Житие на Свети Иринеј Лионски – Отец Гаврил Галев
Бог во секое време си избира и поставува достојни луѓе, кои ќе ја понесат одговорноста да бидат наследници и преносители на дарот на Преданието Божјо. Секој во своите услови, ја вршат „својата“ улога и оставаат обележје во животот на Црквата. Како алка во синџир се надоврзуваат едни на други и ја образуваат Црквата и нејзиното Свето Предание, кое непрестајно и сѐ уште постои во Православната Црква, до денес.
Најпрво Бог ги избра пророците пред Христос, а потоа и апостолите по Христос. Потоа, оние коишто биле апостолски ученици и кои после нив останале да ја сведочат вистината Христова. Нив Црквата ги нарекла апостолски мажи. Откако светите апостоли и апостолските мажи ја рашириле Црквата и ја утврдиле христијанската вера, таа била силно напаѓана од паганите. Затоа се појавила потреба од апологети, кои ја бранеле Црквата од тие напади. И тука не престанале нападите, па како што прорекле светите апостоли Јован и Павле, дека Црквата ќе биде гонета и одвнатре, од лажни учители, кои ќе ги шират лажните учења и ќе го смутуваат народот Божји, така и Бог повторно си избира свои храбри мажи кои достојно ќе го понесат тој подвиг и ќе го исчистат каколот од житото. Тоа се епископите и учителите на Црквата кои ја формулирале правилната вероисповед, поставиле основа на православната теологија и ги формирале правилата и каноните на Црквата.
Тука спаѓа и богомудриот и смирен слуга Божји Иринеј, како нивен предводник и зачетник на систематското образложување на Христовото евангелско учење. Тој преставува еден од најзначните и највлијателени писатели на Црквата, кој влијаел не само на своите наследници, туку и на подцнежните теолози и учители на Црквата, како и на современите теолози денес. Како сестран теолог и основоположник на многубројни сфери во теологијата, тој поставува основа на сета православна теолошка мисла и има влијание на подоцнежните теолози, дури и до денес.
За неговиот живот се знае многу малку. Она што најмногу се знае за него го црпиме од неговите теолошки трактати и писма. Според опишувањето на личностите и настаните од неговиот живот можеме да заклучиме дека се родил околу 130-140 година во градот Смирна, во Мала Азија; денешен Измир на Егејското Море во Турција.
Од неговата рана возраст се посветил на темелно проучување на елинската мудрост и станал одличен познавач на грчката поезија, философија и на другите елински науки. Бог ги познава срцата на сите и си ги бира Своите инструменти преку кои ќе го труби Словото Божјо за спасение на луѓето. Од тие малкумина избрани бил и св. Иринеј, во кого вдахновил таква мисла за да не остане на нивото на паганската мудрост, туку да се издигне на степенот на богомислието и богословието. Најмногу за тоа придонела средбата со светиот маченик Поликарп, Епископот Смирнски. Уште од млади години го запознава светиот Поликарп, кој пленел со својата духовност, мудост и со својата појава, и тоа го привлекло Иринеј да се откаже од сѐ и да стане негов ученик.
Не е најсигурно дали св. Иринеј бил христијанин од наследство на неговите родители или подоцна се обратил кон Христа, но сигурно е дека за да стане ревносен христијанин најмногу влијаела личноста на Божјиот избраник Поликарп. Свети Полкарп бил епископ на градот Смирна, еден од ангелите (епископите) на седумте Цркви кои се спомнуваат во Откровението на св. Јован Богослов и тој бил водач на сите христијани во Мала Азија.
Ја оставил елинската прелест, па се припоил кон Христос и се предал целосно на послушание на својот духовен отец и во изучување на христијанската мудрост. Поради неговиот карактер свети Полкарп многу го засакал и сѐ она што преку личен опит во благодатната заедница и во познавањето на живиот Бог го стекнал, му го предал на Иринеј. Многу му зборувал и за неговиот духовен водач во Христа – апостолот Јован, и сѐ што овој директно видел и слушнал од Христос, за Кого сеќавањето сѐ уште било свежо и актуелно. Преку таа врска и св. Иринеј на некој начин станал и директен негов ученик.
На половината од вториот век св. Иринеј доаѓа во Рим, каде што престојувал некое време и таму го запознал св. маченик Јустин Философ. Таму се приклучил и на неговата христијанско-философска школа. Подоцна тоа ќе влијае и при форимирањето на неговата теолошка личност и при неговото изложување на верата. Најверојатно тоа било во времето кога св. Поликарп пошол во Рим за посета на Римскиот Епископ Аникитиј (околу 155 година), по повод дискусиите за литургиските и календрските разлики и прашања. Наскоро по тоа, св. Поликарп маченички ја положил својата душа за Христос.
Поради неговиот доблесен живот и поради доброто познавање на евангелско учење, свети Иринеј ќе биде ракоположен за презвитер од свети Поликарп и потоа ќе биде испратен во Галија за да го проповеда Словото Божјо.
Во Галија, денешна Франција, најпрво престојувал во градот Виена, на дваесетина километри од Лион. Најверојатно таму бил прв епископ, затоа што во тоа време сѐ уште не биле добро разграничени термините епископ и свештеник.
Во Галија бил близок соработник со св. Потин, епископот на Лион, и многу му помагал во службата. И тука, поради неговиот посветен карактер и кротост стекнал голема довеба кај него и тој многу се наслонувал на него. Во меѓувреме повторно пошол во Рим. Бил испратен од св. Потин да му однесе писмо на Римсикиот Епископ Елефтериј. Тоа писмо во историјата е познато како „Писмо на Исповедникот“, бидејки во тоа време св. Потин бил во затвор, заедно со другите, затоа што ја исповедале својата вера во Христа.
Во тоа време Црквата се нашла во многу тешка ситуација. Додека за времето на римскиот император Антониј Пиј (138 – 161) била во мир и многу брзо напредувала и се ширела, со доаѓањето на власт на императорот Марко Аврелиј (161 – 180) се сменила политиката на римската власт кон христијаните и тие биле дадени на тешки прогони и измачувања.
Прогонствата биле неописливи. Како сите сили на светот да биле вперени против неа (Црквата). Незнабошците ги исклучиле христијаните од услугите на сите јавни установи. Им нанесувале материјални и физички штети. Ги ограбувале нивните имоти и ги напаѓале со жестокост, удирања и со сите други насилства. Биле неправедно обвинувани за секаков неморал и злосторства, без да бидат ислушувани. „За толку темни злосторства не е законски за нас да зборуваме, па дури и да мислиме на нив“ – велеле тие за себе.
Прогонството на христијаните под власта на Марко Аврериј не се ограничило само на исток каде што имало најмногу христијани, туку насекаде по империјата. Во 177 година, бурата ја зафатила и една од најпросперитетните области во Галија, градовите Лион и Виена, каде што постоеле азиските колонии, кои овде први ја беа рашириле христијанската вера.
Во тој насилнички бран пострадале мнозина христијани. Меѓу оние што биле изведени пред судското седиште бил и преподобниот Потин, епископот на градот Лион. На непријателот не му било срам и не ја поштедил ниту неговата возраст. Потин имал деведесет години и бил многу слаб. Но, ревноста на неговиот дух и неговата сериозна желба да го даде своето сведоштво за Христа, му дале сила и го поткрепиле. Кога Легатот го прашал: „Кој е Бог на христијаните?“, тој одговорил: „Ако си достоен, ќе знаеш“. По ова, тој бил безмилосно влечен, тепан и клоцан без најмалку внимание за неговата возраст и за неговиот пречесен изглед. Едвај дишел, го фрлиле во затвор, и по два дена го пресекле со меч.
Во тоа време св. Иринеј престојувал во Рим, испратен од св. Потин, каде што се борел против гностичките учења на монтанизмот со полемичкиот епископ Елефтериј и овде преговарал за мир. По смртта на свети Потин, локалните христијани во 178 год. го избрале св. Иринеј за нов епископ на Лион. Свети Иринеј бил вториот епископ на Лион, по св. Потин.
Лион
Античкиот град Лугдунум, денешен Лион во јужна Галија, во тоа време бил многу важен културен, политички, трговски и воен центар. Го нарекувале „малиот Рим“, во кој дошле и останале многу народи од сите страни, а меѓу нив и голем број Грци, кои први ја прифатиле христијанската вера.
На епископскиот трон во Лион, Иринеј развил повеќе пастирско-мисионерски и теолошки активности. Бил вистински пастир и водач на христијаните во Галија. Се борел за чистотата на христијанското учење против еретиците, особено против Валентин и другите гностици, усно и писмено. Поради тоа стекнал големи симпатии и авторитет кај христијаните. И не само кај христијаните, туку и кај незнабошците, и многумина од нив поверувале и се обратиле во христијанството. Тој го проширил просторот на Црквата со покрстување на околните племиња, особено на северот од Галија. Ги просветлувал со словото на вистината и ги крштевал според заповедта Христова, да одат и да го проповедаат Царството Божјо и да ги крштеваат сите народи во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Според тоа, архипастирската дејност на свети Иринеј не била ограничена само на Лион, чии граѓани ги преобратиле во христијанство, туку се протегала на цела Галија. Покрај тоа, свети Иринеј одржувал и живи врски со Римската Црква и со Црквите во Мала Азија, за што сведочат неговите посланија, упатени до тамошните епископи.
За него се расчуло и подалеку од неговата диецеза и на многумина им било значајно неговото мислење. Дека навистина бил ценет пастир, покажува еден настан поврзан со него. Во тоа време сѐ уште не бил утврден канонот околу празнувањето на христијанската Пасха. Еврејските христијани и Црквите од Мала Азија не прифатиле да ја прославуваат Пасхата со други Цркви, во неделата по еврејската Пасха, но го одржувале обичајот да се слави на денот на Пасхата, на полна месечина.
Оваа разлика директно се одразила на литургискиот живот на Црквата во Рим, бидејќи таму живееле христијани од сите делови на империјата, а имало и од Мала Азија.
Во врска со овој спор, Римскиот Епископ Сотир побарал од сите христијани што живеат во Рим да се придржуваат кон римските практики, но тој лично, не се мешал во литургискиот живот на Црквата во Мала Азија. Кога на негово место дошол Епископот Виктор, тој енергично се зафатил за решањање на овој многугодишен и сеправославен спор. Им се заканил дека ќе ги исклучи од општата црковна заедница Црквите од цела Азија, заедно со соседните Цркви, како неправославни, барајќи за тоа поддршка од сите Цркви на Исток. Му било значајано и мислењето на св. Иринеј, кој спротивно на него, се обидел да создаде мир во Црквата. Имал мирољубив став, со што и го потврдил името што го носи. Иринеј на грчки Ειρηναίος, оној кој носи мир, на македонски би било Мирко.
Името на личноста, не ретко го оцртува и неговиот карактер. Таков бил и св. Иринеј: тивок, мирен, расудлив, одмерен и се грижел за сите подеднакво и не сакал никој да биде оштетен.
Спорот се состоел во тоа што христијаните од Мала Азија, следејќи ја еврејската хронологија и повикувајќи се на авторитетот на апостолите Јован и Филип, со свечен настан ја прославувале христијанската Пасха на четиринаесетти нисан, што може да падне во кој било од седумте денови во седмицата.
Римската Црква, исто така, според раните обичаи, ја славела смртта на Исус секогаш во петок, денот во седмицата кога всушност и се случила, а Неговото воскресение секогаш во недела, по мартовската рамноденица. На тој начин го продолжувале пасхалниот пост до неделниот ден; сметајќи дека е несоодветно да се прекине постот на претходен датум и да се прослави заедницата пред празникот на Воскресението, првиот ден во седмицата. Според тоа, излегува како едните повеќе да го слават распнувањето (умирањето), а другите воскресението Христово.
Со текот на времето, речиси сите други Цркви се согласиле со Римската во ова празнување, поставувајки го главниот акцент на воскресението – празник во неделата. Оваа римска практика ја создала целата света седмица како свечен пост и сеќавање на страданијата на Господа, додека азиската практика го завршувала постот на 14 -ти нисан, кој понекогаш може да падне неколку дена пред неделата.
Свети Иринеј се наоѓал на средината од овие две струи. Од една страна, роден во Мала Азија и духовно пораснат под нозете на св. Поликарп Смирнски, кој најмногу се залагал за ставот на Малоазијците, а од друга страна, пак, како епископ на запад и под духовно влијание на Рим. Па затоа, како човек не му било лесно да заземе страна. Но, овде не се работи за страна и држење на некои човечки овоземни норми, туку тој секогаш пред себе Го гледал Бога, соборноста на Црквата и спасението за човекот, и се застапувал за мир и разбирање.
Посредувајќи меѓу страните, св. Иринеј изјавил дека разликите во надворешните фактори, како што се датумите на празниците, не треба да бидат толку сериозни за да го уништат црковното единство.
„Зошто тогаш овие спорови? Од каде овие поделби? Го празнуваме празникот, но тоа е со кисел квасец на злонамера и злоба, и ја распарчуваме Божјата Црква; ги набљудуваме надворешните, но ги изоставаме потешките прашања за верата и љубовта. Ваквите празници и таквите пости, како што учиме од пророците, се одвратни за Господа, и од свети Јован и неговите последни зборови: ’Деца, сакајте се еден со друг‘.“ Така ги смирил страстите помеѓу страните и се вратил мирот меѓу нив.
Целиот проблем се разрешил во текот на третиот век, кога римската практика полека добила основа насекаде на Исток. Според логичноста на поставените поими, западната практика имала поголема суштина, па на Првиот вселенски собор во Никеја, во 325 година, се изгласал закон за целата Црква. Овој собор сметал дека е непристојно кај христијаните да се следи практиката на непријателски настроените Евреи и определил Велигден секогаш да се слави во првата недела, по првата полна месечина, после пролетната рамноденица (21 март), и секогаш да биде после еврејската Пасха.
Дела
Како епископ, свети Иринеј мудро го водел своето стадо во тешките времиња, бидејќи многу неволји ја нападнале Црквата Христова: пагани идолопоклоници ги прогонувале христијаните, а безбожните еретици почнале да создаваат конфузија и раздор во Црквата Божја. Свети Иринеј, заради името Христово, трпеливо ги трпел сите притисоци и непријатности што му ги нанесувале идолопоклониците, но и бестрашно се борел против еретиците за своето стадо, со збор и пишано слово.
Свети Иринеј бил епископ во вистинската смисла на повикот. Неуморно бдеел и се грижел за чистотата на својата нива. Безрезервно се грижел за од Бога даруваното му паство и покажал голема ревност во разобличување и побивање на тие еретички учења. Покрај другото, бил многу плодоносен црковен писател, и со своите пишани дела, не само што ја бранел правата вера од лажните учења, туку поставил темел и основа за надоградба на теoлогијата на идните свети отци.
Како теолог, Иринеј е најзаслужен во областа на еклисиологијата, сотириологијата, антропологијата, потоа за учењето за Света Троица, за единството на битието Божјо, за Логосот, за воплотување на Логосот. Суштински го објаснува значењето на Светото Предание и на Светото Писмо, и нивната меѓусебна врска и уште многу други теми.
Негови најголеми непријатели, кои го сееле каколот меѓу живите, биле гностиците. Гностиците биле езотерична секта, кои се сметале за посебни и избрани да ја знаат и чуваат вистината, што е во спротивност со духот на Евангелието. Според нив, вистината можела да се спознае со умот и од тука називот гностици (гнозис=знање) и само на избраните тајно им била пренесувана. Нивниот систем бил измешан од паганска и елинска философија, натопена со христијански примеси. Во суштина тие се дуалисти и се смета дека потекнуваат уште од апостолско време, односно од еден од седумдесетте избрани апостоли – Николај, којшто отпаднал од верата и од вистинското служење.
Тој многу добро ја проучил нивната гностичка литература, но и делата на поранешните црковни писатели: св. Климент Римски, св. Поликарп од Смирна, св. Папиј Ераполски, св. Јустин Философ и други. Неговата цел била да открие што учат еретиците, за да може да ги побие и да го исчисти просторот за вистинската апостолска вера: „еднаш дадена на светиите“ (Јуд. 1, 3). Иако живеел на Запад, тој пишувал на својот грчки јазик.
Покрај бројните фрагменти, зачувани се само две негови списи во целост. Најзначајно е она со наслов: „Искривување и побивање на лажноименуваното знаење“ или само „Против ересите“, во пет книги. Второто негово зачувано дело е: „Излагање на апостолското учење“. Во него ги објаснувал основните вистини на христијанското учење и тоа преставува прв катихизис на христијанската вера.
Делото „Против ересите“, свети Иринеј започнал да го пишува на барање на негов пријател со цел да ја побие ереста на валентинијанците, кои во тоа време во голема мера го ширеле своето лажно учење не само во Рим, туку и во Галија. Сакајќи да ја покаже лажноста и суштината на ереста на Валентин, која ги повторува заблудите на поранешните еретици, свети Иринеј дал опис на гностичките учења на Валентин, а ги опишал и сите стари ереси што се појавиле порано. Со вистинска христијанска мудрост ги разобличил сите еретички заблуди и им го објавил на верните единственото спасително учење на Христијанската Црква.
Водечката мисла на богомудриот отец, свети Иринеј, е дека секој што сака да ја дознае вистината треба да се обрати кон Црквата, затоа што единствено апостолите ја пренеле божествената богооткриена вистина. За него, само Црквата е верата на животот и таа е чувар на вистината вера. Тој, на Црквата и единственото Црковно Предание, ѝ дава големо значење. Црквата и црковното собрание го поистоветува со Евхаристијата и евхаристиското собрание. Каде што нема Евхаристија – нема ни Црква, и обратно, надвор од Црквата нема Евхаристија. За него, само Црквата ја чува вистината, а Евхаристијата ја потврдува Вистината. „За нас, Евхаристијата се согласува со верата и Евхаристијата го потврдува (нашето) верување“ – пишува св. Иринеј.
Основниот критериум за вистината е Светото Предание, како пренос на правилната вера. Традицијата на Црквата е една и иста насекаде, затоа што има само еден извор – Господ Исус Христос, додека гностичките традиции се дело на многу луѓе. Вистината припаѓа на целата Црква, и затоа е невозможно да се зборува за апостолско наследство без врска со апостолската вистина. Само Црквата, водена од Светиот Дух, може да сведочи за таа Вистина. Владеењето на верата се пренесува со епископското преемство, и без исповедање на правилна вера нема валидно епископско преемство. Тој признава Божја вдахновеност за сите четири Евангелија, веројатно како реакција на модифицираното Маркионово Евангелие според Лука, кое тие го сметале за единственото точно Евангелие.
Делото „Против ересите“ ги побива гностичките учења со аргументите на човечкиот ум, ги разгледува прашањата за црковното Предание и за Писмото, како и прашањето за воскресението на човекот. Ова негово дело во целост го има само во превод на латински, направено на почетокот на III век. Грчкиот оригинал може да се реконструира речиси целосно врз основа на неговите фрагменти сочувани од Евсевиј, Иполит и Епифаниј.
Окупирани со апстрактни и неплодни шпекулации на паднатиот и помрачен ум, не разбирајќи ја суштината на Христовиот крст, гностиците залудно се обидувале да ја разберат за нив старата бездна во која се губи незнабожечката философија. Прашањата со кои тие се занимавале: Кое е потеклото на човекот? Од каде доаѓа Бог? Од каде доаѓа злото? Зошто е дозволено?, и сличните на нив, можат да се разберат само со смирен и просветлен ум, а не со горд и помрачен. И само Христос е единствената светлина и вистина, и само во Евангелието може да ги најдеме одговорите на сите прашања.
Заедно со дискусијата со гностиците, свети Иринеј се осврнува на прашања од егзегетска и догматска природа, а особено на прашањата од библиската сотириологија: „Првородното Слово снисходи (се спушта) до творението, а од друга страна, творението го прима Словото и се искачува кон Него, се искачува повисоко од ангелите и станува Божји лик и подобие“. За Иринеј, Христос е Тој што направи невидливиот Бог да стане видлив за луѓето.Тој ќе е прв којшто ќе ја развие тезата дека „Бог станува човек, за да ја обожи човековата природа“, фраза, која подоцна успешно ќе ја промовира и рашири св. Атанасиј Велики во изразот: „Бог стана човек, за човекот да стане бог по благодат“. Оваа теза подоцна ќе стане најкористената и најцитираната теза во православната теологија.
Тој ја развива и тезата за Христос како „нов Адам“, Кој го спаси човекот и за Богородица како „нова Ева“, преку Која се спаси човекот. Според него: „Христос е новиот Адам Кој го поништува она што го направи стариот Адам. Таму каде што Адам покажа непослушност поради плодот на дрвото, Христос сведочеше за послушност до неговата смрт на крстот на дрвото. До падот, Адам имаше карактер и сличност. Обичноста се состоеше во посебна натприродна светост, бесмртност, доблесен живот, подобие кон Бога, единство со Него. Со падот на Адам, човештвото ја загуби својата сличност, но со воплотувањето на Логосот, доби можност да се спореди преку своите дела и неговиот начин на живот. Чинот на обновување на подобието сега е во рацете на самиот човек, иако тој може да ја прими сличноста и како дар на божествената благодат, но и како награда за соодветен начин на живот“.
Свети Иринеј успешно го унапреди авторитетот на канонот на Светото Писмо и на верата, како и авторитетот на епископската служба. Голема заслуга има и за составување на канонот на Светото Писмо, и од неговите списи можело да се утврди и точно да се знае кои книги се боговдахновени и за црковна употреба. „Во тоа време – пишува Иринеј – Евангелијата, Посланијата и другите инспирирани списи на апостолите почнаа да се собираат во том. Апостолските посланија отсекогаш биле читани на местата каде што биле упатени, како и во соседните собранија; но немало универзално примена збирка на евангелиски поуки, а постојните служеле во нивните сфери само за приватна употреба“. Во негово време Црквите потесно се поврзуваат, почнале да комуницираат едни со други во нивниот заеднички интерес против еретиците, и си ги разменувале вистинските апостолски списи; и така канонот започнал да се формира во првата половина на вториот век.
Во своите текстови тој често го цитира Светото Писмо на Стариот Завет (Септуагинтата) и многу од делата на светите апостоли. Од сите црковни писатели до него, тој упоребува најмногу книги на делата апостолски кои подоцна ќе влезат во канонот на книгите од Новиот Завет. Во Иринеевите списи не се споменуваат само Посланието на св. ап. Павле до Филимон, Второто послание на апостол Петар, Третото на апостол Јован и Посланието на Јуда брат Јаковов.
Тој е првиот кој признавал четири Евангелија. Има повеќе образложенија за тоа, а најверниот заклучокот го гледа во четвртата глава од Јовановото Откровение преку четирите животински херувими собрани околу Престолот, како што е раскажано, кои изгледале како лав, теле, човек и орел, како симболични преставувања на четирите Евангелија според Матеј, Марко, Лука и Јован. „Така – заклучува свети Иринеј – како што е активноста на Синот Божји, така е и видот на животните, и како што е видот на животните, така е и карактерот на Евангелијата. Четири се животните, четири се Евангелијата, четири се активностите на Господа“. Затоа постојат само четири вистински апостолски, автентични и непогрешливи Евангелија во Црквата. „Невозможно е да има повеќе или помалку Евангелија отколку што постојат во Црквата.“
Главниот и единствен критериум за вистинската вера, според св. Иринеј, е Светото Предание. Црковното Предание е исто насекаде, затоа што има само еден извор – Господ Исус Христос, додека гностичката традиција е создадена од многу луѓе и затоа не може да има валидност. Вистината ѝ припаѓа само на Црква, и затоа е невозможно да се зборува за апостолско наследство без врска со апостолската вистина. Само Црквата, предводена од Светиот Дух, може да сведочи за Вистина. Епископското преемство се пренесува преку правилно исповедање на верата, и без правилна вера нема валидно епископско преемство.
„Бог им ја даде на Неговите апостоли моќта на Евангелието, а преку нив и ние ја научивме вистината, односно учењето на Синот Божји. Господ рече: ’Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил‘ (Лука 10, 16). Планот за нашето спасение го дознавме не од некој друг, туку од оние преку кои Евангелието стигна до нас. Тие најпрво го проповедаа усно, а потоа по Божјата волја ни го врачија Светото Писмо за тоа да биде столб и основа на нашата вера. И не е во ред да се рече дека тие проповедале пред да го добијат совршеното познание, како што некои се осмелуваат да кажат, притоа доживувајќи се како некакви коректори на апостолите. Бидејќи, по воскрението на нашиот Бог од мртвите и тие беа облечени со сила одозгора кога Светиот Дух слезе над нив. Тие се исполнија со сите нешта и добија совршено знаење. Тие отидоа до сите места на земјата, проповедајќи ги добрите дела кои од Бога ни се подарени и прогласувајќи го помирувањето на сите луѓе со Небесата. Секој од нив подеднакво го поседуваше Божјото Евангелие.“
Покрај двете споменати дела на св. Иринеј, се спомнуваат и неговите изгубени дела: „За знаењето“, „За монархијата“, „Бог не е творец на злото“, уште и „За озборувањето“, „За осумте“ и „За расколот“. Тој е еден од оние писатели кои остануваат современи во секое време, бидејќи отсекогаш се осврнувал на важни прашања од христијанската вера и живот.
Така поучувајќи ги сите, свети Иринеј упатил многу христијани на патот на спасението и спасил многумина од паганското идолопоклонство и од еретичките заблуди. По некое време, повторно се појавиле жестоки гонење на христијаните во Лион, и свети Иринеј се покажал и како храбар исповедник за верата, положувајќи си го својот живот за Христос во 202 година.
Свети Иринеј не само што бил почитуван во своето време, туку и до денес останува да биде почитуван, цитиран и опеван од многумина свети отци на Црквата. Затоа нашиот опис на неговото житие ќе го завршиме со пофалниот восклик на св. Кирил Солунски: „Радувај се, Иринее, пресветол зраку на Великото Сонце – Христос, кој се просветли со особени чуда!“
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
05 / 09 / 2021