Господово, таа пропатувала многу земји, благовестејќи за Христос, како и светите апостоли. Најпрво, веднаш по овие настани таа пристигнала во Рим и на царот Тибериј, подавајќи му едно јајце, му се обратила со зборовите: Христос воскресе, и со тоа му соопштила за распнувањето и воскреснувањето Христово. Го обвинила и Понтиј Пилат дека, иако можел, не Го заштитил праведниот Исус, туку се исплашил од Евреите и само си ги измил рацете, правејќи се невин. Тоа било причина царот да го повлече Пилат и да го испрати, под казна, на служба во Алпите, каде што во царска немилост го завршил животот.

Според Преданието, кога Марија почнала да му зборува на Тибериј за Воскресението Христово, императорот се насмеал, велејќи: „Тоа е невозможно како што е невозможно и твоето бело јајце да се претвори во црвено“. Уште не ја завршил реченицата, а јајцето во рацете на Марија Магдалена станало црвено.

Подоцна Марија Магдалена дошла во Ефес, каде што апостолски му помагала на свети Јован Богослов во проповедта на Евангелието. Таму се упокоила и била погребана во истата пештера, во која подоцна и светите седум отроци чудесно спиеле стотици години, а потоа се разбудиле, па умреле, и по Божја промисла го посведочиле Воскресението.

Во 9 век, нејзините нетлени мошти торжествено биле пренесени од императорот Лав IV Мудриот (886 – 912) во Константинопол и биле положени во храмот при манастирот посветен на свети Лазар, правејќи многу чудеса во слава на Христос нашиот Бог.

Дел од моштите на рамноапостолната Марија Магдалена се чуваат во светогорскиот манастир Симонопетра, односно нејзината лева рака, која е нетлена и благомирисна, и топла како на жив човек.

Светата Христова Црква нејзиниот спомен го празнува на 4 август според новиот, односно на 22 јули според стариот календар, како и во третата недела по Пасха, кога се празнуваат светите жени мироносици.

По нејзините свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нè!

 

Подготви: Отец Гаврил Галев

игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,

Кинглејк, Мелбурн, Австралија

4 / 08 / 2020

 

[1] Види: Гал. 3, 28.

[2] Види: Лука 7, 37–38.

[3] Види: Јован 12, 1–8.

[4] Види: Марко 16, 9; Лука 8, 1–3.

[5] Види: Лука 8, 2–3.

[6] Преподобни Јустин Ћелијски, Пасхалне беседе, Београд, 1998, стр. 207.

[7] Види: Марко 15, 40; Матеј 27, 56; Јован 19, 25.

[8] 2 Кор. 2, 16.

[9] Види: 1 Мој. 3, 1–20.

[10] Преподобни Јустин Ћелијски, Пасхалне беседе, Београд, 1998, стр. 209.

[11] 2 Кор. 2, 15.


About The Author